1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Интензивни руски воздушни напади на Киев и Харков

ЖА
21 март 2024

Киев бил нападнат со преку 30 руски проектили, локалната управа јавува за повеќе ранети лица. Продолжуваат борбите во регионот на Харков и на Белгород во Русија.

Руски ракетен напад во Киев, Украина
Руски ракетен напад во Киев, УкраинаФотографија: Alina Smutko/REUTERS

Украинскиот главен град Киев во текот на ноќта и рано утрово повторно бил цел на руски ракетни напади, очевидци сведочат за повеќе експлозии, како и за експлозии на противвоздушни ракети.

Украинската војска јави за соборување на најмалку 30 руски ракети. По неколку недели релативна пауза, Русија повторно ангажира стратешки бомбардери со проектили од голем дострел, меѓу кои и ракети Кинжал, тврди украинската војска.

Киевскиот градоначалник Витали Кличко јави за паднати делови од ракети во повеќе квартови, погодена е и една детска градинка, а десетици автомобили се опожарени. Кличко изјави дека во најновите напади се ранети најмалку десет луѓе. Граѓаните побарале засолниште во градското метро, што покажуваат и слики на социјалните мрежи.

Ситуацијата останува напната и во  руско-украинската гранична област  во регионите Белгород и Харков, каде продолжуваат меѓусебните напади. Во Харков, вториот по големина град во Украина, руска ракета вчера убила најмалку пет лица.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во својата синоќешна видео порака изрази потресеност: „Повеќе од две години Харков и регионот се изложени на страшни руски напади. Но, и смртоносниот напад од средата ќе доведе само до поенергична реакција на Украина.“

Најавени кризни мерки во Белгород

Во рускиот регион Белгород, според информациите од гувернерот Вјечеслав Гладков, во средата загинале две лица, а во раните денешни утрински часови повторно се огласил аларм од опасност од ракети. Гувернерот најави воведување кризни мерки за оваа област, а поради влошувањето на снабдувањето, се делат прехранбени производи.

Во седум окрузи близу границата се организирани контролни пунктови преку кои се регулира пристапот кон населбите. Во овие окрузи и во градот Белгород предвремено ќе започне училишен распуст. Од регионот и онака се евакуирани колу 9.000 деца, првите 1200 од нив уште во петокот.

Во средата руските медиуми, повикувајќи се на извори од Министерството за одбрана, известија дека руската војска одбила напад на украински трупи во пограничното село Косинка во областа на Белгород.

Овој регион со денови е напаѓан од  про-украински сили,  меѓу кои, како што тврди Украина, се и  вооружени руски групи  на  противници на Кремљ –  легионот Слобода за Русија, Сибирскиот баталјон и Рускиот доброволен корпус. Групите на нивните канали на Телеграм објавија видеа и фотографии од Косинка и околината.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми