1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РелигијаГерманија

Исламска конференција: жешка тема - антисемитизмот

21 ноември 2023

Во сенка на теророт и насилството на Блискиот Исток и омразата кон Евреите, во Берлин се одржува Германската исламска конференција - без Централниот совет на муслиманите.

Исламот припаѓа на Германија, но прашањето е како?
Исламот припаѓа на Германија, но прашањето е како?Фотографија: Stefan Trappe/IMAGO

Датумот одамна беше договорен. Денеска, 21 ноември, 45 дена по терористичкиот напад на Хамас врз израелските населби во близина на Појасот Газа, започна дводневната Германска исламска конференција (ДИК) под наслов „Социјален мир и демократска кохезија: борба против антисемитизмот и непријателството кон муслиманите во време на социјална поделеност“.

Германското МВР на чело со министерката Ненси Фезер ќе се занимава со заострената состојба во земјата во последните неколку недели. Евреите во Германија повторно живеат во страв, што јасно се гледа. Родителите се загрижени за своите деца во училиштата, постарите избегнуваат да одат во синагога. Во неколку градови беа нападнати еврејските места за богослужба, а загриженоста се зголеми поради демонстрациите со илјадници учесници на кои се доведуваше во прашање постоењето на државата Израел или беа величани терористите на Хамас како борци за слобода.

Од друга страна, муслиманските здруженија и заедници, исто така, забележаа драстичен пораст на бројот на напади и закани насочени и кон верниците и кон институциите.

Да се најде одговор врз основа на прашањата и тековните проблеми

Седумнаесет години откакo во 2006 година ја покрена тогашниот министер за внатрешни работи Волфганг Шојбле, Германската исламска конференција се обидува да одговори на важни, фундаментални прашања и во исто време да ги надмине драматичните, актуелни проблеми. Конференцијата отсекогаш важела за централна платформа за дијалог меѓу државата и муслиманите, со цел да се подобри верската и општествено-политичката интеграција на повеќе од пет милиони жители на Германија со исламска вероисповед, која долго време беше запоставена во земјата.

Првата исламска конференција се одржа во 2006 годинаФотографија: epd/IMAGO

Досега Конференцијата секогаш започнуваше со големи очекувања и завршуваше горе-долу со разочарување. Ако ги прашате луѓето кои претходно учествувале на конференциите, тие велат: „Не е дека нема резултати, но сепак не сме задоволни“.

Кога Фезер го најави продолжувањето на Конференцијата, таа како централни прашања ги наведе поинтензивната обука на имами во Германија и борбата против антимуслиманските чувства. Сега, меѓутоа, омразата кон Евреите го засенува претходно воспоставениот дневен ред.

Одредени муслимански здруженија предизвикаа големо незадоволство во Германија во последните недели. Постојано се споменува актуелниот курс на здружението Дитиб, кое е под влијание на Турција и во кое функционираат околу 900 џемати ширум земјата. Тоа зависи од насоките кои му ги даваат турските верски власти - Дијанет, кои и испраќаат имами во Германија. Тие се познати по нивната лојалност кон турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој овие недели привлекува внимание со својата отворена омраза кон Евреите и вербалните напади врз Израел. Ердоган дури го фали Хамас, нарекувајќи го „ослободителна организација“.

Централниот совет на муслиманите не e поканет

Во Германија цел на критики е и Централниот совет на муслиманите (ЗРМ). Ден по крвавиот напад, кога бројот на загинати и на киднапирани заложници сѐ уште не беше познат, здружението се огласи и го осуди чинот, но не наведе експлицитно дека станува збор за терористички напад на Хамас, ниту пак ги спомена невидената бруталност и актот на уништување - а потоа се приклучи на критиките за акциите на милитантните израелски доселеници во палестинските села. Пред само неколку дена, Централниот совет на муслимани го суспендираше членството на шиитскиот Исламски центар Хамбург (ИЗХ), група која го поддржува Иран и е надгледувана од германската Служба за заштита на уставниот поредок. Но, Централниот совет на муслимани го стори тоа само кога стотици полицајци ги пребараа објектите на ИЗХ во различни германски градови.

„Сега, за разлика од сите собири кои се одржуваат од 2006 година, Централниот совет на муслиманите не е поканет на Исламската конференција“, вели за ДВ нивниот генерален секретар Абдасамад Ел Јазиди. Тој вели и дека жали поради тоа. Во исто време, тој смета дека изјавата на Централниот совет на 8 октомври била грешка. „Ќе беше подобро да го осудевме варварството на Хамас и да ставевме точка, а подоцна да го кажевме останатото.“

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД)Фотографија: Wolfgang Kumm/dpa/picture alliance

Ел Јазиди за ДВ додава дека неговото здружение со децении работи на интеграција на муслиманите и на развој на структурата на верските заедници. „Неправедно и навредливо е“, како што нагласува, членовите на Централниот совет на муслиманите да се претстават како поддржувачи на Хамас.

Сосема е јасно дека на Конференцијата ќе се разговара за улогата на муслиманските здруженија основани во Германија. А, токму Централниот совет на муслиманите досега беше постојан партнер во дискусиите со политичарите и со верските заедници на сојузно и на покраинско ниво.

Да се промени стратегијата

Според зборовите на Ерен Гуверцин, германската влада треба да ја промени својата стратегија кога станува збор за муслиманските здруженија. Во 2017 година, овој побожен муслимански и исламски теолог беше еден од основачите на друштвото „Алхамбра“, полиберална група која работи надвор од структурите на здружението. Гуверчин за ДВ потсетува дека стратегијата на сегашната, но и на претходните влади, била низ приближување до здруженијата да се постигнат промени и навистина да дојде до една „германска верска заедница“. Но, како што смета, таа стратегија „пропаднала“ кога е во прашање Дитиб, кој сѐ повеќе станува интересна група, а сѐ помалку верска заедница. „Ние во Германија мораме да ја поставиме нашата верска политика на сосема нова основа. Ни треба пресвртница во религиозната политика“, вели Ерен Гуверчин.

Исламската конференција започна денеска во Берлин. Можеби одлуката за тоа кој е првиот истакнат говорник на конференцијата јасно покажува која е целта на германското МВР. По воведниот говор, збор зема Кристијан Вулф, поранешен германски претседател (2010-2012). Вулф ја изговори познатата реченица дека исламот е дел од Германија. Со тоа отвори дебата која трае до ден-денес.

 

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми