Инспекторатот контра општината: Во Крива река нема цијанид
4 април 2025
Неколку недели по еколошката катастрофа во Крива Паланка уште се бараат одговори за хаваријата во рудникот Тораница, но и се отвора прашањето околу кривичната одговорност. „Еколошкиот инцидент во рудникот Тораница нема да остане на половина пат и целосно ќе биде расчистен и ќе има правна разрешница“, вели директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска.
Според А интегрираната дозвола што ја има рудникот, не смеело да им пукне цевка и да се излее вода во Тораничка Река за што веќе се казнети правното и одговорното лице. „Загадување имало, се излеала јамска вода, но во какви размери е загадувањето и дали е за кривична одговорност не може пред време да прејудицираме“, вели Гиновска.
Предистрага за кривична одговорност
Обвинителството во Куманово веќе води предистрага и ги испитува можностите за кривична одговорност за Булмак 2016 ДООЕЛ. Од Државниот инспекторат за животна средина велат дека ќе ги преземат сите мерки во согласност со закон, но засега нема информации за следните чекори на надлежните институции во Северна Македонија, со цел да се спречат вакви инциденти во иднина и да се заштити животната средина.
Еколошкиот инцидент се случил на 14 март во период од 6.30 до 7 часот. Според известувањето од рудникот, пукнала цевка преку која се доведува технолошката вода од таложникот за јамски води до погонот флотација, која не содржи хемиски средства, бидејќи е истечена пред да дојде во погонот на флотација и содржи само механички онечистувања, односно е заматена. Надлежните соопштија дека рудникот Тораница во Крива Паланка е казнет со 200 илјади евра по еколошкиот инцидент којшто ја „посиве“ водата во Крива Река.
Од Министерството за животна средина, повикувајќи се на информации добиени од рудникот, посочија дека водата е само заматена. Но, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, повикувајќи се на извештајот од акредитирана лабораторија за анализа на водата во Крива Река, на прес-конференција соопшти дека во неа истекле тешки метали од рудникот „Торадница-булмак“, еден од најголемите рудници за олово и цинк во земјата.
Според него, концентрацијата на олово во Крива Река е зголемена за 10 пати повеќе. Големо зголемување има и на концентрацијата на цијанид, фосфор и азот во Крива Река. Општината најави дека за ова загадување ќе бара и кривична одговорност.
Различни мостри - различни резултати
Истрага за хаваријата побараа и од еколошките и граѓанските здруженија. Според О2 Иницијативата, Крива Река е сериозно загадена и претставува опасност за животот и здравјето на луѓето, со неверојатно зголемени концентрации на штетни материи, десеткратно зголемено присуство на олово, за стотици пати на цијанид, зголемена pH и концентрации на фосфор, азот и останати тешки метали.
Но, Гиновска вели дека „екоцид не се докажува со земање на само еден литар“, од едно место само со еден примерок, туку со сеопфатна и темелна анализа. Таа тврди дека не е забележан помор на риби во Крива Река.
„Одговорно тврдам дека нема цијанид неколку стотици пати над дозволеното во Крива Река, како што тврдеше градоначалникот на Крива Паланка на прес-конференција на 28 март“, рече Гиновска и потенцира дека кривично се одговара за ширење на паника кај населението.
Таа информираше дека земени се мостри од шест точки пред влегување на реката Тораница во рудникот, во јамските води, по излегување на река Тораница и на уште три точки, како и на истата точка каде градоначалникот утредента земал мостри. „Резултатите ќе ги доставам до Обвинителството и не се такви кави што ги презентираше градоначалникот“, рече Гиновска.