1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваСеверна Македонија

Јутјуб видео: За „кликови“ се стимулира омраза и агресија

ДТЗ
20 февруари 2023

Интервјуто на јутјуберот Стефан Лазаров со новинарот Драган Павловиќ-Латас отвора бројни прашања и дилеми околу одговорноста за искажаното во јавниот простор.

Јутјуб
„Поради „кликови“ не смее да се толерира поттикнување на насилство“, укажуваат експертите Фотографија: picture-alliance/dpa

Видео на Јутјуб во кој скопски инфлуенсер и неговиот гостин со омаловажување и потсмев зборуваат за „шамари“ и сексуално насилство врз девојка стана вирално и имаше повеќе од 50 илјади прегледи на Јутјуб. Видеото, во меѓувреме, е повлечено од социјалната мрежа. Случајот предизвика лавини реакции и осуда во јавноста, а за него се заинтересираа и полицијата и обвинителството. 

„Вакви содржини има многу“, велат експертите, но интервјуто на јутјуберот Стефан Лазаров со новинарот Драган Павловиќ- Латас емитувано на 15 февруари, во кое тој раскажува дека како 15-годишник тој и неколку другари сексуално злоупотребиле девојка, отвора бројни прашања и дилеми околу одговорноста за искажаното во јавниот простор, за последиците од промовирање агресија и родово насилство, но и за искривената морална слика којашто им се нуди како шаблон на младите, кои се почесто од Интернетот ги црпат шемите на однесување. 

Говорот на омраза, како и говорот што поттикнува насилство и креира предрасуди, не е и не смее да биде нормален во јавната комуникација. Поради „кликови“ не смее да се толерира поттикнување на насилство, агресија, омраза или дискриминација, укажуваат експертите коишто го консултираше Дојче веле. Според нив, јавноста мора да се заштити од ваквите поттикнувачки видеа, особено што станува збор за содржини коишто се гледани токму од најмладата популација, која што во нив гледа шаблон на однесување.  

Говор на омраза 

Марина Тунева, вонреден професор и медиумски експерт за ДВ вели дека развојот на технологијата донесе огромни предности, но создаде основа и за ширење лоши феномени со несогледливи последици, меѓу кои и родова дискриминација, поттикнување родово засновано насилство, итн. И сето тоа во големи размери, а со мала одговорност. 

„Застрашувачки е кога опасните појави од ваков вид што се случуваат во дигиталниот свет не се пријавуваат“, вели Марина ТуневаФотографија: privat

„Тоа не само што подразбира нарушување на човековите права, туку има и застрашувачки ефекти врз дискурсот во општеството. Посебно се штетни влијанијата врз младите, со оглед на тоа што содржините на социјалните мрежи може да влијаат на нивните перцепции и однесување во врска со родот и родовата еднаквост. Штетните наративи се засилуваат и со помош на алгоритмите коишто таквите содржини ги прават привлечни за многумина, со што тие почнуваат да се шират како вирус“, вели таа и додава: 

„Да не заборавиме и дека таканаречените инфлуенсери, а и нивните соговорници си имаат 'свои публики', да не речам идолопоклоници, коишто безрезервно им веруваат на секој збор, па дури и се обидуваат да ги имитираат. Друга опасност се и коментарите под таквите содржини, коишто неретко се и мизогонистички и го оправдуваат насилството. Застрашувачки е кога опасните појави од ваков вид што се случуваат во дигиталниот свет не се пријавуваат. За таквите ситуации навистина треба да се вклучи алармот. 

„Неделувањето не е опција. Според Советот за човекови права на Обединетите Нации корозијата на правата на жените е лакмус тест за стандардите околу човековите права во целото општество“, посочува Тунева.  

Негативни последици 

Се поголемо е влијанието на социјалните мрежи врз нашата секојдневна комуникација, восприемањето на содржините, начините на кои се информираме, начинот на кој се формираат нашите ставови и вредности. Ова особено се однесува на помладите генерации кои се родени во дигиталното време. Во последнава деценија се повеќе се согледуваат негативните последици од тоа влијание и за потребата од соодветен одговор на општеството на овој растечки тренд. Но, каков треба да е тој одговор?

„Токму овој случај е парадигматичен за тоа како општествената заедница треба да се организира за да ја надмине тој ерозивен ефект на дигиталните технологии. Два пристапи се и можни и пожелни“, вели за ДВ Снежана Трпевска, експертка за медиумска и комуникациска политика од Институт РЕСИС. 

„Проблемот, според мене, е што двајцата соговорници навистина го мислат тоа за кое зборуваат и што нивното видео има огромен број лајкови“, вели Снежана ТрпевскаФотографија: DW/K. Blazevska

Првиот е рестриктивен пристап, што значи  соодветно санкционирање на екстремните содржини, кои очигледно носат огромен потенцијал да им нанесат штета на малолетните лица, на јавното здравје, на јавниот ред и сигурност, или пак шират говор на омраза и дискриминираат цели групи. „Таков е случајот со Јавна соба, ако се сеќавате, а таков е и овој случај. Впрочем, може да се просуди и според широката реакција на јавноста. Во вакви случаи, рестриктивниот пристап е оправдан и надлежните институции можат да постапат според одредбите на Кривичниот законик или пак други Закони (Законот за заштита на личните податоци или Закон за спречување и борба против дискриминација). Гледаме дека во поглед на овој случај институциите покренале мерки и тоа е соодветна реакција која треба да води кон отстранување на спорната содржина и санкционирање на сторителите – зашто станува збор во најмала рака за штетно влијание врз малолетниците и оправдување или поттикнување на кривично дело“, вели Трпевска.  

Насилството не е забава 

Вториот пристап, според неа, е преку едукација и кампањи за подигнување на свеста. Овој пристап треба да одговори на потежок проблем – како да се влијае врз свеста, ставовите и вредностите на популацијата за овие прашања. „Проблемот, според мене, е што двајцата соговорници навистина го мислат тоа за кое зборуваат и што нивното видео има огромен број лајкови. Секако дека многу лајкови се од љубопитност и не верувам дека сите што го виделе видеото ги делат тие ставови. Но, секако дека врз голем број малолетници кои се следбеници на Јутјуберот може да има влијание тоа што двајцата соговорници сосема „нормално“ зборуваат за случај на сексуално насилство или за насилство врз жена, како да е обична 'забава' својствена за 'вистинските' мажи“, анализира нашата соговорничка. 

Вакви содржини очигледно има многу, ова е само еден случај, но предизвика огромен негативен одек во јавноста. Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Синдикатот и Советот за етика во медиумите го осудија говорот со кој се поттикнува насилство и стимулира родова дискриминација кој деновиве се појави на канал на „јутјуб“ платформата. 

„Укажуваме дека слободата на говор подразбира одговорност и постоење на висока свест за демократските начела и за слободите, правата и обврските во едно отворено општество. Кога слободата на говор се претвора или провоцира криминални дејствија или каков било тип на нарушување на граѓанските и човекови права, тогаш тоа не е слобода. туку е агресија и така треба да се третира“, се вели во заедничкото соопштение. 

ЗНМ и Синдикатот го осудија говорот со кој се поттикнува насилство и стимулира родова дискриминација кој деновиве се појави на канал на „јутјуб“ платформата.Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Едукација

„Не е најважно каде, туку што се пласира во јавниот дискурс“, вели за ДВ Бојан Кордалов, комуниколог-специјалист за односи со јавност и нови медиуми. Според него, има закони коишто можат да ја регулираат оваа сфера, но тие треба да се применуваат.

„Секој може да биде инфлуенсер - но одговорноста да се биде влијателен е многу голема“, вели Кордалов. Според него, нема толеранција за говор на омраза, дискриминација, ширење на лажни вести. На некој којшто отворил канал и има голем број на следбеници, треба да му биде јасно дека подлежи на истите закони и правила на однесување како и медиумите и дека сноси одговорност на секој искажан збор. 

„Сите треба да бидеме свесни дека ова е ново дигитално време, но децата треба што повеќе да се едуцираат за да се однесуваат одговорно во интернет просторот“, дециден е Кордалов. 

Експертите сметаат дека е важно што правиме како општество да не се развиваат вакви ставови, особено кај младата популација. Овде клучна улога има семејството и образованието

„Кај нас долго се работи на медиумска писменост, а од минатата година во формалното образование веќе е воведен и предмет медиумска писменост. Освен тоа, повеќе години постои и предметот граѓанско образование. Целта на медиумската писменост е да ги оспособи младите критички да пристапуваат и размислуваат за различни видови содржини што ги среќаваат онлајн, и не е само да препознаваат професионални информации од дезинформации, туку и како да размислуваат за содржини од ваков вид, како да препознаваат отворени и суптилни форми на мизогинија, сексизам, хомофобија и многу други ретроградни или дискриминирачки гледишта и ставови“, вели Снежана Трпевска. Ваквите и други случаи, укажува таа, би требало да се предмет на анализа во наставата по овие, но и по други сродни предмети од областа на општествените науки.

„За жал, што се однесува до образовниот систем, ние се уште сме далеку од посакуваната цел – како во поглед на содржината на наставните програми и учебниците, така и во поглед на методите на настава“, вели нашата соговорничка. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми