1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Игра на исцрпување: Една година протести во Србија

30 октомври 2025

Една година по уривањето на настрешницата во Нови Сад, студентите и владата сè уште играат игра на исцрпување. Двете страни пред комеморацијата бараат тон помеѓу сеќавање и политика. И стратегија одржлива до избори.

Група студенти во Србија одат на улица
Студенти од Нови Пазар пешачат до Нови Сад за да присуствуваат на комеморацијата за 16-те лица кои загинаа на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 годинаФотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Доколку околностите во Србија беа нормални, Борис Којчиновиќ од Нови Сад денес ќе прелистуваше водичи за магистерски студии во странство. Наместо тоа, тој паралелно прелистува литература за својата дипломска работа и списоци на волонтери за протестот.

Борис е едно од лицата на студентското движење кое, како што велат неговите другари, ја разоткри очигледната вистина: дека корупција и системска небрежност доведоа до уривање на бетонска настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, при што загинаа 16 лица.

„Нашата победа е што луѓето сфатија дека нешто не функционира и дека ни треба праведно општество со институции што функционираат“, вели Којчиновиќ за ДВ.

Под слоганот „Рацете ви се крвави“ и црвените отпечатоци од дланки кои што го преплавија и онлајн и офлајн просторот, движењето прерасна во мрежа на поддржувачи ширум земјата и дијаспората. Студентите, сакајќи нивниот копнеж по правда да биде слушнат колку што е можно повеќе, шетаа низ градовите, разговараа со луѓето и го охрабруваа самоорганизирањето - дури и контури на генерален штрајк.

Во тој маратон ја завршија првата година: научија да планираат, да преговараат, да издржат – но не и да ја натераат владата да преземе одговорност.

Власта, од друга страна, проба сè: да ги „омекне“ студентите со евтини станбени кредити, професорите со повисоки плати, а потоа да ги заплаши бунтовните граѓани со таргетирање, физички напади и силни полициски интервенции. Ниту една од овие тактики не даде резултати.

Нова општествена клима, стари политички односи

„Тоа е рамнотежа на немоќ“, изјави за ДВ политикологот Зоран Стојиљковиќ. Таа оценка сè уште важи, додава Бојан Клачар, извршен директор на Центарот за слободни избори и демократија (ЦЕСИД). „Се наоѓаме во политичка криза која не е целосно решена и за која не гледаме конечен епилог во блиска иднина“.

Припадници на службите за спасување и полицијата на местото каде што се урна настрешницата на железничката станица во Нови СадФотографија: Nenad Mihajlovic/AFP/Getty Images

Владејачката коалиција е поконсолидирана отколку пред шест месеци, кога протестите беа во својот врв, но сè уште нема целосна контрола врз процесот, ниту ја има својата стара доминација. „СНС беше претежно во дефанзива до крајот на април. Денес, може да поставува дневен ред - и тоа го прави“, вели Клачар.

Ни студентите не се во подобра стартна позиција. Клачар вели дека движењето силно ја промени општествената клима, но не и политичките односи.

„Ниту во однос на инфраструктурата, програмата, идеологијата, ниту на нивото на енергија што постои во овој момент, не се подготвени да го свртат процесот во нивна корист. Значи, двата блока се во игра на трпение, игра на нерви и одреден вид исцрпување“, додава Клачар.

Изборите се најсилниот адут

Расплетот што го посакуваат студентите се избори и тоа е класичниот начин за решавање на ваквите политички кризи, вели Бојан Клачар. Владата, меѓутоа, ретко зборува за избори. Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека тие ќе се одржат следната година, но не прецизираше кога. Клачар смета дека датумот на изборите е најсилниот адут на СНС, бидејќи може да го избере времето и на тој начин да остане еден чекор пред своите противници.

„На СНС најмногу би ѝ одговарало ако изборите се одржат за околу една година или нешто подоцна“, вели Клачар. Сепак, дотогаш, владата ќе мора да понуди повеќе „добри вести“ и да ги реши акумулираните меѓународни проблеми – од санкциите врз Нафтената индустрија на Србија до можните тешкотии во снабдувањето со гас. „Без решавање на овие прашања и без обезбедување на стабилност што ја претпочитаат гласачите на СНС, не сум сигурен дека партијата ќе биде целосно подготвена за избори“.

За студентите, од друга страна, клучни се два услова: одржување на висока протестна енергија и создавање референдумска атмосфера.

„Кога се креира референдумска атмосфера, некои недостатоци се поместуваат во втор план. Не се важни имињата, не се важни луѓето кои се на листа, не се важни темите, не се важни идеолошките позиции, не се важни ставовите кон Косово или Република Српска, плановите за НИС или плановите за европска интеграција“, објаснува Клачар.

Смртта на 16 лица во Нови Сад и последователните обвинувања за широко распространета корупција и небрежност предизвикаа бран протести што траат речиси една година (фото: протест во Белград на 1 септември)Фотографија: Djordje Kojadinovic/REUTERS

Рејтинзите се лажливи

Дел од јавноста верува дека за „референдумска“ атмосфера е неопходна соработка со опозицијата. Студентите го отфрлаат тоа - не (само) од „чистотништво“, туку и затоа што „значаен број студенти не веруваат во чесните намери на опозицијата“, вели Борис Којчиновиќ. Можни се , вели, условни партнерства, од типот на отстапување на инфраструктурата, но без потопување на студентскиот идентитет.

„Некој може да каже дека ги ставаме во незавидна позиција сите луѓе кои се занимаваат со политика со години и сакаат да постигнат нешто, и јас можам да ја разберам нивната незавидна позиција, но можам да ја разберам и повисоката цел што ја имаме во моментов“, вели Којчиновиќ.

Според некои анкети, објавени од агенциите за истражување на јавното мислење, студентската листа има предност, иако формално сè уште не постои. Бојан Клачар, меѓутоа, тврди дека единствено сигурно може да се мери рејтингот на СНС, а тој, вели, не паднал драматично.

„Дојде до хомогенизација на блоковите. Студентското движење ги оснажи луѓето против власта и ги направи повидливи, но СНС ја фокусираше својата комуникација на задржување на постојната база, па затоа нејзината поддршка остана слична како и претходно“, вели Клачар.

Подготвени и покрај неизвесноста

Засега, студентите не обрнуваат внимание на рејтинзите, туку работат „со полна пареа“ за да бидат подготвени за избори. Паралелно со протестите, тие ја „склопуваат“ изборната инфраструктура - тимови, набљудувачи, програма. Нивниот список на кандидати е речиси готов, но таен. Поради нивната дискреција во врска со имињата, тие добиваат и критики и аплауз: некои бараат граѓаните веднаш да добијат конкретна понуда, додека други веруваат дека е поумно да се почека за да се избегне рано дискредитирање.

Меѓу српските студенти во блокада

01:22

This browser does not support the video element.

„Она што е студентско движење, тоа е и студентската листа - разновидна по образование, потекло, па дури и политички ориентации“, вели Којчиновиќ.

Сепак, тој признава дека е загрижен што движењето се свртува кон десно. Тој верува дека ова е последица на длабинските проблеми во формалното образование и наративите што се пласираат во медиумите.

„Мислам дека овие луѓе едноставно не го разбираат целосно контекстот на сите случувања и дека тоа ним им е наметнато. И мислам дека тоа однесло голем број луѓе во заблуда и ги изманипулирало, но не мислам дека превагнало на таа страна и дека е невозможно враќање на основните поставки“, вели Којчиновиќ.

Тие „основни поставки“ се веќе артикулирани низ, како што го нарекуваат, програмскиот минимум со околу дваесет точки што ќе ги преточат во својата програма.

„Идејата е дека не треба да размислуваме дали сме конзервативни или либерални, леви или десни, дали сме верници или не, туку сакаме нешто заедничко, а она што е заедничко е подобро праведно општество со функционални институции“, вели Борис.

Одиме до крај

Во вакво расположение, движењето влегува во одбележување на годишнината од настанот што ги промени и општествените и политичките околности во Србија. Студентите очекуваат околу 10.000 пешаци и 5.000 велосипедисти да пристигнат во Нови Сад во пресрет на 1 ноември, а уште десетици илјади граѓани да им се придружат на денот на собирот.

Антивладини протести во Ниш, 7.09.2025Фотографија: Djordjevic/BETAPHOTO/SIPA/picture alliance

Властите ги обвинуваат за подготовка на насилство и најавуваат „одговор на државата“. Студентите едногласно возвраќаат: насилството не е нивен метод.

„Тоа ќе биде достоинствен комеморативен собир, исклучиво со фокус на жртвите. Помина една година откако тие луѓе загинаа под настрешницата, а никој не одговараше - иако извештаите јасно укажуваат на корупција и вмешаност на делови од системот“, велат организаторите.

По тишината за жртвите, тие се враќаат на бучавата - сè додека не се исполнат нивните барања.

„Ова ќе биде случај сè додека не се распишат избори на кои волјата на граѓаните нема да биде манипулирана, попречена или злоупотребена. Не гледам поинаков можен исход“, заклучува Којчиновиќ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми