1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во 5 до 12 - трка за нови вработувања во администрацијата

ДТЗ
19 декември 2023

На сајтот на Агенцијата за администрација осамнаа бројни огласи за вработувања во државните институции, министерствата, општините и јавните претпријатија. Ваквата можност наскоро ќе им биде ускратена.

администрација вработувања
Во 5 до 12 - трка за нови вработувања во администрацијатаФотографија: picture-alliance/chromeorange/Bilderbox

Државните институции побрзаа да го фатат последниот воз за предизборни вработувања. Како и пред секој изборен цикус, така и сега, на сајтот на Агенцијата за администрација осамнаа бројни огласи за вработувања во државните институции, министерствата, општините и јавните претпријатија. Ваквата можност наскоро ќе им биде ускратена. За еден месец, Северна Македонија треба да добие техничка влада која што ќе раководи со државата во последните 100 дена пред изборите на пролет. Во овој период многу активности ќе треба да бидат ставени во мирување, а меѓу нив и новите вработувања во администрацијата.

Во моментов се активни десетици огласи на кои се бараат нови кадри. Најголем број вработувања ќе има во државната компанија ЕСМ - каде се бараат дури 500 нови кадри од инженери, електричари, сметководители, па се до хигиеничари, до хаусмајстори, курири, возачи и секретари. Платите се движат од 30 до 60 илјади денари. 

Недостиг на работници 

„Вработувањата се дел од технолошкиот процес за пополнување на работните места“, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски. Со истото образложение подоцна и преку соопштение се огласија и од ЕСМ. 

Од компанијата велат дека од почетокот на 2020 година до крајот на 2023 година бројот на вработени се намалил за 1.190, од кои над 76 проценти биле со работни места во производствениот процес, а над 23 проценти административни работни места.

„Изминатата година кога се соочивме со енергетската криза, се осети сериозна потреба за нови вработени особено во делот на производство на електрична енергија. Потребите за електрична енергија се исти и поизводството е потребно да продолжи со исто темпо, да остане сигурно и стабилно, а за тоа се потребни стручни лица кои ќе го овозможат тоа“, се наведува во соопштението на ЕСМ. 

На сајтот на Агенцијата за администрација осамнаа бројни огласи за вработувања во министерствата, општините, агенциитеФотографија: picture alliance/dpa/Patrick Pleul

Од компанијата велат дека најголема потреба од вработени има во производствениот процес и останат помошен персонал. Над 87 проценти од огласите за вработување се однесуваат на ваков кадар, а само 12 проценти се однесуваат за работни места во административниот дел, но и тие се во функција на производствениот процес.  

Гломазна администрација 

Во пресрет на изборите коишто треба да се одржат на 8 мај 2024 година, огласи за нови вработувања објавија и Фондот за здравствено осигурување - (41 работник), Министерството за надворешни работи ќе прими 15 извршители, во Министерството за транспорт и врски се бара вработување на десетмина, во МИОА ќе се вработат осуммина...Сајтовите се преплавени и со огласи за вработување во бројни државни агенции, јавни установи, училишта, здравствени домови, инспекторати кои истекуваат во декември и јануари идната година. 

Министерот за информатичко општерство и администрација, Азир Алиу, оценува дека секој ден администрацијата има потреба од нови вработувања.

„Има луѓе кои заминуваат од јавен во приватен сектор, имаме и пензионирање, така да тие потреби секогаш се такви. Знам дека континуирано се отвораат огласи во различни институции“, изјави Алиу.

Вработувањата се случуваат во пресрет на изборите и покрај бројните критики од ЕУ за гломазната администрација, потребата од нејзина департизација и итна реформа. Надлежните веќе подолго време најавуваат нови законски решенија за подобрување на услугите и ефикасноста на јавната администрација. Тие треба да опфатат мерки за обука на вработените во јавната администрација, регулирање на работниот однос и модернизација на административните процеси.

Во јавниот сектор до 31 декември 2022 година биле вработени 129.374 лица во 1. 354 институции. Во споредба со 2021 година, бројот на вработени во јавниот сектор е намален за 2.714 лица. Но, бројот на институции и понатаму расте, па така само лани имало осум нови.  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми