Како да ја сочувам од заборавот нашата фамилијарна егејска приказна, низ која поминува државна граница, ако не сум способна да им простам на сите што во борбите за Македонија доведоа до тоа, коските на моите предци да почиваат во мртвата шума на некогашното село Бапчор?Ова прашање си го поставив кога пред речиси три децении почнав да ја пишувам „Егејци“, откако една година по смртта на татко ми во 1996, со мајка ми и брат ми бев во Грција во потрага по гробот на баба ми Кица. „Егејци“ е приказна за бегството и егзилот, за верноста во паметењето, за односот на тие со кои растев во Југославија, а не беа „Егејци“, туку „Вардарци“. „Егејци“ е нашата македонска фамилијарна трагедија која е идентична кај многу македонски фамилии, па затоа е семакедионска. In medias res. Да се погоди „јадрото на нештата“. Тоа е значењето на латинската поговорка. Според мене, јадрото на македонската состојба денес е неопходноста од семакедонско простување.
„Простување“ и трауми
„In medias res“ се вика неверојатно професионалното списание на студентите од Катедрата за компаративна и општа книжевност на Филолошкиот факултет. Тоа ме натера да ги запишам овие сознанија, иако ги носам во себе одамна. Главниот уредник, Андреј Медиќ Лазаревски. ми го испрати минатата недела најновиот, 6-ти број, затоа што во него се објавени неколку извонредни есеи на негови колешки за моите романи. Блокот започнува со интервјуто со мене, кое Ангела Бошкоска го направи во мај 2025, откако мојот последен роман „Простување“ влезе во финалето за наградата „Роман на годината“. Иако романот го напишав како безлична и безимена приказна за траумата од војната, без имиња на земји, места и личности, Бошкоска верува дека јас повторно ја раскажувам егејската бегалска приказна.
Зошто е полесно „Простување“ да се толкува само како приказна за „Егејците“? Затоа што во македонската литература траумата од војните и бегалството досега се поврзува само со „Егејците“. Но што е со „траумата на Вардарците“? Нели и тие ја делат трагичната судбина од поделбата на Македонија? Ако е така, мора и тие да имаат наследена траума од македонската историја, исто како и „Егејците“. И иако во Југославија сите знаеја дека од Егејска Македонија пребегаа Македонци преку грчко-југословенската граница кај „своите“, кај другите Македонци, кај „Вардарците“, тие, сепак, во нив гледаа небаре туѓинци? Зошто? Поради тогашната сложена геополитичка состојба. Егејската траума им е позната на сите Македонци поради првата генерација на писатели како Ташко Георгиевски или Иван Чаповски. Моите романи на таа тема дојдоа многу подоцна и се насочени врз траумата, а не врз описот на животот во Егејска Македонија пред Граѓанската војна, како, на пример, кај Ташко Георгиевски.
Родена сум во Југославија, ја паметам траумата на моите родители и роднини и за неа пишував во „Егејци“ ( Култура, Скопје, 1999). Храбрите теоретичарки како Елизабета Шелева сознаа веднаш дека книгата го поттикнува модерниот дискурс во македонската литература за траумата од војната. Тој дискурс е толку важен бидејќи, доколку траумата не е надмината, не заврши со една генерација, таа ќе се пренесува трансгенерациски на следните генерации, обликувајќи го нивното однесување, иако тие не се свесни за тоа. Тој механизам на пренесувањето на траумата го опишувам во „Простување“ (Или-Или, 2024). Романот е приказна за една куќа крај езерото која памети многу војни. „Призраците“ од минатото на фамилијата во таа куќа ја определуваат и трагичната судбина на „бегалците од езерото“, кои нашле прибежиште во неа. Ако „Простување“ се постави во македонскот контекст, тогаш ирационалното однесување на мајката произлегува од сложената приказна на нејзините вардарски македонски предци во куќата крај езерото која е поврзана со војните. Куќата во романот е симбол за земјата и домот. Тие читатели што во приказната ја препознаваат С. Македонија и Охрид, треба да се запрашаат што е тоа што во семејната приказна на мајката е толку стравотно за неа, така што таа никако не сака да се соочи со него, туку бега речиси на крајот на Европа, во Хамбург? Тоа е нејзиниот срам дека дедо и‘ по татко можеби соработувал со бугарските окупаторски власти во Втората светска војна. Кога го пишував романот, се надевав дека особено литературните критичари ќе си го постават ова прашање, а тоа ќе поттикне едно критичко, искрено промислување кое ќе ја покаже траумата на „Вардарците“.
Во Југославија егејските писатели од првата генерација, тие што во Граѓанската војна беа деца или младинци, смееја да пишуваат за страдањата во Граѓанската војна. Но во литературата напишана од Македонците од „Вардарска Македонија“, немаше многу романи за времето на Втората светска војна и за бугарската окупација. Единствениот роман со таква тема е „Пиреј“ на Петре М. Андреевски, но приказната е за Балканските војни, а не за Втората светска војна.
„Егејците“ и „Вардарците“
Да не ја запознаев германската дискусија за соочувањето со минатото во Втората светска војна преку делото на германските психијатри, Маргарете и Александар Мичерлих, „За неспособноста да се тагува“ (1967) во кое тие првпат укажуваат на колективниот молк на Германците за времето на војната, но и делото на Теодор В. Адорно за егзилот и за траумата на преживеаните од Аушвиц, во 90-тите немаше да имам ментален урнек за книгата „Егејци“. А ниту храброст да изговорам непријатни сознанија, како негативните стереотипи за „Егејците“ кај „Вардарците“. Студентките на компаративна книжевност кои пишуваат за егејската тема во моите романи, поседуваат длабока аналитичност, извонредна фундираност и информираност за клучните дела за траумата, егзилот и соочувањето со минатото во светската литература. Нивните имиња се: Ангела Бошкоска, Елена Карпузовска, Наталија Котеска, Фросина Крушкароска и Весна Југова Гинов. Сите многу суптилно ги протолкувале и најскриените симболи и шифри во моите романи „Простување”, „Егејци” и „Земја на бегалци”.
Восхитена сум од нивната слобода на духот и на мислата, но и од дарбата за херменевтички разоткривања на клучните шифри, што сето време си поставував едно прашање: дали нивното размислување за „траумата на „Егејците”, ги поттикнало да ги прашаат своите дедовци и баби која е „траумата на Вардарците”? Биле ли поттикнати од моите романи да се прашаат какви траги оставиле војните, преселбите, прогонствата, промената на личните имиња „во српско и бугарско време” во самоперцепцијата на нивните родители и роднини?
Денес помислувам дека нетрпението кон „Егејците“ кај некои од „Вардарците“ беше затоа што тие добро паметеа се‘. Но за некои теми владееше во Југославија „конспиративен молк“, како кај мајката во романот „Простување“. „Вардарците“ сигурно ја доживеале драмата на бегалството на „Егејците“ кај нивните роднини кои, затоа што во војната соработувале со бугарските власти, морале да пребегаат во Бугарија. А за нив никој не смееше јавно да зборува, не смееше да сочувствува со нив, затоа што сите се срамат поради „колаборатерите“ во своите фамилии. Весна Гинова Југов неверојатно суптилно го детектира во „Земја на бегалци“ срамот и стравот кај бегалците поради нивната беда, после загубата на домот. Но има и друг срам, тој на тие што биле на погрешната страна“, а тој ги тера народите да живеат во колективен молк. Кога луѓето немаат храброст да се соочат со минатото од војните и со траумите од нив, тие молчат, не им веруваат на другите и не се способни повеќе да се обединат околу една заедничка цел. Во С. Македонија синдромот на разединетоста јасно говори за ненадмината траума и неостварено критичко соочување со семакедонското минато. Состојбата на Македонците во денешната единствена македонска држава, кои не се способни и во најкритичните моменти да се обединат за доброто на народот и за опстанокот на државата, говори за мене многу јасно за ненадминатата траума на „Вардарците”. Траумата потекнува од сложените констелации кои настанувале со промената на „господарите” - Србите или Бугарите. Затоа дури и денес, по осум децении слободна македонска држава, Македонците живеат со страв дека некој ќе им ја одземе С. Македонија. Притоа претставата за С. Македонија е толку митска и нејасна, што трошат повеќе енергија во омраза на Бугарите и Грците, отколку во промоција на тоа што го имаат веќе остварено. Суверена држава која има толку талентирана, умна младина која умее самата да го одбрани својот македонски јазик и македонски идентитет. И тоа на најубавиот начин – преку науката и литературата. Младите луѓе во списанието „In medias res“ го прават тоа со секој нов број. Мојот сон е овие умни девојки да почнат да разговараат во своите фамилии за „внатрешната крипта” ( Борис Сирулник) во нивната фамилија, во која се чуваат во душите страдањата, траумите, но и срамот и стравот за поразите на предците кои биле, од нашата денешна перспектива, на погрешната страна. Со тоа тие би поттикнале да се изговорат трауматичните искуства за кои, можеби, предолго се молчи во „вардарските” македонски фамилии. Приказаните за „егејската траума” ќе им помогнат да го сторат тоа, само кога тие ќе ја прифатат „егејската трума”, како своја, како семакедонска. Нема друг пат за критичко себесоочување со сложената македонска историја, во која не сите биле херои, но сигурно сите верувале дека се борат за слободна Македонија. Ни треба „себепростување” како Македонци од сите делови на географска Македонија. Ако сакаме да го спасиме нашето македонско достоинство, треба да ја имаме величината на дарбата за простување и за трауматичните и грди однесувања на „нашите Македонци”. Наши се и хероите и предавниците. За таков гест на слободата на мислата се способни нашите деца, нашите внуци, како овие умни млади луѓе во In medias res. Никој не може од нас денес да направи ниту Бугари, ниту Срби, ниту Грци, доколку ние не се согласиме на тоа.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.
