Индискиот премиер Моди во Украина: Дипломатски танц по жица
23 август 2024Индискиот премиер Нарендра Моди ќе допатува во Киев денеска, 23 август, во пресрет на Денот на независноста на Украина, и само еден месец по неговата посета во Москва. Посетата сигурно ќе предизвика мешани чувства кај домаќините. Индија опстојува на одржување блиски врски со Русија и покрај инвазијата од февруари 2022 година, и по цена на значително иритирање на Киев и на неговите сојузници. Моди повикува на мир, но и одбива директно вината за војната да ја префрли на Кремљ. Тоа се покажа и за време на неговата посета во Русија во јули годинава и на средбата со Владимир Путин, која се совпадна со смртоносниот напад врз украинска детска болница од страна на Москва. Индискиот премиер одговори со внимателно одбрани зборови. „Кога се убиваат невини деца, срцата крварат и болката е страшна," рече Моди тогаш.
Прва посета на индиски лидер во Украина во последните децении
Украинскиот претседател Зеленски посетата на Моди во Русија ја опиша како „разочарување." Зеленски на интернет напиша дека е „огромно разочарување и страшен удар за напорите за мир кога лидерот на најголемата демократија на светот ќе го прегрне најкрвавиот криминалец во Москва на таков ден".
Моди сега за прв патќе ја посети Украина откако започна војната на 24 февруари 2022 година и ќе биде првиот премиер на Индија што дошол во посета во последните 30 години. „Индија има супстанцијални и независни релации со Русија и Украина и двете партнерства се засебни", рече за медиумите Танмаја Лал, секретар во индиското Министерство за надворешни работи.
Индија сака мировни преговори
Експертите велат дека посетата е чин на балансирање за Индија, што на Њу Делхи му дава шанса да бара мировни преговори. Но, индиската дипломатија ќе мора да одржува тежок баланс.
„Русија е долгогодишен традиционален сојузник, а и Украина имаше многу пријателски односи со Индија. Тешка задача е ова да се менаџира, особено што Украина доби голема поддршка од Западот, со кој Индија исто така има добри релации“, оценува за ДВ Раџив Батија, поранешен амбасадор на Индија и соработник на тинк-тенкот Гејтвеј Хаус.
„Индија сака да ги шири, консолидира и задржи релациите со Русија“, вели тој и додава дека Њу Делхи не е загрижен оти посетата на Киев би можела да ги поткопа релациите со Москва.
Балансирање меѓу САД, Русија и Кина
Воените, трговските и дипломатските односи меѓу Русија и Индија веќе се блиски. Индија од Русија набавува преку 40 проценти од нафтата и 60 проценти од оружјето, а исто така импортира и значителни количини на јаглен, ѓубриво, растително масло и благородни метали.
Фактот дека Русија е оцрнувана од Западот поради инвазијата во Украина ѝ оди во прилог на Индија, бидејќи Москва е мотивирана да се залага за уште поблиски релации. Исто така, во Њу Делхи се свесни дека непријателство со Москва би можело да ја доближи Русија до Кина, главниот нејзин конкурент во Азија. За дополнително да се комплицира геополитичката калкулација, САД и другите западни земји се иритирани од пријателскиот став на Моди кон Русија и од средбата со Путин. Но, ниту Западот не сака Индија да го загуби влијанието во Москва, бидејќи Индија може да служи како противтежа на Кина, во обиди да се премисли Кремљ.
Што ќе прави Моди во Киев?
„Индија ќе се обиде да се прикаже како миротворец и да се ангажира во хуманитарна помош," вели за ДВ Амит Јулка, асистент по меѓународни релации на универзитетот Ашока.
„И покрај блискоста на Индија и САД, има скриени сомнежи. Посетата на Украина ќе служи и за контролирање на штетата однадвор. Иако има блиски релации со Русија, Индија не сака да го налути Западот“, вели Јулка.
Од Министерството за надворешни работи на Индија, велат дека Њу Делхи нема да претстави мировен план во Киев, но дека Индија е подготвена да поддржи преговори за мировен договор.
Што друго е на агендата?
Настрана од војната во Украина, на дневниот ред се и неколку други точки за кои Моди ќе сака да поразговара со претседателот Зеленски. „Ќе се разгледуваат и одбраната и економската соработка и улогата на Индија во евентуалната обнова на поствоена Украина“, вели поранешниот амбасадор Батија.
„Моди сигурно ќе искаже и благодарност за украинската влада за помошта при евакуацијата на индиски студенти откако започна војната", вели тој. Пред војната, Индија во Украина имаше околу 19 илјади студенти, а по инвазијата во февруари 2022 година Украина и Полска соработуваа за да ги евакуираат најголемиот дел од нив во операцијата наречена „Ганга“.