1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лекарите со апел: Нема место за паника од мајмунски сипаници

ДТЗ
11 август 2022

За да се пренесе заразата потребен е близок контакт со болниот или пак подолго време да се биде во иста просторија со него.

Symbolbild Affenpocken
Фотографија: Davor Puklavec/PIXSELL/picture alliance

Пациент со симптоми на мајмунски сипаници од Кичево веќе неколку дена одбива да се тестира, поради што останува нејасно дали во земјата се појавија првите случаи на оваа заразна болест која што зема замав во Европа. Епидемиолозите смируваат дека нема простор за паника - ова не е болест која што лесно се пренесува. За да се пренесе заразата потребен е или близок контакт со болниот или пак подолго време да се биде во иста просторија со него. 

Тестирањето е доброволно 

Тестирањето за мајмунски сипаници е доброволно, па здравствените институции немаат механизам да го принудат пациентот од Кичево да даде брис за тестирање. Изминативе денови интензивно се разговара со неговото семејство, епидемиолози во Битола во неколку наврати го посетиле неговиот дом, по што надежите се дека до крајот на неделава сепак ќе се обезбеди примерок за тестирање. 

„Откако завчера го напуштил Инфективното одделение во Кичево, со него не е разговарано, контакт е остварен само со членовите на фамилијата“, вели д-р Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести, која изминативе денови имаше состаноци во врска со ова заболување. 

Пациентот, иако му било укажано, не се пријавил на Инфективна клиника за тамошно тестирање, поради што Петличковски апелира тој да покаже совесност за сопственото здравје, но и за здравјето на другите. „Побрзо добивање на резултатот можеби ќе го ослобиди од сомнението ако е негативен, а ако е позитивен побрзо ќе не доведе до контактите кои евентуално се загрозени“, рече Петличковски, повикувајќи уште еднаш на лична одговорност. 

Во земјата се набавени околу 3.300 тестови за мајмунски сипаници.Фотографија: DADO RUVIC/REUTERS

Надзор 

Докторот Злате Мехмедовиќ вели дека се размислува суспектниот пациент да биде ставен под здравствен надзор за да може да постапат надлежните институции, Министерството за здравство, инспекторатот, па дури и асистенција од полицијата и случајот да се заврши побрзо.

„Ова е едно практично решение за секој иден случај каде нема соработка со суспектниот“, вели тој.

Претходно беше тестиран уште еден случај - мигрант од Сирија кој беше повреден во сообраќајната незгода на патот Гевгелија-Демир Капија, но резултатите за мајмунски сипаници се негативни. 

Симптоми и лекување 

Мајмунските сипаници се болест за кои не е предвидена задолжителна изолација. Но, надлежните препорачуваат граѓаните коишто ќе имаат симптоми, сепак самоиницијативно да се изолираат. Тие се заразни кога ќе им почнат симптомите, како што се покачена температура и осип. Најзаразен е секретот од кожните промени, па затоа кога ќе одат на лекар треба да им биде покриен осипот.

Лицата кои имаат симптоми треба да се јават кај матичниот лекар, кој може да ги препрати на Инфективна клиника каде би биле тестирани. Во земјата се набавени околу 3.300 тестови за мајмунски сипаници. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми