1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
15 февруари 2023

Наместо ВМРО-ДПМНЕ да живее во илузијата за предвремени парламентарни избори, мора да смисли и постави мудра политичка стратегија со цел да ја валоризира актуелната политичка предност пред СДСМ. Пишува Никола Тодоров

Партиската централа на ВМРО ДПМНЕ во СкопјеФотографија: DW/Petr Stojanovski

Повторно се распрсна илузијата дека ВМРО може да направи ново парламентарно мнозинство. Некако како да стана правило, секогаш кога ВМРО зборува и најавува ново парламентарно мнозинство, не ВМРО, туку власта да формира ново и посилно парламентарно мнозинство. И секогаш тоа ново парламентарно мнозинство се прави со некој од, дотогаш, албанските партнери на ВМРО. Со последново, ново парламентарно мнозинство, јасно се потврди и тоа дека предвремени парламентарни избори нема да има во 2023 година и дека парламентарните избори ќе бидат во 2024 година.  Ова значи дека ВМРО ќе сруши еден неславен рекорд, односно ќе биде во опозиција повеќе од 7 години. Никогаш порано во плуралната историја на Македонија не се случило ВМРО да биде во опозиција толку долго, односно СДСМ да владее толку долго, а толку лошо. Но, ова е тема за друга дискусија. 

Гласови за победникот 

Она на што сакам да обрнам внимание е фактот штопредвремени парламентарни избори може воопшто да не се случат, односно следните парламентарни избори да бидат во нивниот редовен термин во јуни 2024 година. Ова ќе значи дека најпрво би се организирале претседателски избори во 2024 година, а потоа за неколку месеца би се организирале редовните парламентарни избори. Ќе речете, ова е нелогично, расипничко и нерационално трошење на државни пари во време на криза и кога тоа е најмалку потребно на државата. Така е, но ова може да биде најмногу потребно на владејачката структура, односно да преставува единствен возможен политички маневар за евентуално задржување на власта до 2028 година.

-Повеќе од авторот: Роденденот на Гоце може да се претвори во балкански хорор филм

ВМРО сигурно дека ќе негодува и ќе се спротивставува, но СДСМ и ДУИ, а сега и Алијанса, може да се договорат најпрво да организираат претседателски избори, а потоа, откако евентуално би победил нивниот заеднички кандидат за претседател, да одат како победници на следните редовни парламентарни избори. Тактиката во случајов е да формираат предизборна коалиција и да застанат сите зад заеднички претседателски кандидат, кој во првиот круг би се спротивставил на кандидатот на ВМРО, но и на извесните кандидати на Левица, можеби и на БЕСА и на некој од здружените помали политички субјекти. Тоа би значело дека во вториот круг би оделе кандидатот на здружената власт, против кандидатот на некомпактната опозиција, што би ја поставило власта во пол позиција, со значително поголеми шанси за победа во вториот круг. Ова е многу важно, затоа што партијата која ќе победи на претседателските избори, многу веројатно е дека ќе победи и на следните парламентарни избори од причина што во секоја држава, па и кај нас, има определен квантум на гласови кои секогаш одат кај победникот, односно кај онаа партија за која се верува дека ќе победи. Победата  на избори само два месеци претходно, многу јасно ќе го покаже бројот на гласачкото ливче кој ќе го заокружат овој тип на гласачи. 

Кај нас бројот на овие гласови не е помал од 20 илјади, што во услови на слаба очекувана излезност, може да биде сигнификантен контрибутор во победата. Во една ваква хипотетичка ситуација, со победа на претседателските избори, власта, доколку одлучи да оди на парламентарните избори со македонско-албанска предизборна коалиција, потпомогнато од позитивниот бран од евентуална победа на претседателските избори, може, неочекувано, и целосно незаслужено, повторно да ја постави во пол позиција и за следните редовни парламентарни избори. 

Никола Тодоров, автор на колумнатаФотографија: DW/B. Gerogvievski

Клучот во шестата изборна единица 

Шестата изборна единица во овој случај би била клучна за победникот. Македонско-албанска предизборна коалиција на власта нема да значи дека буквално ќе се соберат сите гласови кои би ги имала секоја партија поединечно, но имајќи го во предвид Д'онтовиот модел, во шестата изборна единица власта би можела да направи разлика од 9-10 пратеника во однос на ВМРО, кои ВМРО нема да може да ги надомести со очекуваните големи победи во третата и четвртата изборна единица каде ВМРО, имајќи ја во предвид популарноста на Левица и во тие изборни единици, не би можела да направи разлика од вкупно 7-8 пратеници. Дополнително, мултиетничката предизборна коалиција би можела на власта да и` донесе поволен резултат и во втората и петтата изборна единица, а со тоа и пат до тоа повторно мандатот за состав на влада да се довери на власта. Дури и да не успее да состави влада, тоа нема задолжително да доведе до тоа ВМРО да состави влада, туку до можноста да влеземе во бугарското сценарио на бескрајно долга техничка влада, која во овој случај би била предводена од власта.

Ова е крајно неповолно сценарио за кое ВМРО мора да има подготвена мудра политичка стратегија како одговор, а при тоа, таа стратегија да не биде бојкот на претседателските избори.

-Повеќе од авторот: Уставни измени, парламентарни избори, се` или ништо!

Ова е свилен гајтан околу вратот на ВМРО. Додека ВМРО постојано игра на картата на предвремени парламентарни избори, власта може да одигра интригантен потег базиран на претседателски избори организирани пред парламентарните, со наратив базиран на општествената поделба, која од маркетиншки побуди ја форсира власта, на про-европејци и анти-еу коалиции.

Затоа наместо ВМРО да живее во илузијата за нови парламентарни мнозинства и предвремени парламентарни избори, мора да смисли и постави мудра политичка стратегија со цел актуелната политичка предност која ја има во однос на СДСМ да биде во позиција да ја валоризира, да победи и да формира влада после следните парламентарни избори. Но, за тоа клучот се претседателските избори, па ВМРО ќе мора наместо за предвремени парламентарни избори, добро да се подготви и да победи на следните претседателски избори.

Во спротивно, ќе биде срушен уште еден неславен рекорд, па ВМРО ќе стане партијата која најдолго била во опозиција.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми