1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инаетот како главен енергенс

3 октомври 2022

Меѓу партиските математики и општествениот интерес има нешто што се нарекува управувачки капацитет на власта, кој мора да се отвори и за сугестии што доаѓаат надвор од атарот на „Илинденска“ број 2.

Зградата на владата на Република Северна МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Кога турбините за производство на електрична енергија би биле придвижувани од инает, тензии и постојани меѓупартиски поларизации, Македонија сигурно би била шампион во производство на струја. Ама тој систем работи на друг начин, иако политичките елити даваат сѐ од себе и тој процес да го оптоварат со некој нов „курцшлус“.

Изминатиов викенд премиерот Ковачевски и вицепремиерот Битиќи ја одбија  понудата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ  да одат во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, каде би им бил презентиран концептот на Мицкоски за оптимизирање во искористувањето на домашните ресурси и за обезбедување евтин енергенс, со кои би можеле да се заштедат 300 милиони евра. Тие го поканија Мицкоски в среда да присуствува на седница на Економскиот совет при Владата, откако тој уште еднаш им порача да одберат тим и дојдат во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во ден и време кое ним ќе им одговара, со забелешка дека „нема уште многу време“. Последново се однесува на претходно изнесените информации дека индикативните понуди што сака да ги презентира немаат неограничен рок, и мора да се дејствува во период од една седмица.

Дистанцата меѓу седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и Владата пеш може да се помине за пет минути. Но таа станува многу поголема кога ќе се соочи со суети - како што смета Мицкоски, или со чукање на отворена врата - како што смета Ковачевски, бидејќи и за претходната седница на Економскиот совет била испратена покана до ВМРО-ДПМНЕ, но не дошол ниту еден нејзин претставник.

По ваквото соголување на почетните позициите (суетата на власта е поголема од интересот на граѓаните) и (ако бевте навистина загрижени ќе дојдевте на седница на Економскиот совет) сѐ поизвесно е дека јавноста нема да дознае дали има реална можност во справувањето со енергетската криза  да бидат заштедени 300 милиони евра. Тоа на двете страни им остава простор за натамошно надградување на меѓупартиските обвинувања: опозицијата да тврди дека тоа потврдува оти во игра се големи провизии од увоз на мазут и од транспорт на јаглен преку инстант компании, а власта да вели дека опозицијата блефира.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски понуди разговор со власта за надминување на енергетската кризаФотографија: DW/B. Georgievski

Една изрека што му се припишува на поранешниот претседател на САД, Џон Кенеди, гласи: „Нашето богатство не ја создаде нашата инфраструктура, туку нашата инфраструктура го создаде нашето богатство“.

Македонија не може да се пофали со  енергетска инфраструктура  и затоа сега е во незавидна ситуација. А според светските искуства, во време на неочекувани, вонредни кризи, за успешно справување со нив основна „инфраструктура“ секогаш била довербата на општеството во однос на преземените мерки. Кај нас таа доверба се губи поради надмудрувањата меѓу власта и опозицијата. Кај граѓаните, кои со страв го следат секое движење на броилото во струјомерите, а со тоа и потенцијалниот курцшлус во нивните џебови, има зголемено чувство на неизвесност и разочараност од партиските поведенија, во време кога сѐ уште не се знае епилогот од потрагата по поевтини енергенси.

Катерина Блажевска, автор на коментаротФотографија: Privat

Но, фокусот првенствено е насочен кон власта, бидејќи кај неа е клучот за одлуките, а не кај опозицијата. Можеби во редовни околности „протоколот“ и „редот“ налагаат опозицијата да чукне на владината врата за да го образложи нејзиниот концепт, но во вонредни околности, властите, ако се мудри, не би требало да се држат до вакви формалности, особено што и онака бележат минус во комуникацијата со опозицијата. Ова не е време за пресметки кому би му паднала „круната“ и дали некој би профитирал политички. Бидејќи, тоа е најмалата политичка цена што една власт би можела да ја плати. Најголемата ќе дојде  ако навреме не се обезбедат потребните енергенси.  Тогаш, наративот дека не се ни обиделе да го слушнат концептот на опозицијата ќе добие полн легитимитет, без разлика дали тој водел или не до решение. Отпосле, никој не ќе може да го провери тоа, особено ако главниот збор веќе го земат социјалните катаклизми.

Затоа, вредно е властите да се потсетат дека на отсечката меѓу партиските математики и општествениот интерес има нешто што се нарекува управувачки капацитет на власта. Тој нема да претрпи штета, а ќе добие додадена вредност ако се отвори и за сугестии што доаѓаат надвор од атарот на „Илинденска“ број 2. Барем ќе „светне“ за вистината.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми