1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инсајдер: Минималната плата ќе се зголеми за 41 центи

ЕМФ
15 ноември 2023

На почетокот на 2024 година минималната плата во Германија треба да изнесува 12,41 евра, јави агенцијата Ројтерс.

Германија работа минимална плата
Минималната плата треба да се зголеми од почетокот на наредната година, јави РојтерсФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Цената за работен час во Германија од почетокот на наредната година треба да изнесува најмалку 12,41 евра, јави агенцијата Ројтерс, која се повикува на неименуван владин претставник. Според овие информации, сојузната влада денеска (15.11) ја одобрила уредбата за зголемување на минималната плата за 41 центи поднесена од министерот за труд Хубертус Хајл.

Според предлог уредбата која ја има на увид Ројтерс, минималната плата во 2025 година треба да се зголеми за дополнителни 41 центи и да изнесува 12,82 евра.

Со тоа сојузната влада ќе го реализира заклучокот на Комисијата за минимална плата донесен на крајот на јуни, кој предизвика делумно остри критики. Телото го донесе заклучокот само со гласовите на работодавачите и на претседателството на Комисијата. Во предлог уредбата се вели дека заклучокот е донесен без гласовите на претставниците на работниците, откако претходно еден посреднички предлог не доби согласност од двете страни. Според законот за минимална плата, владата може да го спроведе заклучокот само непроменет и не смее да определи друга висина на минималната плата. Доколку заклучокот не се спроведе, ќе се остане на сегашната минимална плата од 12 евра бруто за работен час.

Во Комисијата за минимална плата застапениот Сојуз на синдикати бараше покачување на минималната плата на најмалку 13,50 евра. Во предлог уредбата се признава дека покачувањето „од 6,83 проценти е значително помало од актуелниот развој на цените“, но ориентацијата на Комисијата во делот на развојот на тарифите за плати, како што се вели, се базира на минатото и не може целосно да го следи актуелниот развој.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми