1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

ИРЛ: Свиркачи откриваат нови докази за пожарот во Кочани

ДТЗ
29 септември 2025

Постои ли спрега меѓу сопствениците на објектот кој работел на „диво“ и инспектори и лица од правосудството и има ли аспекти од трагедијата коишто се прикриени и недоволно истражени?

Пожар во клубот „Пулс“ во Кочани
Нови документи и докази за пожарот во КочаниФотографија: Petr Stojanovski/DW

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави видео со досега необјавени снимки и документи од истрагата за трагедијата во Кочани, каде во пожар загинаа 62 лица, а 200 беа повредени, коишто наметнаа низа дилеми во јавноста во Македонија. Дали со истражните дејства се опфатени сите оние коишто имале обврска да преземат дејствија со цел да се спречи ваквиот кобен настан, постои ли спрега меѓу сопствениците на објектот кој работел на „диво“ и инспектори и лица од правосудството и има ли аспекти од трагедијата коишто се прикриени и недоволно истражени? 

Во видео-сторијата којашто беше објавена во неделата (28.09) беа обелоденети пораки меѓу инспектори од Државниот пазарен инспекторат, од полицијата и од УЈП со синот на газдата Дејан Јованов-Деко, Михајло, доставени од свиркач. Пораките посочуваат на сомнеж за подмитување со подароци, дојави до дискотеката пред да има инспекциска контрола, а се наведува и дека полициски инспектори, наводно биле редовни гости во објектот кој работел иако не ги исполнувал неопходните услови за тоа.

Во сторијата се посочува дека Драган Паунов, инспектор во УЈП во Кочани, инаку брат на претседателката на скопскиот Кривичен суд, Даниела Димовска, наводно бил во постојан контакт со синот на газдата на изгорената импровизирана дискотека „Пулс“ во Кочани, но со обвинението не е опфатен ниту еден инспектор на УЈП од градот. 

Обвинителство: Се вршат проверки

По објавувањето на сторијата во попладневните часови, се огласи и Јавното обвинителство. Наведуваат дека ги земаат предвид, постапуваат и вршат проверки за сите наведени докази.

„При поднесување на обвинението и на средбата со семејствата на загинатите, јавните обвинители појаснија дека проверки се вршат уште во однос на неколку институции, вклучително и Управата за јавни приходи. Меѓутоа, законските надлежности на УЈП се однесуваат на контроли за даночни и финансиски прашања, а не на безбедносни аспекти, па од тие причини тие не беа опфатени со поднесеното обвинение“, велат од Обвинителството.

Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски на прес-конференција на 13 јуни информираше дека е поднесено обвинение за пожарот во Кочани, со кое се опфатени 34 физички и три правни лица. Тие се гонат за тешки дела против општата сигурност. Помеѓу обвинетите се сопственици на локали, управители, инспектори, градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници. 

Марш на ангелите - семејствата бараат правда за загинувањето на нивните децаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Загрозување на постапката

Истражна постапка се води и против 13 полицајци поврзани со случајот. Најавите беа дека доколку во иднина се обезбедат докази, постапката може да продолжи за оние за коишто е запрена, а не се исклучува можноста со истрагата да бидат опфатени и други лица. 

Според Обвинителството, „дејствија кои не можат да се доведат во контекст со последицата изразена преку кривичното дело тешки дела против општата сигурност од чл.292 од КЗ , не биле предмет на ова обвинение“, па проверките во однос на УЈП се вршат во контекст на евентуални коруптивни и други кривични дела на поединци.

„Потврда дека не постои ниту најмала намера овој аспект да се прикрие или да остане неистражен е фактот што презентираната комуникација е дел од извештај на анализирана телефонска комуникација, кој во целост е доставен во судот како дел од доказниот материјал за поднесеното обвинение“, се вели во соопштението.

Јавното обвинителство апелира за воздржаност од изнесување непроверени информации кои можат да ја загрозат натамошната постапка, како и постапката за оценка на поднесеното обвинение. 

Но, според ИРЛ, низ досега необјавени снимки сторијата не само што се води низ ужасите од ноќта на масовната загуба и осакатување на млади животи од Кочани, туку и преку досега необјавени документи од истрагата се открива како делувале оние кои треба да заштитуваат - инспектори, обвинители, политичари.

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на најновата сторија на ИРЛ која споменува вмешаност на даночни инспектори во случајот Кочани, а не биле опфатени во обвинението, изјави: „Изминатиов период дванаесетина обвинители работеа на овој случај. Ако е прашањето, дали сум задоволен од работата на обвинителството, мојот одговор ќе биде не сум задоволен. И токму тоа беше причината зошто поддржавме во парламентот смена на Коцевски. А, зошто СДСМ и ДУИ не ја поддржаа смената на Коцевски, тоа е друго прашање. Така што треба, секој оној којшто, на каков било начин и во каква било форма има каква било поврзаност со тој случај да биде изведен пред лицето на правдата“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми