1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран не сака војна со САД, ама не сака ни мир

Керстен Книп
6 февруари 2024

Американската одмазда во Сирија и во Ирак поради напади на американски бази води опасно близу до судир со Иран. Меѓутоа, експертите велат дека таков отворен конфликт всушност никој не сака.

Американската воена база Тауер 22 во Јордан
Американската воена база Тауер 22 во ЈорданФотографија: Planet Labs PBC/AP/dpa/picture alliance

САД тврдат дека го пронашле налогодавачот за нападот на американска база во Јордан близу границата со Ирак од крајот на јануари. Во нападот со дрон загинаа тројца американски војници.

„Веруваме дека нападот го планирала, финансирала и извела организација со име Исламски отпор во Ирак", изјави шефот за односи со јавноста на Советот за национална безбедност, Џон Кирби. Исламски отпор, која е здружение на повеќе групи, е паравојска за која се смета дека е поддржувана од Иран.

Во текот на викендот  САД во знак на одмазда  извршија напади на проирански позиции во Сирија и во Ирак, убивајќи десетици луѓе.

Американската воена акција доаѓа среде големи тензии на Блискиот Исток, предизвикани од војната меѓу Израел и терористичката палестинска организација Хамас. Се стравува од можна директна конфронтација на САД и Иран.

Иран ги негира обвинувањата и се заканува

Државната новинска агенција Ирна пренесува дека Иран негира било каква вмешаност во нападот. „Ние не сакаме војна, но и не се плашиме од неа. Ние не сме воено подбуцнувачи. Ние само се браниме себеси и својата чест“, изјавил за агенцијата командантот на Иранската револуционерна гарда, генерал Хосеин Салами.

Министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолаџан исто така ги повика САД да се воздржат од закани и обвинувања и да се фокусираат на политичко решение.  Одговорот на Иран на заканите,  како што се вели, ќе биде брз и решителен.

Ако секој поединечен чекор на паравоените единици поврзани со Иран му се припишува директно на Техеран, е грубо поедноставување, истакнува Хамидреза Азизи, стручњак за Иран од Фондацијата за наука и политика во Берлин.

Иран поддржува различни вооружени групи во странство, вклучувајќи и  паравојската на Хутите во Јемен,  Катаиб Хезболах во Ирак и Хезболах во Либан. Тие, според негови зборови, „заедно ја сочинуваат оската на отпор против Израел и САД.“

Ирачките милиции Катаиб Хезболах во борба против Исламска државаФотографија: dpa/picture alliance

Поддршката вклучува обезбедување оружје, логистика и економска поддршка. „Врз основа на тоа секако може да се заклучи дека колективната одлука за ескалација со САД и Израел како одговор на војната во Газа корординирано ја донесле овие групи со поддршка од Иран“, вели експертот Азизи, кој и самиот потекнува од Иран.

Регионалните паравоени единици имаат значителна автономија на тактички и оперативен план, посебно при изборот на цели. „Во тој поглед, тешко е да се процени во колкава мера Иран бил вклучен во нападите“, додава Азизи.  

„Малку е веројатно дека Иран не знаел ништо за нападите“, смета од друга страна иранскиот експерт Али Фатолах Неџат. Ситуацијата на Блискиот Исток освен тоа е многу опасна за Исламската Република, подвлекува основачот на Берлинскиот центар за Блиски Исток и глобален поредок во интервју за швајцарската ТВ станица СРФ.

Тој вели дека во Иран се води сметка да не дојде до директен судир со САД и Израел, зашто таква војна би го загрозила режимот во Техеран. „Луѓето на власт во Техеран се свесни за тоа“.

Борба за влијание во пограничните области

Нападот со дрон на американската воена база Ал Танф на крајот на јануари се случи во регион кој до 2015 година го контролираше џихадистичката терористичка организација Исламска држава, ИД.

Во последните години ИД во голема мера е разбиена. Странски актери сега имаат преземено контрола над тие подрачја. САД се присутни таму со согласност од јорданската влада. Нивните оружени сили би требало да го сузбијат дејствувањето на преостанатите паравоени трупи на ИД.

Според неодамнешно истражување на Меѓународната кризна група, Иран таму е силно застапен, но големината на неговите сили е тешко да се процени.

Духовниот и политички водач во Иран, Али ХаменеиФотографија: Office of the Iranian Supreme Leader/AP Photo/picture alliance

Во Вашингтон постојат стравови дека Иран сака да направи копнен коридор исток-запад низ Ирак и Сирија, кој би го дополнил постоечкиот воздушен коридор. Иран тогаш би можел да го снабдува либански Хезболах со оружје – сѐ до Медитеранот.

Иран, за возврат, сака да ги спречи САД да ја контролираат рутата од турската до јорданската граница на потегот север-југ, се вели во анализата на Меѓународната кризна група. Тоа би го отсекло Иран од неговите сојузници и марионети во регионот.

Не се исклучени нови провокации

Иран најрадо би ги протерал САД од регионот, како што изјави духовниот и политички водач во Иран, Али Хаменеи. 

Поради тоа во Техеран на  војната во Газа се гледа како на погодна прилика за зголемување на притисокот врз САД, вели политикологот Азизи. Повторувани напади на американски цели во регионот мора да доведат до тоа САД да извршат притисок на Израел за брзо завршување на војната со Хамас.

„Како резултат на тоа, дојде до поделба на работата меѓу групите во сојуз со Иран.  Паравоените сили на Хутите  презедоа задача да создаваат проблеми во Црвено Море, додека ирачките паравојски вршат притисок на САД во Ирак и во Сирија“, вели Азизи.

Меѓутоа, целта на американските контраакции е избегнување натамошни американски загуби, вели Азизи. „Иран и неговите сојузници знаеја дека смртта на американски војници ќе предизвика силен одговор од Вашингтон. А Техеран не сака војна со Вашингтон.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми