„За“ и „против“ странските когенеративни централи
28 февруари 2025
Владата во странски когенеративни централи бара спас од аерозагадувањето, но Здружението на инженери на Македонија (ЗИРМ), категорично се спротивставува на ваквите ставови. Тие велат дека овие централи можат да имаат одредени економски придобивки, но нивното промовирање како главно решение за загадувањето е неточно и погрешно насочено.
„Сите енергетски капацитети и потенцијали за соларни, ветерни, хидроцентрали, како и сите останати инвестиции во енергетиката, мораат да бидат домашни – македонски – државни! Странските инвестиции во енергетскиот сектор на македонска територија не можат да се сметаат за стратешки, ниту пак го зголемуваат енергетскиот суверенитет на државата. Напротив, тие создаваат зависност и ја ограничуваат контролата на Македонија врз сопствените енергетски ресурси“, се наведува во реакцијата.
Премиерот Христијан Мицкоски деновиве најави турска инвестиција во македонската енергетика за изградба на гасни когенеративни централи, со коишто смета дека ќе се намали аерозагадувањето во државата. Очекувањата на министерот за животна средина, Изет Меџити се дека гасификацијата ќе го ублажи загадувањето за 50 до 70 проценти.
Гас или обновливи извори?
Но, инженерите сметаат дека пристапот на Владата за решавање на аерозагадувањето со изградба на гасни когенеративни централи и соодветни системи за топлификација е едностран и застарен, бидејќи природниот гас не е еколошко гориво и емитува јаглерод диоксид. Покрај тоа, неизвесноста за приклучување на доволен број потрошувачи на новите цевководни системи може да ги направи овие инвестиции промашени.
Според нив, аерозагадувањето во Македонија е резултат на загадувачки индустриски капацитети, неефикасни системи за греење, согорување на несоодветно исушено огревно дрво и неконтролиран сообраќај. Неправилното урбанистичко планирање дополнително го влошува проблемот.
Решението за аерозагадувањето, како што посочуваат од здружението, треба да биде системско, долгорочно и современо, преку промоција на енергетски ефикасни системи за греење, развој на топлификацијата, но со зголемување на употребата на обновливи извори на енергија – геотермални извори, биомаса, отпадна топлина од индустријата и топлински пумпи. Потребно е и заострување на регулативите за индустријата и сообраќајот.
Реални политики, а не штетни интереси
Тие очекуваат Владата да остане на ветувањата дека ќе се фокусира на развојот и поддршката на национални енергетски капацитети кои ќе бидат во служба на граѓаните и економијата на земјата. „Решенијата за аерозагадувањето мора да бидат засновани на реални и одржливи политики, а не на некакви интереси кои не се во корист на државата и нејзините граѓани. Ги повикуваме сите релевантни институции, експерти и јавноста да поддржат стратегија која ќе гарантира вистинска енергетска независност и чиста животна средина за сегашните и идните генерации“, реагираат инженерите.
Премиерот Христијан Мицкоски уште во ноември минатата година најави дека Владата ќе бара спас од енормното загадување на воздухот во когенеративни централи коишто ќе произведуваат електрична енергија и гас. На тој начин ќе се намали употребата на дрвото, пластиката и нафтата за затоплување на домовите, а загадувањето на воздухот на тој начин би можело да се намали за 60 проценти. Владата тогаш најави дека е во потрага по партнери коишто врз основа на пазарни услови, заеднички со нив ќе вложат во систем на затоплување на домовите којшто ќе се базира на соговорување на природен гас, односно когенеративни централи кои ќе произведуваат и електрична енергија и гас.
Деновиве тој се сретна со раководството на „Казанчи холдинг“, по што соопшти дека компанијата е заинтересирана да инвестира во изградба на гасни когенеративни централи. Целиот проект вклучува изградба на секундарна гасоводна мрежа, топловодна мрежа и когенеративните централи и е димензиониран на инвестиција од над една милијарда евра.
Станува збор за когенеративни централи со 500MW инсталиран капацитет кои произведуваат 4,1TWh електрична енергија и 720 GWh топлинска енергија на годишно ниво. „Токму ‘Казанчи холдинг’ е компанијата со која разговараме за изградба на секундарна мрежа на гас и топловодна мрежа која ќе стига до домаќинствата по исклучително поволни услови. Приклучоците на гасоводна и топловодна мрежа се предвидуваат на 0 денари за домаќинствата, а цената на природниот гас за домаќинствата ќе биде многу пониска од онаа цена која е на берзите“, рече Мицкоски.