1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Илинденските чествувања - мегдан за меѓупартиски обвинувања

ДТЗ
2 август 2022

Власта ја обвинува опозицијата за кочење на ЕУ процесите, а таа, пак, порача дека нема да дозволи предавство. И едните и другите повикаа на обединување, но првите за влез во ЕУ, а нивните партиски опоненти за референдум

Nordmazedonien Feier Tag der Republik | Rede Ministerpräsident Dimitar Kovacevski in Krusevo
Фотографија: Government of North Macedonia

Илинденските чествувања и годинава беа мегдан за меѓупартиските обвинувања во светлина на европскиот пат на земјата, уставните измени како услов за напредок на тој пат и референдумот којшто го најавува опозицијата за преговарачката рамка за ЕУ. Кој е поголем патриот и кој повеќе ја сака Македонија - е клучното прашање околу кое траат препирките речиси на секоја прослава на големиот македонски празник Илинден. Додека премиерот Димитар Ковачевски вели дека нема поголем патриотизам од носењето државнички одлуки за развој и просперитет на сите граѓани, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски од струшко Ташмаруништа порача дека се подготвени да ја платат секоја цена за да ја зачуваат Македонија и националните интереси. Повикувајќи ги граѓаните да го поддржат референдумот, тој обвини дека Македонија е „продадена одвнатре“, дека „СДСМ се безрбетници кои коленичат каде ќе стигнат“, а единствен излез од тоа се нови избори. 

Покрај главните манифестации на Мечкин камен во Крушево и во Скопје, по 18 години за првпат Илинден се одбележа и во манастирот „Прохор Пчињски“ во Србија.

На прославата во Крушево, пак, опозицијата обвини дека присуствувале само партиски активисти, додека на бројни членови на ВМРО-ДПМНЕ не им било дозволено да пристапат. 

Опозицијата обвини дека на прославата во Крушево присуствувале само партиски активисти, додека на бројни членови на ВМРО-ДПМНЕ не им било дозволено да пристапатФотографија: Government of North Macedonia

Обединување за европска иднина

„Не постои поголем патриотизам од носењето на државнички одлуки. Илинденците со оружје в рака се бореле за ние денес да можеме да водиме други, поинакви битки, за развој и просперитет на сите граѓани“, порача премиерот Димитар Ковачевски во својот говор на Мечкин Камен во Крушево.

Според него, сега е време за обединување, за заедништво, за верба во подобро утре, но пред сѐ за посветена работа за да се развие силна, успешна и просперитетна европска држава. „Како што успеавме да се обединиме независно од нашата етничка и верска припадност, нашата заедничка должност е да се обединиме и независно од политичките определби, како Илинденците и АСНОМ-ците и ние да ги поставиме пред нас државните приоритети. Тие приоритети и во времето на Илинден и во времето на АСНОМ и денес се напредок на државата“, рече Ковачевски.

Според него, нема поголем државен приоритет од патот напред, којшто носи перспективи за иднината на младите и економски напредок за граѓаните. „Тоа е можно со интеграцијата во европското семејство и повикувам на обединување на генерациите на денешнината за остварување на оваа стратешка државна цел. Нејзините корени се во Илинден и затоа Илинден нека биде нашата сила за нашата иднина“, рече Ковачевски.

Преку обединување против предавства

Пораки за обединување испрати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но „за борба против предавствата и болната реалност“. Од струшкото село Ташмаруништа, тој повика преку обединување за Македонија да се вратат енергијата и државата, да се врати изгубеното и да се создава иднина, без откажување, како илинденците.

„Да се избориме за уште еден нов Илинден, каде ќе имаме победа на Македонија над сите неправди, инсталации и сили кои нѐ влечат надолу“, рече Мицкоски, кој повика граѓаните да го поддржат референдумот. „Народот да биде спокоен, без оглед на тоа што ќе смисли оваа власт како опструкција или отпор за референдумот, гаранцијата и блокадата за зачувување на Уставот од страна на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се факт и тоа останува“, порача Мицкоски.

Тој вели дека референдумот е огледало на немоќта на власта и на нивниот морален хазард и бегајќи од него сакаат „да го пренесат народот жеден преку езеро“, без притоа да имаат обѕир за тоа каква катастрофа прифаќаат. Според него, секое бегство од референдумот е бегство од народот, а со тоа се покажува колкаво предавство се прави на Македонија и македонскиот народ.

Притоа укажа дека на државата ѝ се случува историско дежаву, на сите аспирации на дел од соседите, кои во различни облици ја следеле земјата како проклетство низ вековите. „Не е проблем што тие удираат, но болката е што одвнатре Македонија е распродавана. И тука немаме ние некаков идеолошки судир, туку постои математичка пресметливост на владејачката елита, која преку трговија со најскапото ја задржува власта. Власта за мене е одговорност да се води, власта за оваа моментална елита е да ја крадат земјата“, рече Мицкоски. 

Историската вистина не може да се замолкне

Граѓаните не треба да се плашат дека некој ќе ги асимилира, порача претседателот Стево ПендаровскиФотографија: Government of North Macedonia

На актуелните политички случувања во земјата претходно се осврна и претседателот Стево Пендаровски, кој е свесен дека кај дел од граѓаните постои страв дека на тој пат кон ЕУ ќе биде цензурирано македонското историско паметење. „Дека наводно веќе нема да може да спомнуваме против кого се бореле нашите херои. Или дека ќе треба да ги затвориме очите пред фактите за депортацијата на македонските Евреи и масакрот на младинците во Ваташа. Дека ќе ги затвориме ушите и нема да ги чуеме сведоштвата на нашите последни живи борци од генерацијата која на своја кожа ја искусила окупацијата од периодот 1941-1944, спроведувана од профашистичката влада во Софија“, рече Пендаровски. Тој е дециден дека историската вистина не може да се замолкне ниту со договор ниту со протокол. „Со историската вистина нема компромис, говорењето на историските факти никогаш не било, ниту може да биде говор на омраза. Затоа ќе продолжиме да ја зборуваме вистината и само вистината“, кажа претседателот Пендаровски, кој ги повика граѓаните да не се плашат од асимилација.

„Не треба да чувствуваме никаков страв. Ако македонскиот народ не подлегнал на обидите на асимилација, денационализација и историски ревизионизам во периодите кога бил обесправен и немал своја држава, денес, при своја држава, шансите за такво нешто се непостоечки. Имаме намера да ги исполниме сите услови од преговарачките поглавја, но немаме намера со кого било, место за европски вредности, да разговараме за возобновување на империјалистичките концепти и идеи од минатите векови“, рече Пендаровски. 

Претседателот на Собранието Талат Џафери во денешното обраќање во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце по повод националниот празник Илинден, рече дека „имаме една заедничка држава“ и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија. Според него, сега започнува вистинската битка за реформирање на институциите, за консолидирање на редовите, за спроведување во пракса на усогласените закони со европското законодавство и за тоа треба единство, искрен и несебичен придонес на секој еден поединец во државата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми