1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаИндија

Индија има најбројно население - ќе стане ли нова суперсила?

Артур Саливан
2 мај 2023

Од крајот на април, Индија официјално е најнаселената земја во светот. Таа ја собори Кина од првото место. Може ли земјата и економски да профитира од ова?

Неделен пазар во Мумбаи
Неделен пазар во МумбаиФотографија: Ashish Vaishnav/SOPA/ZUMA/dpa/picture alliance

Според проценките на Обединетите нации (ОН), Индија сега има население од 1,425 милијарди луѓе. Ова е првпат од почетокот на собирањето податоци за население во 1950 година, Кина да не е најнаселената земја во светот.

Но, оваа вест во никој случај не се сфаќа како знак за зголемената важност на Индија како светска сила. Ванг Венбин, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи, објасни дека иако Индија сега има повеќе луѓе, Кина сепак има повеќе „талент“.

Во Германија, магазинот „Шпигел“ објави карикатура што ја придружува веста. На неа е прикажан целосно пренатрупан, дотраен „индиски“ воз  како престигнува „кинески“ брз воз.

Политичарите и коментаторите во Индија ја осудија оваа карикатура како расистичка. Во еден твит, Сарвеш Каушал, поранешен министер во индиската сојузна држава Пенџаб, пишува: „Зошто развиениот свет не пропушта прилика да ја удри Индија под појас и да го понижи нејзиниот народ? Тие ги имаат сите причини да се грижат: уживаат во славното минато, додека се соочуваат со мрачна иднина“.

Но, ако се изземе симболиката, какво е значењето на тоа што Индија сега е најнаселената земја на светот?

Предизвик за Индија: демографска дивиденда

Срикант Кондапали, професор по кинески студии на универзитетот „Џавахарлал Нехру" во Њу Делхи, вели дека некои реакции на овој развој се пристрасни и расистички кон Индија.

„Сметаме дека нашето население е предност, а не проблем", оценува тој за ДВ и посочува дека просечната возраст во Индија е 27 години, што е под светскиот просек. Тоа, според него, ѝ обезбедува „демографска дивиденда" на земјата. „Клучните индикатори се подобруваат, стапката на писменост се зголемува, како и здравствената заштита. Денеска сме петта по големина економија во светот, до 2030 година сакаме да бидеме на трето место."

Индија има една од најбрзо растечките економии во светот. За 2023 година Светска банка очекува раст на земјата од околу 6,9%. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) прогнозира просечна стапка на раст од 6,1% за следните пет години.

Индија сега со 1,4 милијарди луѓе е најнаселена држава во светотФотографија: Kabir Jhangiani/ZUMA Press/picture alliance

Иако младото население во земјата често се смета за плус, Индија се бори со високата невработеност кај младите. Минатиот декември, невработеноста во урбаните средини достигна 10,1%, што е растечки проблем, за кој придонесоа и отпуштањата во текот на пандемијата. За младите, добро обучени работници недостигаат пред сè подобро платени, квалификувани работни места. Во преработувачкиот сектор, стапката на невработеност понекогаш достигнува и до 20 проценти.

Невработеноста и инфлацијата се најитните проблеми во Индија пред следните избори, што треба да се одржат во мај 2024 година. За Кондапали е јасно на што треба да се фокусира владината политика доколку Индија сака да има полза од растечкото население во наредните години: „Неопходно е да се подобрат инфраструктурата и квалификациите, мора да се отворат работни места и да се создаде добра работната средина, како и да се подобрат други основни индикатори за развој на персонал“, вели тој.

Мрачни изгледи за Пекинг

За Кина, фактот што е престигната по население од Индија е повеќе од само обична симболика.

Иако кинеската економија е четирипати поголема од индиската, Пекинг е чувствителен на намалувањето и стареењето на населението во земјата. Бројот на Кинезите постари од 65 години до 2050 година ќе се удвои, со што ќе падне голем товар врз грбот на помладата работна сила.

Владејачката кинеска Комунистичка партија презеде различни мерки за да го спречи падот на наталитетот. Реакцијата на кинеските државни медиуми на извештаите од Индија укажува на одреден степен на фрустрација од ситуацијата.

„САД ги засилуваат напорите да го закочат развојот на Кина и да вршат притисок за натамошно раздвојување, а за тоа најдоа нова причина во извештајот на Обединетите нации“, се вели во коментарот на државниот телевизиски канал ЦЦТВ, каде се додава: „Притоа, сепак, недостасува основно разбирање на законите за развој на населението“.

Кинескиот претседател Ши Џинпинг (д.) и индискиот премиер Нарендра Моди: Ривалството меѓу двете земји може да се зголеми во наредните годиниФотографија: Twitter/PTI/dpa/picture alliance

Најголемо население, но не и суперсила

Кондапали признава дека Кина сè уште ја надминува Индија според клучните индикатори, како што се стапката на писменост и здравствената заштита. Сепак, јазот не е толку голем како што тоа го прикажува Пекинг.

Но, тој нагласува и дека само порастот на населението не значи дека Индија ќе се искачи на ранг на суперсила. „Суперсила се станува врз основа на брутодомашниот производ, технологијата, воената моќ или ‘меката моќ' (термин што го опишува практикувањето на моќ врз основа на културна привлечност, идеологија или со помош на меѓународни институции, заб. на ред.). Ниту една земја не станува суперсила врз основа на големината на нејзиното население“, вели тој.

Кондапали гледа фундаментална идеолошка разлика меѓу Њу Делхи и Пекинг по ова прашање. „Индија нема амбиции да стане суперсила. Од Ши Џинпинг слушнавме дека Кина би сакала да биде во фокусот. Но, ниту еден индиски политичар никогаш не рекол дека Индија сака да стане суперсила“.

Сега, кога веќе не е најнаселена земја на светот, Кина загуби еден аргумент на кој може да го заснова своето тврдење дека е суперсила. Штом Индија ќе се прилагоди на својот нов статус, нејзините амбиции би можеле и` да се променат.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми