1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Седум кандидати во трка за претседател

ДТЗ
8 март 2024

Од вкупно 15 кандидати, седуммина ги обезбедија потребните потписи од 10 илјади граѓани.

избори претседател
Седум кандидати во трка за претседателФотографија: Reuters/O. Teofilovski

На полноќ завршува рокот за собирање потписи за поддршка на кандидатите коишто ќе влезат во трката за претседател. Од вкупно 15 кандидати, седуммина ги обезбедија потребните потписи од 10 илјади граѓани. На изборите коишто ќе се одржат на 24 април за првпат од 1999 година ќе има најголем број кандидати за претседателски избори.

Неизвесна трка

Во трката за престижната функција во Вилата Водно влегуваат Стево Пендаровски, кој ќе се бори за втор мандат со обезбедени 22.412 потписи, кандидатката на опозицијата - Гордана Силјановска Давкова со 28.086 граѓански потписи, по што следат Бујар Османи од ДУИ со 11.085 потписи, Максим Димитриевски од ЗНАМ со 11.605 потписи, Билјана Ванковска како кандидат на Левица, која што обезбеди 10.559 потписи за поддршка, градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски со 11.290 потписи и Арбен Таравари од здружената албанска опозиција со 10.710 потписи за поддршка.

Останатите осум кандидати имаат под 2.800 потписи. Двајца од кандидатите имаат обезбедено само по шест потписи, а Томе Николоски е единствениот кандидат, кој според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), нема обезбедено ниту еден потпис за поддршка на неговата претседателска кандидатура. 

Изборна кампања

Собирањето потписи се одвиваше во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари. 

Изборната кампања започнува на четврти април и ќе трае до 22 април на полноќ. Според роковникот на ДИК за претседателските избори, листите на кандидати за претседател, овластените претставници на предлагачите ги доставуваат најдоцна на 19 март, до полноќ, односно 35 дена пред денот на одржување на изборите.

ДИК утврдената единствена листа на кандидат за избор на претседател ќе ја објави најдоцна на 29 март, до полноќ.

 

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми