1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран меѓу стравот и надежта

Шабнам фон Хајн
27 октомври 2022

Четириесет дена по смртта на Махса Амини, протестите продолжуваат во Иран. Постои зголемена солидарност меѓу луѓето кои се против режимот, но и сè побрутална сила што ја користи полицијата против неистомислениците.

Иран
Се повеќе жени излегуваат во јавност без марамаФотографија: UGC

„Бесни сме. Мислам дека овој гнев нема да стивне наскоро“, вели 29-годишната Азадех* од Техеран. Случајот со 22-годишната Амини која беше уапсена од верската полиција за наводно неносење хиџаб на „правилен“ начин и беше однесена во болница набргу без знаци на живот, може да биде судбина на секоја жена во Иран, вели Азадех.

„Знаеме колку брутално се однесува полицијата за морал кон нас. И покрај тоа, јас не носам шамија. Го правев ова и порано, како и многу други млади жени во Техеран. Но, сега е поинаку. Сега многу постари жени не носат шамија надвор. Тоа веќе не е лична одлука, тоа е знак на солидарност“. 

Повеќе апсења на жени без хиџаб 

Азадех вели дека во меѓувреме се повеќе жени во градот не носат шамија, многу повеќе отколку што може да се види на фотографиите и видеата на Интернет. Од почетокот на масовните протести во Иран, брзината на интернетот е толку намалена што некои денови VPN-от веќе не функционира. Многумина во Иран користат „виртуелна приватна мрежа“ (VPN) за да ја заобиколат цензурата и да се поврзат на глобалниот интернет преку т.н. виртуелен тунел.

Многу жени кои објавуваат фотографии на Интернет без марама повеќе не го кријат своето лице - иако добро знаат дека во секое време можат да бидат уапсени. Исто како и авторката на документарни филмови Мојган Иланлу. Полицијата ја уапсила во нејзиниот дом на 17 октомври. Таа отишла на прошетка без хиџаб во знак на солидарност со демонстрантите, а потоа ги објави своите фотографии на социјалните мрежи. 

Без марама пред властите 

Некои жени стануваат посмели. На пример, на 22 октомври, студентка на Универзитетот во Техеран „Шариф“ прошета на бината пред говорницата во салата на факултетот без марама. Конзервативниот универзитетски канцелар Расол Џалили седеше во првиот ред. Колку што е познато, таа се уште не е казнета.

Под притисок е и самиот ректор Џалили. На почетокот на октомври, полицијата го опколи неговиот универзитет, студенти и професори беа претепани, многумина од нив беа уапсени. Студентите го обвинуваат Џалили дека самиот ги информирал безбедносните сили. Тој ги негира обвинувањата.

На Универзитетот Шариф, како и на многу други универзитети, речиси секој ден се одржуваат нови протести. Полицијата не интервенира веднаш, но подоцна ги апси демонстрантите. Списокот на затворени студенти продолжува да расте секој ден. 

На универзитетите протестите се речиси секојдневни, како во Шираз на 6 октомври 2022 година.Фотографија: SalamPix/abaca/picture alliance

Химна на солидарноста 

„Демонстрантите ги тепаат на улица“, вели една млада мајка за ДВ. „Цивилните вооружени безбедносни сили се насекаде. Пукаат на луѓе по случаен избор. Се плашам да им се придружам на демонстрантите. Но, ние сепак го отвораме прозорецот секоја вечер и гласно ја пуштаме песната „Бараие“.

„Бараие“ значи „Затоа што“. Песната е снимена од младиот композитор и пејач Шервин Хаџипур. Текстот се состои од твитови во кои демонстрантите објаснуваат што ги тера да излезат на улица. На пример, во еден момент се вели: „За да можеме еднаш да танцуваме на улица; затоа - ајде да се бакнуваме без страв!“ Неговата песна преку ноќ стана химна на протестното движење, дури и надвор од Иран. Споделена е милиони пати. 

Благодарност за големите демонстрации во Берлин 

Во Иран, многумина се радуваат на солидарноста на нивните сонародници кои живеат во егзил во странство. Големите демонстрации во Берлин импресионираа многумина. Демонстрантите во главниот град на Германија побараа крај на режимот во Иран. Многумина од нив извикуваа „смрт за диктаторот“, мислејќи на верскиот водач Али Хамнеи.

Реза (37) од северозападната иранска провинција Азербејџан, вели: „Неверојатно е што толку многу иселеници кои се раселени низ целиот свет, по толку многу години се ангажираат и се борат за остварување на сонот за слобода за сите нас“.  

Според податоците на полицијата, 80.000 луѓе во Берлин се солидаризирале со протестите во ИранФотографија: Markus Schreiber/AP Photo/picture alliance

„Мораме да платиме многу висока цена за да се случат фундаментални промени во Иран“, смета 52-годишниот Алиреза од градот Газвин. „Но, се плашам дека многу постари луѓе не се подготвени да го направат тоа. Јас и многу други кои веќе доживеавме и апсење и затворски казни во Иран, не излегуваме на улица“.

Според организациите за човекови права, досега повеќе од 240 луѓе загинале во протестите во различни градови во Иран. Меѓу нив имало и 32 малолетни лица, јави американската организација „Новинска агенција активисти за човекови права“. Се вели дека се уапсени повеќе од 12.000 луѓе.

*Имињата на сите соговорници се сменети заради нивна заштита.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми