1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инаугурацијата во Скопје ја бранува и Софија

ДТЗ
13 мај 2024

Бугарскиот претседател Румен Радев е дециден дека европската перспектива на РСМ зависи од стриктното спроведување на меѓународните договори

Гордана Сиљановска Давкова
Инаугурацијата во Скопје ја бранува и СофијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Бугарија не прифаќа изјави и однесување кои се во спротивност, како со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, така и со договорите меѓу Европската Унија и Република Северна Македонија (РСМ). Ваква порака пристигна од Софија по инаугурацијата во неделата (12.05) на новата македонска претседателка Гордана Сиљановска Давкова, која при давањето на свечената изјава го користеше само името Македонија.

Бугарскиот в.д. премиер Димитар Главчев и бугарскиот претседател Румен Радев излегоа со идентичен став и потсетуваат дека Република Северна Македонија е членка на НАТО, од кое што произлегуваат соодветните обврски и одговорности.

Договорите мора да се почитуваат

„Бугарија постојано и јасно го кажа својот став дека договорите мора строго да се спроведуваат. Убедени сме дека европската перспектива на Република Северна Македонија целосно зависи од имплементацијата на меѓународните договори во кои е членка, како и од одобрениот од Европскиот совет во јули 2022 година“, се вели во соопштенијата од кабинетите на Главчев и Радев.

Радев е дециден дека европската перспектива на РСМ зависи од стриктното спроведување на меѓународните договори од кои земјата е дел, како и од Преговарачката рамка одобрена од Европскиот совет во 2022 година. „Преговарачката рамка, за информирање на одговорните институции во РСМ, нема да се ревидира“, се наведува во соопштението.

Новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска Давкова, ја презеде функцијата откако положи заклетва пред Собранието, при што во името на државата ја изостави придавката „Северна“, што предизвика реакции во Грција, но стигнаа пораки и од ЕУ за почитување на Договорот од Преспа од 2018 година.

Радев е дециден дека европската перспектива на РСМ зависи од стриктното спроведување на меѓународните договори Фотографија: BGNES

Повици за внимателност

Министерството за надворешни работи повикува на внимателност од страна на политичките чинители, особено, како што наведува, од избраните државни функционери. Во соопштението се потврдува цврстата определба на земјата кон недвојбено почитување на уставните одредби и на сите меѓународно преземени обврски како што е целосното почитување на Договорот за стратешко партнерство меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, познат како Договорот од Преспа.

„Изминативе седум години, двете соседни земји развија исклучително високо ниво на политички дијалог, кое резултираше и со неколкукратно зголемување на економската соработка и изградбата на позитивни врски меѓу луѓето. Овие придобивки резултираа со членството на земјата во НАТО, отворање на преговорите со ЕУ, како и со надградба на стратешкото партнерство во стратешки дијалог со САД. Задржувањето на евроатлантскиот курс на земјава претставува основен стратешки интерес и гарант за долгорочната безбедност и стабилност на земјата“, потенцираат од МНР. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми