Каде затајува системот за борба против корупцијата?
22 ноември 2024Од корупцијата е погодена секоја земја, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Успехот во борбата за нејзино искоренување зависи од соработката меѓу институциите. Ова е пораката којашто ја испратија претставници на Јавното обвинителство, Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување на корупцијата коишто учествуваа на тркалезната маса „Соработка на институциите при борбата со корупцијата“, во организација на Амбасадата на САД, Канцеларијата на ОПДАТ и УСАИД.
„Јавноста и понатаму чека значајни резултати. Корумпираните актери користат различни методи во попречувањето на правдата и за заплашувања насочени кон замолчување на укажувачите. Овие криминалци-предатори мора да одговараат, вашите граѓани го бараат тоа, но и го заслужуваат тоа“, вели заменик амбасадорката на САД, Никол Варнс.
Обединетите нации и Светскиот економски форум проценуваат дека корупцијата одзема речиси пет проценти од светскиот БДП. Но, овој трошок не е само финансиски. „Корупцијата ја задушува економијата и социјалниот напредок и ја лишува Северна Македонија од потенцијалните придонеси. Борбата против корупцијата не е лесна, но присуството на сите институции кои се задолжени за борба против неа, овде денеска, е чекор кон градење на подобар систем на управување. Северна Македонија може значајно да се бори против корупцијата ако секоја институција одговорна за тоа е засилена и соодветно ангажирана и посветена“, вели Варнс.
Обвинителството се реорганизира
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски вели дека борбата со корупцијата никогаш не е лесна, но дека не се обесхрабрени. Тој информираше дека со оглед на законските измени, но и постојаната промена на начините со кои се користат криминалците за вршење на кривичните дела, во Јавното обвинителство е започнат процес на сериозна реорганизација на силите.
„Целта е да овозможиме соодветна динамика на кривичниот прогон и обезбедување на сите докази кои на крај ќе резултираат со ефективни пресуди“, вели Коцевски.
Па така, во секој посериозен предмет во кој е утврдена противправно стекната имотна корист, особено во предметите по кои постапува обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, ќе се спроведува детална финансиска истрага. Не само кон сторителите на кривичните дела, туку и сите со нив поврзани лица.
„Истражните центри во обвинителствата во Скопје, Тетово, Куманово и во ОЈОГОКК работат со полн капацитет, а деновиве ќе објавиме оглас за нивно доекипирање, односно пополнување на сите испразнети места за истражители. Бројот на истражни дејствија кои се преземаат преку истражните центри постојано се зголемува. Расте и бројот на институции со кои е целосно дигитализирана директната размена на информации“, додава Коцевски.
Според него, неопходно е што поскоро да се модернизира системот на посебни истражни мерки и во однос на техничките можности, но и во однос на начините на кои тие се спроведуваат.
„Сторителите на кривични дела постојано го усовршуваат начинот на кој ги преземаат криминалните активности, ги менуваат каналите на комуникација, ги користат најсовремените технолошки алатки за да ги прикријат противправните дејствија. Мора да држиме чекор со нив, дури и да бидеме пред нив. Решени сме да ги користиме сите можности. Да ја поставиме на ново, уште поусогласено ниво, нашата соработка со органите на правосудната полиција, но и со останатите институции, како што се Антикорупциската комисија и Државниот завод за ревизија, со кои практично формираме заеднички одговор кон сите што ги злоупотребуваат јавните финансии“, вели Коцевски.
Колективна одговорност
Претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска вели дека корупцијата го засега секој сегмент на општеството, а борбата против неа бара колективна одговорност, посветеност, координација и транспарентност. Системската и длабоко инкорпорирана корупција го попречува развојот на општеството и инвестициите во инфраструктурата, образованието, здравството, животната средина. Според неа, ефикасното и координирано функционирање на ДКСК, ЈО и ДЗР е клучно за успешно справување со корупцијата.
Корупцијата е еден од најголемите предизвици со кои се соочува секое општество поради тоа што продуцира големи финансиски трошоци кои подеднакво влијаат на развојот на земјата, институциите и благосостојбата на граѓаните. Борбата против неа, не е лесен пат, но со вистински инструменти и соодветни механизми и соработка може да се создаде подобар јавен сектор кој ќе ги постави интересите на граѓаните на прво место, вели помошникот на главниот државен ревизор Марина Блажеска.