1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

ИРЛ: Фирма без вработени добила три тендери на ЕСМ

ДТЗ
21 февруари 2024

Според истражувањето на ИРЛ, велешанка склучила три договори во вредност од 7 милиони евра за набавка на адитиви за јаглен за РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј. Во сите тендери поштенската службеничка била единствен понудувач.

РЕК Битола
Склучени биле три договори во вредност од речиси седум милиони евра за набавка на адитиви за јаглен за РЕК Битола и ТЕЦ ОсломејФотографија: Nord-Mazedonien Regierung

Службеничка од Пошта добила бизнис од Електрани вреден седум милиони евра. Истражувањето коешто го објави Истражувачката репортерска лабораторија Македонија (ИРЛ) посочува дека станува збор за Маја Јорданова од Велес која склучила три договори во вредност од речиси седум милиони евра за набавка на адитиви за јаглен за РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј. Во сите тендери поштенската службеничка била единствен понудувач.

Маја Јорданова од Велес пред три години се вработила во АД Пошта. Таа паралелно, како што се наведува во текстот,  и е сопственичка и управителка е на компанијата „Браинкоде“ - фирма која што е избрана од државната АД ЕСМ да го револуционира процесот на производство на струја во термоелектраните РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј.

Фирма без ниту еден вработен

Фирмата требала да увезува адитив од Италија кој за прв пат ќе се користи во двата енергетски капацитети како замена за мазутот. Но, според ИРЛ, фирмата „Браинкоде“ нема ниту еден вработен, а претходно тргувала со канцелариски материјали. Откако ја сменила дејноста и почнала да работи со хемиски производи, во 2023 година склучила три договори со ЕСМ вредни речиси седум милиони евра како единствен понудавач. 

„Седиштето на „Браинкоде“ се наоѓа во семејна куќа во скопската населба Ѓорче Петров.  На истата адреса се регистрирани повеќе фирми, чии сопственици или управители се луѓе од Велес. „Браинкоде“ е основана во септември 2017 година, како компанија која ќе се занимава со трговија со канцелариски материјали, опрема и хартија“, се наведува во истражувањето. 

Кога раководството на АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) на почетокот на 2023 година ги планирало јавните набавки, предвиделе да купат адитив за РЕК Битола кој би помогнал да се намали создавање на наслаги во котлите каде се согорува нискокалоричен јаглен и мазут. РЕК Битола никогаш не користел адитив како замена за мазут и ваква набавка е планирана за прв пат. Истиот месец кога Електрани го прави планот што ќе набавува за тековната година, фирмата „Браинкоде“ ја менува дејноста и од трговија со канцелариски материјали се пререгистрира во компанија за трговија на големо со хемиски производи, покажува истражувањето. 

Во сите тендери поштенската службеничка била единствен понудувач, се наведува во истражувањето на ИРЛФотографија: picture-alliance/ZB

Тендерско досие

Согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ИРЛ од АД ЕСМ го побарале целото тендерско досие за набавка на адитивот. Огласот е распишан на 17 август 2023 година, а во него не биле поставени вообичаените услови кога вредноста на набавката е од неколку милиони евра. А, тоа е понудувачите да докажат дека во претходните години имале минимален годишен приход што не е помал од предвидената вредност на тендерот. 

ИРЛ повикувајќи се на документи од Централниот регистар, наведува дека во првите години од работењето компанијата има скромни приходи. Бизнисот почнува да расте во 2022 година кога приходите на годишно ниво се зголемиле осумкратно, на 343 илјади евра и добивка од приближно 100 илјади евра, без ниту еден вработен. 

Само еден понудувач

За Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации, организација која се занимава со следење на јавните набавки, е сомнително што овој услов не се користел за тендерот којшто го истражува ИРЛ. „Доколку овој вообичаен услов за големите тендери на ЕСМ бил користен, фирмата „Браинкоде“ немала да може ниту да учествува на тендерот. Имено, годишниот приход на „Браинкоде“ во 2022 година бил 11 пати помал од вредноста на првиот договор за набавка на адитиви за згурата“, вели  Факиќ.

Во писмен одговор до ИРЛ, Јорданова вели дека во хемискиот бизнис влегла уште од 2021 година и дека освен со државни компании соработува и со приватни фирми. „Средствата (за набавка на адитивот) ги обезбедивме по различни основи, дел од сопствените приходи, дел од кредите во комерцијалните банки и со договори за одложено плаќање со добавувачите“, одговори Јорданова на прашањето на ИРЛ како успеале да обезбедат пари за набавка на скапиот адитив од Италија кој прв пат ќе се користи во земјава. 

Државната компанија АД ЕСМ минатата година склучила 907 договори за јавни набавки во вредност од 148 милиони евра. Од нив дури 373 договори во вредност од 76 милиони евра се склучени во тендерски постапки во којшто учествувал по само еден понудувач. Што значи дека повеќе од половината тендери се доделени без да се создаде можност за конкуренција.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми