1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пазарот бара продавачи, но не и добро платени кадри

2 јуни 2026

Македонија со илјадници слободни работни места – но не и во најплатените сектори. Најголема побарувачка за работници има во услужниот сектор и продажбата

Работници во Германија, 22.07.2002
Има работа, нема луѓе: над 10.000 слободни работни места во МакедонијаФотографија: Thomas Koehler/photothek/picture alliance

Потреба од работници има – но не и таму каде што платите се највисоки. И покрај тоа што во Македонија има над 10.000 слободни работни места, најдобро платените позиции речиси и да не се достапни. Најновите статистички податоци откриваат дека најголема побарувачка за работници има во услужниот сектор и продажбата, додека најголемите плати остануваат резервирани за мал број професии.

Најголема побарувачка во услуги и угостителство

Државниот завод за статистика (ДЗС) ги објави најновите податоци за состојбата на пазарот на трудво првото тримесечје од 2026 година. Според статистиката, во земјата има вкупно 10.247 слободни работни места, што претставува стапка од 2,07%. Истовремено, регистрирани се 484.199 пополнети работни места, што укажува на релативна стабилност на пазарот на труд.

Најголем недостиг на работници се бележи во секторот „сместување и послужување храна“, каде стапката на слободни работни места достигнува 4,94%. Веднаш зад него се административните и помошните услужни дејности со 4,80%.

Според групите на занимања, најмногу слободни работни места има во категоријата:

  • работници во услужни дејности и продажба – 2.346 позиции
  • преработувачка индустрија – 2.174 позиции
  • трговија на големо и мало – 2.067 позиции

Ова потврдува дека најголем дел од слободните работни места се во пониско и средно платени сектори. Од друга страна, најмала побарувачка има во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, со стапка од само 0,15%.

Најплатените сектори речиси и да немаат слободни работни места, што укажува дека овие позиции веќе се пополнетиФотографија: Burkhard Schubert/Geisler-Fotopress/picture alliance

Регионална распределба и компании што вработуваат

Според регионалната распределба, Вардарскиот регион има највисока стапка на слободни работни места – 2,28%. Во однос на големината на компаниите, најмногу нов кадар бараат фирми со 10 до 49 вработени, каде стапката достигнува 3,05%.

Споредбено со претходната година, стапката на слободни работни места останува стабилна и се движи помеѓу 2,02% и 2,14%, што укажува на умерени, но континуирани потреби од работна сила.

Според Државниот завод за статистика, од активното население во државата вработени се 707.385 лица, додека невработени: се 90.499 лица. Од вкупниот број невработени, 62,4% се мажи, а 37,6% жени. Кај вработените, 57,9% се мажи, а 42,1% жени.

Неформалната вработеност бележи пораст – регистрирани се 94.197 лица, што е за 4,3% повеќе од претходното тримесечје. Најголем дел од нив се во земјоделство – 43,6% и градежништво – 17,5%. 

Каде се најголемите плати – а каде нема работници

Интересно е што најплатените сектори речиси и да немаат слободни работни места, што укажува дека овие позиции веќе се пополнети. Во дејноста „транспорт и складирање“ има 757 слободни работни места, во градежништвото недостигаат 639 работници, во „телекомуникациите и комјутерското програмирање“ се бараат 412 работици,  а во рударство и вадење камен има 21 слободна работна позиција. 

Според инфографикот кој го објави Фајнанс тинк, базирајќи се на официјалните статистички податоци, платите во повеќе индустрии како транспорт, телекомуникации, воздухопловен транспорт и фармацевтско производство се движат од 67.041 до 75.976 денари. Помалку или околу 1.000 евра плата имаат вработените во финансиско-услужните дејности, производството на пијалаци, вадење метални руди и управувачки дејности. 

Најголеми плати во Македонија и натаму има во ИТ секторот, каде просечната нето-плата во март достигнала 115.557 денари.

Просечната нето-плата во земјата во март изнесувала 48.433 денари.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми