Инцидент на климатската конференција во Бразил
12 ноември 2025
Голем број домородни активисти и нивни поддржувачи упаднаа на силно обезбедениот простор на Светската климатска конференција во Белем, Бразил.
Видеа од јужноамерикански медиуми покажуваат како тие во вчеравечер (по локално време) насилно отвораат врата и се судираат со обезбедувањето.
На Инстаграм-видеа од неколку активисти се гледа како голема група демонстранти мавта со знамиња и протестира во ходниците на конференцискиот центар.
Според извештаи на Би-Би-Си, безбедносниот персонал на ОН им викал на присутните делегати да го напуштат просторот.
Локална новинарка, која го следела настанот и сака да остане анонимна од безбедносни причини, за агенцијата ДПА изјави дека ваква ескалација се најавувала одамна. Според неа, во Бразил често се убиваат еколошки активисти, „оваа болка постои веќе долго време“. Со упадот, смета, таа, домородните активисти сакале да испратат силна порака.
Илјадници домородни претставници на самитот
На климатскиот самит присуствуваат илјадници претставници на домородни заедници. Тие се борат против уништувањето на нивната татковина, на пример преку сечењето на дождовните шуми.
Претходно се одржа марш низ Белем со околу 3.000 учесници за да се сврти вниманието на здравствените опасности од климатските промени.
Осуда на насилството
Организаторите на маршот се дистанцираа од насилните сцени по завршувањето на нивните демонстрации.
„Дејствата што се случија по маршот не се дел од организацијата на настанот“, соопшти организацијата 350.org.
Според бразилскиот портал „G1“, двајца чувари биле повредени, а на едно видео се гледа како еден чувар крвари од челото.
Засилена безбедносна состојба во Белем
На видеа на социјалните мрежи се гледа и како припадниците на безбедносните сили одвнатре го барикадираат просторот со маси, но не успеваат да го спречат упадот. Кога конечно ја ставаат ситуацијата под контрола, просторот е целосно евакуиран и затворен, а пред приодите кон КОП-просторот се разспоредени војници и други безбедносни сили. На самиот простор, за безбедноста е одговорна полицијата на ОН.