1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Истекува гас од Северен тек 1 и 2 – во прашање е саботажа?

ЖА / агенции
27 септември 2022

По падот на притисокот во гасоводите Северен тек 1 и 2 во Балтичко Море, германските и данските служби продолжуваат со истражување на причините. Постојат индиции за саботажа.

Deutschland | Gas Pipeline Nord Stream 1
Фотографија: Hannibal Hanschke/REUTERS

Данската морнарица и германски експерти се во потрага по причината за падот на притисокот и истечувањето гас од гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2, дознава новинската агенција ДПА од безбедносни кругови. Досега не е јасно зошто доаѓа до хаваријата, но има индиции дека е во прашање саботажа. Доколку се испостави дека станува збор за напад, со оглед на техничката комплицираност, всушност во прашање би бил само државен актер,пренесува агенцијата ДПА.

Берлинскиот весник „Тагесшпигел“, повикувајќи се на информации од германски безбедносни извори, исто така ја споменува можноста за саботажа. Пратеникот на Зелените во Бундестагот, Јирген Тритин, пак зборуваше во насока на „насилно предизвикан дефект“.

„Не се впуштаме во шпекулации“, гласи официјалниот став на  германското Министерство за економија,  кое упатува на истрагата на безбедносните органи.

Ноќта кон понеделникот првично бил констатиран голем пад на притисокот во една од двете цевки на гасоводот Северен тек 2, кој не е во употреба. Синоќа, операторот сигнализираше пад на притисокот и во двете цевки од  Северен тек 1,  преку овој гасовод  Русија до 31 август испорачуваше земен гас кон Германија.

Данските, но и шведските власти како можна причина откриле истекување на гас на две места, двете се близу една до друга, јужно од островот Борнхолм. Данска поради истекот на гасот го подигна степенот на безбедност на својата енергетска структура и воведе сигурносна зона, поради што бродовите ја заобиколуваат локацијата. 

Северен тек 2 е целосно изграден, но поради руската инвазија врз Украинане беше ставен во погон.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми