Интеграција - што беше тоа?
29 октомври 2025
И во името на партијата ДУИ (Демократска унија за интеграција) и во името на коалицијата НАИ (Национална алијанса за интеграција) клучниот збор барем на „хартија“ е - интеграција. Но, колку таа заложба е втемелена и во нивната политичка пракса, откриваат пораките што оттаму ги упатуваат за локалните избори.
„Зошто се откажавте од поддршката на кандидатот Хаким Рамадани во Брвеница?", упатија прашање од ДУИ до ВЛЕН преку партиска реакција.
Како што е познато, кандидатот на ВЛЕН Хаким Рамадани - кој во вториот изборен круг во Брвеница е во трка со актуелниот градоначалник Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ - ја разбранува јавноста откако на средба со иселеници во Хамбург, најави соработка со ДУИ со цел во општините Кичево, Брвеница, Тетово и секаде кадешто се мнозинство Албанците да победи Албанец.
Против етничка поделба
Повиците за гласање по етничка линија, не наидоа на одборување во јавноста, а изјавата беше критикувана и од премиерот Мицкоски. Претходно, за пренесена слична изјава, беше критикуван и Билал Касами, актуелен градоначалник и кандидат за нов мандат во Тетово, за која тoj изјави дека била извадена од контекст.
„Таа беше политички погрешно толкувана, бидејќи нашите противници се обидоа да ја отворат етничката карта на овие избори“, рече Касами.
Во интервју на ТВ Алсат тој објасни дека намерата не била да се поддржи ниту еден кандидат поради етничка припадност, туку врз основа на морални вредности и политички перформанси.
„Фатмир Дехари е најслабиот кандидат на ДУИ, кој за време на неговото владеење не донесе ништо добро во Кичево. Напротив, им наштети на градот и на луѓето од Кичево. Поради оваа причина, не можеме да застанеме зад него само затоа што е Албанец“, рече Касами.
Тој потенцира дека Движењето Беса отсекогаш ги поддржувало кандидатите кои ги претставуваат интересите на граѓаните, без оглед на етничката припадност.
„Како градоначалник на Тетово, работев за сите граѓани Албанци, Македонци, Турци, Роми. Тетово е космополитски град и сите ги уживаат сите придобивки од овие четири години. Во овој дух, и во Кичево, би сакале ДУИ да избере друг, подостоен кандидат“, нагласи Касами.
Потсети дека имале свој кандидат во Кичево (кој не влезе во вториот круг и трката ја продолжуваат кандидати на НАИ и ВМРО-ДПМНЕ) и дека граѓаните сега знаат „кого треба да поддржат“.
Касами ги опиша ставовите на Хаким Рамадани за трката во Брвеница како негови лични ставови, а не на коалицијата ВЛЕН.
„Во општина и во мултиетничка заедница, не би помислил дека најдобрата стратегија е етничката поделба. Не треба да се обединуваме околу етничките поделби, туку околу нашата визија за изградба и развој“, порача Касами.
Изборно - етничко гетоизирање
Во редовите на НАИ како „ерес“ се третира ако Албанци не гласаат за кандидати Албанци, без разлика дали делат исти вредности. Изјавата на Билал Касами во објава на Фејсбук жестоко ја критикуваше Вјолца Бериша од АА (НАИ), со став дека тоа е најзлонамерна изјава во последните 40 години.
„Релативизирањето на обидот за избор на етнички Албанец за градоначалник на општина со албанско мнозинство, повеќе од алчност за власт, е исполнување на најперфидните антиалбански агенди, кои започнаа со обидот за мешани паралелки во училиштата (кога угнетувањето против нас беше на врвот), во мешани листи за пратеници, во разработени граѓански каузи, до целосна релативизација на етничката категорија и создавање на „политичкиот Македонец“ со сите нас внатре. Сè според педантните доктрини на кујните што ја ранија нашата историја. Сега Билал Касами, кој „успеа“ повторно да биде протагонист на таков проект, се стреми да го води Тетово. Со овие мисли. Во служба на овие идеи. Не благодарам“, гласи реакцијата на Бериша.
Коалициски капацитет или вазалство
Наспроти ваквите тонови од редовите на НАИ, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ повикуваат на иднина што сите ќе ја градат заедно.
„Верувајте на иднината којашто сите ние заедно Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати ќе ја градиме. Тоа е иднината на Македонија“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Кичево.
На НАИ не и одговора и ако Македонци поддржат Албанци, доколку тие не се нивни партиски кандидати. ДУИ во партиска реакција го критикува ВЛЕН дека се обидува „да го сокрие горчливиот факт" за победа или водство со гласовите на ВМРО-ДПМНЕ во Чаир, Тетово, Струга, Дебар...
Она што ДУИ кога беше на власт го нарекуваше коалициски капацитет и заемна соработка, откако не е на власт го третира како „вазалство" на владејачките партии на Албанците.
„На втори ноември Албанците ќе зборуваат јасно и достоинствено - ќе кажат ‘не’ на вазалите на ВМРО и Мицкоски, избирајќи го патот на достоинство и вистинско политичко претставување“, порачаа од ДУИ, кои пак негираат дека се во заткулисна коалиција со Левица.
За тоа какви теми доминираат пред вториот изборен круг, сведочи наративот од вчерашната средба на Ахмети со кандидатот на НАИ за за градоначалник на Тетово, Бајрам Реџепи. За време на својот говор, Ахмети ја нагласил важноста на инвестициите во зачувувањето на достоинството и гордоста на Албанците во текот на изминатите 25 години.
„Двесет и пет години инвестиравме максимум за да го зачуваме достоинството и гордоста на народот. Сите вие сте акционери во сите достигнувања што се направени за нас тука во Македонија, почнувајќи од Универзитетот во Тетово до првиот албански премиер“, рекол Ахмети, додавајќи дека состојбата ја затекнале на нула, а ја оставиле со премиер.
Во некои од коментарите, го потсетуваат дека по 25 години дури и родното село Зајас го оставил „на нула", без канализација, дека но веројатно тоа не се гледа од највисокиот кат на „Соравиа“.