1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
НаукаГлобално

Искреност во љубовта - отворете четири очи

Јулија Фергин
29 март 2024

Паровите се посреќни кога партнерите се поискрени еден кон друг, велат експертите. Но, како да се најде такво богатство? Следете ги индициите!

Пар, љубов
Како да се најде искрен партнер? Следете ги индициите!Фотографија: picture-alliance/beyond

Лагите се глупави, искреноста е добра. Многу луѓе на почеток веројатно би се согласиле со оваа класификација. Но, чекај! Нели  на мојата девојка вчера и` реков: „Душо, одлично изгледаш!“ - иако баш не ми се допадна нејзината нова фризура. А пред некој ден, кога правеше вечера, реков дека јадењето е супер? Иако во најдобар случај беше просечно.

Тоа се таканаречените „свети лаги“, објаснува социјалниот психолог д-р Нина Рајнхард од Универзитетот во Касел. Во многу секојдневни ситуации, придобивката од овие мали невистини ни изгледа голема бидејќи се штитиме себеси и другиот од конфликти.

Кој тоа таму лаже?

Истражувачите претпоставуваат дека секој лаже неколку пати неделно. Нечесноста доаѓа во форма на алтруистички лаги со намера да не се повреди другиот („Храната е навистина вкусна!“) или како себични лаги кои едноставно го штитат лажгото од срам („Не се чувствувам добро, за жал не можам, извади го ти ѓубрето.“).

Сепак, има луѓе кои се поискрени од другите. Една особина на личноста е особено силна кај овие луѓе: искреност-понизност (англиски - Honesty-Humility).

Луѓето со оваа особина на личноста помалку лажат. Ова е заклучокот до кој дошле студиите кои ја испитуваат искреноста меѓу луѓето кои не се познаваат.

Нина Рајнхард сакала да дознае дали истото важи и за  љубовните врски. Затоа што: „Има разлика помеѓу нечесниот однос со странци, луѓе кои не ги познавам и можеби никогаш повеќе нема да ги видам“, објаснува Рајнхард.

Дури и во романтичните врски, карактерните особини искреност и скромност обезбедуваат помалку лагиФотографија: picture-alliance/beyond/A. Ventura

Меѓутоа, лажењето на партнерот може да има многу поголема цена. Во зависност од тежината на лагата или измамата, последиците се големи и директно  влијаат на животот.

Рајнхард тестирала лажење во врски, вкупно 5.677 испитаници. Резултат: Дури и во романтичните врски, карактерните особини на искреност и скромност обезбедуваат помалку лаги.

Структура на личноста според моделот ХЕКСАКО

Оваа особина на личноста е еден од шесте фактори кои се дел од таканаречениотмодел ХЕКСАКО (HEXACO). Тука постојат уште и емотивност, екстровертност, толеранција, совесност и отвореност за нови искуства.

„Секоја личност има многу индивидуална карактеристика на секој од овие фактори“, објаснува Нина Рајнхард. Поради оваа причина, моделот е многу погоден за психолошко истражување и може да се користи за добро да се предвиди однесувањето на луѓето.

Како да препознаете чесен човек?

„Луѓето со високи нивоа на чесност и понизност се генерално поправедни“, вели Рајнхард. Тие немаат интерес да ги искористуваат другите за да имаат корист.

„Поискрени се во личните односи. Тоа значи дека не се преправаат дека ги сакаат другите само затоа што тоа може да им биде корисно“, додава Рајнхард.

Покрај тоа, овие луѓе немаат интерес да се разликуваат од другите преку статусни симболи и луксуз. Скромни се затоа што се држат до правилата и не се издигнуваат над другите“, вели социјалниот психолог.

Искрени и скромни партнери од соништата

Овие аспекти на личноста водат кон одреден начин на размислување, вели Рајнхард. Луѓето со високи вредности на чесност и скромност се однесуваат кон другите луѓе со поголема доверба. „Верувам дека мојата околина е таква каква што сум“, го објаснува ова Нина Рајнхард. Психологот тоа го нарекува „социјална проекција“.

Според психологот Рајнхард, факторот на скромност во односите е релативно нов предмет на истражување. „Понизноста значи да се однесувате помалку себично и повеќе на начин кој им користи на другите“, вели Рајнхард.

Скромните луѓе, исто така, можат подобро да се проценат себеси затоа што се помалку склони да претеруваат. „Тие се гледаат себеси пореално, што позитивно влијае на комуникацијата на двојката во врската“, објаснува социјалниот психолог.

Љубовно писмо - илјада чувства на лист хартија

01:58

This browser does not support the video element.

Отворете четири очи кога барате партнер

Постојат неколку навестувања кои би можеле да сугерираат дека со чесноста и скромноста на една личност „треба да се постапува внимателно“, вели Рајнхард. Зашто само затоа што некој некогаш бил неискрен или малку нескромен, автоматски не укажува на непроменлива особина на личноста.

Меѓутоа, во својата студија, Рајнхард наведува неколку индикации кои треба да звучат како аларм: луѓето кои се генерално љубезни и пријателски настроени кон другите кога тоа им користи, исто така, имаат помала веројатност да бидат искрени во нивните односи. Секој кој постојано ги крши законите или правилата има поголема веројатност да ги прекрши правилата на врската.

Предупредувачки знак е и сексуалното неверство во претходните врски. Луѓето кои го ценат луксузот и скапите статусни симболи, исто така, може помалку да ја ценат чесноста и скромноста.

Само, бројот на чесни и скромни потенцијални партнери не е бесконечен. Но, постои решение: оние кои се помалку искрени и скромни бараат истомисленици. Така што секое грнче си наоѓа капаче.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми