1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преродба на југословенството во Србија

БГ /АФП
27 мај 2023

Многу луѓе сѐ уште се идентификуваат како Југословени на просторите на поранешната држава. Во Србија е во тек иницијатива тие да се признаат како посебна етничка заедница. Нивна цел не е екс-Југославија, туку идната.

Тито Југославија Знаме
Почитувач на делото на Тито со југословенско знамеФотографија: Getty Images/AFP/A. Isakovic

Секоја година, мала група постари лица во униформи од Втората светска војна, накитени со комунистички ордени му оддаваат почит на нивниот поранешен лидер Јосип Броз Тито во Белград.

Но, три децении по крвавиот распад на југословенската федерација, сѐ повеќе припадници и на помладите генерации ги полнат редиците пред гробот на Тито и го оплакуваат крајот на социјалистичката федерација која некогаш го обединуваше регионот. 

Наспроти вообичаениот национализм во Србија, но и низ целиот Балкан, овие млади луѓе го прифаќаат стариот „југословенски“ идентитет. Голем дел од нив дури отидоа и чекор понатаму и се регистрираа како „Југословени“ на последниот попис во Србија. 

Иван Цветковиќ, 23-годишен студент по економија во Белград, е меѓу декларираните Југословени. Потекнува од мешан брак, едниот родител му е Хрват, а другиот- Србин, па тој не се смета за единствен припадник на една од двете нации. 

„На Балканот, споделуваме ист јазик, историја и менталитет“, вели тој. „Да се биде Југословен е природно за мене“. 

Преродба на југословенството 

Речиси четири децении, југословенската федерација напредуваше во споредба со другите социјалистички држави, а нејзините граѓани можеа слободно да патуваат во странство и да уживаат во релативно добар стандард дома. Но, по смртта на Тито во 1980 година, државата започна да се распаѓа. Се врати национализмот и предизвика серија војни во кои загинаа 130.000 луѓе. 

Сувенири на продажба во Куќата на цвеќето во БелградФотографија: DW/Olga Kapustina

Југославија заврши на ѓубриштето на историјата, а амбициозната цел за обединување на различните етнички и верски групи во регионот под еден идентитет- пропадна.

Но, за оние носталгичните по напредокот и убавите младешки денови, да се биде Југословен има големо значење.

„Јас сум Југословен... Ќе бидам сѐ додека сум жив“, вели 78-годишниот Живко Митрев, кој допатувал од Северна Македонија за да положи цвеќе на гробот на Тито. 

Преродбата на југословенскиот идентитет е сѐ уште во почетна фаза, но е сѐ поопиплив, особено во Србија. На последниот попис во 2022 година, околу 27.000 луѓе се изјасниле како Југословени, раст од четири илјади луѓе во однос на пописот во 2011, и тоа во земја каде бројот на населението се намалува. За многумина, тоа е и форма на протест.

„На југословенството гледам како форма на отпор, по одговорна и поприродна форма на анти-национализам“, вели Виктор Иванчиќ, познат хрватски новинар. 

„Доколку некој може да биде Србин или Хрват врз основа на неговата националност, тогаш може да има и Југословени на база на недостаток на националност“. 

Признавање на заедницата 

Во Србија официјално се признаени околу 20 етнички малцинства. Тоа им овозможува да си ја негуваат културата со јавни средства, како и одредени предности при изборот на претставници во парламентот.

Некои, како популарниот српски писател и радио-водител Дашко Милиновиќ, се надеваат дека ваков официјален статус може да им се даде и на Југословените, кои се побројно од речиси половина од признатите малцинства. 

За Милиновиќ, распадот на Југославија не е пречка за признавање на заедницата.
„Кралството на Рутенија одамна пропадна, но Рутенците сѐ уште постојат“.

„Ромите, колку што знам, никогаш немале држава, но сѐ уште се Роми“, вели Милиновиќ. 

Пред повеќе од една деценија, српските власти го отфрлија барањето за признавање на Југословените, наведувајќи го како причина недостатокот на „јазик, азбука и литература“. 

За Милиновиќ ваквиот одговор на владата е смешен, објаснувајќи дека Југославија имала официјален јазик, две азбуки и беше дом на познатиот писател Иво Андриќ, кој ја доби Нобеловата награда за литература. 

„Сите нации се измислени и претставуваат политичка идеја. Нацијата не постои во природна состојба, инаку и мечките, птиците и штурците би имале своја“, вели Милиновиќ. 

Но, новиот обид за признавање, сепак би можел да наиде на плодна почва.

„Како граѓанин на оваа земја која има либерални сфаќања, секако дека го поддржувам тоа“, вели Томислав Зигманов, српскиот министер за човекови права и малцинства.

Доколку заедницата успее да собере 11.000 потписи, или околу 40 отсто од луѓето кои се регистрирале на пописот како Југословени, тогаш иницијативата би можела да биде усвоена. 

Наспроти многумина кои го прифаќаат југословенскиот идентитет како акт на носталгија, за Милиновиќ и други, одлуката е многу повеќе за создавање подобра иднина во која напредните идеи ќе го победат национализмот. 

„Ние не сме екс-Југословени. Ние сме идни Југословени“, вели Милиновиќ. „Тука не се работи за поранешна Југославија, туку за идната“.  

Неврзаните и нивните деца

03:37

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми