1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Иран – што по војната?

Давид Ел
11 март 2026

Иднината на Иран е неодредена – и зависи и од понатамошниот тек на војната. Постојат различни сценарија за тоа што може да се случи во иднина.

Кулата на слободата во Техеран со позадина од облаци чад од воздушните напади
Кулата на слободата во Техеран со позадина од облаци чад од воздушните напади - на колку слобода може да се надева населението по војната?Фотографија: Davoud Ghahrdar/ISNA/dpa/picture alliance

Оваа војна започна со изненадувачки снимки од 28 февруари, кога првите бомби паднаа во Иран, а луѓето во Техеран стоеја на своите покриви и ликуваа. Тоа не е реакција што човек би ја очекувал кога декларираните непријатели на владата, САД и Израел, ќе започнат војна што во најмала рака е контроверзна според меѓународното право. Но, многу Иранци се подготвени да прифатат цивилни жртви и воена штета, ако на тој начин се стави крај на омразениот теократски режим. Иако САД во јавноста излегуваат со контрадикторни изјави во однос на нивните воени цели, „промена на режимот“ лебди во етерот. Американскиот претседател  Доналд Трамп  апелираше директно до луѓето што учествуваа во брутално потиснатите масовни демонстрации во јануари годинава, повикувајќи ги да ја преземат власта. „Ова можеби е единствената шанса за генерации“, рече тој. Само неколку часа подоцна, беше објавено убиството на врховниот водач Али Хаменеи. Но, иранскиот режим останува целосно функционален и покрај таквиот удар - и од таму е сосем нејасно  дали САД и Израел ќе ги постигнат своите воени цели.  Кои се можните сценарија за Иран по војната?

Венецуелското сценарио

По смртта на Хаменеи, САД се надеваа да се назначи наследник по нивна желба. Трамп за „Њујорк тајмс“ рече дека имал „три многу добри опции“ на ум, кои во тоа време одби да ги именува. Промена на врвот без промена на системот – според таквиот модел функционираше американската операција во Венецуела. На почетокот на јануари, специјални сили таму го киднапираа венецуелскиот лидер Николас Мадуро и постигнаа политички договор со неговата дотогашна заменичка, Делси Родригез. „Она што го направивме во Венецуела е совршеното сценарио“, рече Трамп во однос на Иран. Сепак, не е јасно дали  САД всушност го фаворизираа таквото сценарио бидејќи во истото интервју за „Њујорк тајмс“ Трамп ја повтори и можноста  иранскиот народ да востане за сеопфатна системска промена.

Клучно прашање: што со раководството на Иран?

Соборувањето на режимот од гледна точка на Пејман Асаџаде од Центарот Белфер при школата Харвард Кенеди во САД, е замислива последица од војната. Во кратка онлајн анализа, тој идентификува како втора опција „ре-калибриран континуитет“, кој би стапил на сила ако Советот на експерти избереше прагматичар како наследник на Хаменеи. „Приоритетите на внатрешно-политички план би биле економска реконструкција, стабилизација и политички реформи, додека надворешната политика би се насочила кон деескалација“, смета тој и додава дека ваквото сценарио се надоградува на гореспоменатото венецуелско. „Прагматичен курс за пост-воено раководство во Техеран би имал за цел деескалација на тензиите со САД и економско олеснување во корист на милиони Иранци“, смета Бурџу Озчелик, експерт за Блискиот Исток во британскиот тинк-тенк Руси. „Тоа пак би можело да го отвори патот за постабилна и многу попотребна фаза на закрепнување“, вели Озчелик за ДВ. Како трета опција Асаџаде ја опишува можноста, постоечкиот систем да се обедини околу  поконзервативен хардлајнер,  па дури и да ја засили својата постоечка идеологија. Јулијан Боргер, дописник на британскиот весник „Гардијан“ опишува стравување дека  „по повеќекратни напади,  преживеаните членови на раководството би можеле да заклучат дека атомската бомба е единствената гаранција за опстанок. Тие би можеле да ја потиснат опозицијата со уште поголема бруталност, а режимот да станува сè повеќе налик на Северна Кореја: изолиран, параноичен и нуклеарно вооружен“.

Успешна промена на системот: колку демократија е воопшто можна?

Две недели пред почетокот на војната, што корелираше со Минхенската безбедносна конференција, околу 250 илјади протерани Иранци и други демонстранти испратија конкретен сигнал за тоа што може да следи по режимот на мулите - тие го поздравија Реза Пахлави, синот на шахот кој беше соборен за време на Исламската револуција во 1979 година.

Реза Пахлави и неговата сопруга Јасмин на големиот митинг на иранската опозиција во МинхенФотографија: Javad M. parsa/Parspix/abaca/picture alliance

Тој постојано тврдеше дека не се стреми кон враќање на монархијата, туку кон демократизација на Иран. И Пахлави е делумно контроверзен, но стекна значително внимание за време на антирежимските протести во јануари - веројатно и затоа што режимот ги беше ставил во затвор или на друг начин потиснал, многу други опозициски личности. Пахлави има сериозни планови за тоа како може да се управува во транзицијата, пишуваат Марк Дубовиц и Бен Коен од американската Фондација за одбрана на демократиите. „Но, планирањето не е власт“, заклучуваат тие и додаваат дека не е сигурно кој би владеел со Иран по пад на режимот. „Освен тоа Иран не е монолит, туку мозаик - составен од Азербејџанци, Курди, Арапи, Балучи и други етнички групи“, нагласуваат експертите.

Може ли по војната да се зголеми насилството во земјата?

Во периодот пред Исламската револуција во 1979 година, армијата го забрза падот на Шахот објавувајќи во февруари истата година дека нема да пука врз противниците на шахот. Новото раководство потоа во мај 1979та ја основа Револуционерната гарда за да ја обезбеди својата моќ. До денес постои армијата („Артеш“) и Револуционерната гарда (ИРГЦ) како паралелни структури - иако повеќето аналитичари ѝ припишуваат значително поголема моќ на Револуционерната гарда. Покрај сопствена пешадија, таа има свои воздухопловни сили, морнарица и разузнавачка служба, како и влијателни бизниси. ЕУ ја оквалификува Гардата како терористичка организација по нејзиното учество во задушувањето на протестите од јануари годинава. Во раните денови од војната, Трамп ги повика армијата, Револуционерната гарда и полицијата да го положат оружјето. Но, експертите велат дека нема знаци на распад на системот.

Исламската револуционерна гарда поседуваше моќна воена опрема, а контролира и значајни делови од иранската економијаФотографија: Sephanews/ZUMA Press/picture alliance

Бурџу Озчелик смета дека е можно Револуционерната гарда да наидува на сè поголем внатрешно-политички отпор заради својот елитарен систем на патронажа. „Тоа пак би можело да се манифестира во поостри институционални линии на раздор. Друга можност е сè поголем јаз меѓу Револуционерната гарда и конвенционалната армија, при што Артеш ќе се перципира како реформираното лице на обновен ирански патриотизам и функционална држава“, вели експертката.

На тој начин барем теориски е замисливо сценарио во кое армијата и Револуционерната гарда би можеле да се најдат во спротивставени политички табори. Во тој случај, дури и граѓанска војна како онаа што беснее во Судан речиси три години, не би можела да се исклучи. А, дури и претходно споменатата етничка разновидност на Иран би можела да стане опасна за внатрешната безбедност, дури и ако разни сепаратистички групи се обидат да го искористат вакуумот во власта за сопствена корист. На само една недела пред почетокот на војната, пет курдски организации ги здружија силите за да формираат обединет фронт против режимот. Тие го отфрлаат и Реза Пахлави како преодна фигура. Овој пример покажува дека новото политичко уредување во Иран во секој случај ќе биде комплицирано.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми