Најмалку две лица загинаа во невремето што го зафати источниот дел на САД, илјадници летови беа откажани, а многумина останаа без струја. За милиони беше издадено предупредување од силно невреме вклучително и торнада.
Реклама
Дожд, грмежи, град и силни ветришта во понеделникот (7 август, 2023) го погодија речиси целото источно крајбрежје на Соединетите Американски Држави. Најмалку две лица загинаа, илјадници летови беа откажани или одложени, а повеќе од 1,1 милион домаќинства и бизниси останаа без струја вчера во силното невреме.
Бурата се прошири на големо подрачје на истокот на САД, а предупредувања за можно торнадо беа објавени во 10 американски сојузни држави од Тенеси до Њујорк. Националната метеоролошка служба соопшти дека повеќе од 29,5 милиони луѓе биле под предупредување за торнадо вчера попладне.
Во Андерсон, Јужна Каролина, 15-годишно момче загинало кога дрво паднало врз него додека излегувало од својот автомобил, соопштија локалните власти.
Во сојузната држава Алабама, 28-годишен маж бил погоден од гром и починал, јави локалната телевизија.
До синоќа откажани се повеќе од 2.600 летови во САД, а речиси 7.900 се одложени. Сојузната управа за авијација соопшти дека ги пренасочува авионите кои се упатиле кон источниот брег на САД за да ги избегнат бурите.
Од вчера вечер, повеќе од 1,1 милион корисници останаа без струја во сојузните држави Алабама, Џорџија, Јужна Каролина, Северна Каролина, Мериленд, Делавер, Њу Џерси, Пенсилванија, Тенеси, Западна Вирџинија и Вирџинија, сите сојузни држави погодени од невремето. Во многу сојузни држави урнати се дрвја и далноводи, јавуваат медиумите.
Според експертите од Светскиот совет за климата, екстремните временски појави, како топлотни бранови, суши, бури или обилни врнежи, зачестуваат со засилен интензитет како резултат на климатските промени.
Светот шокиран од убиствените екстремни временски прилики
Германија, Канада, Кина - драматичните слики кои се последица на екстремното време доминираат во последните недели. Дали за тоа е одговорна климатската криза?
Фотографија: AFP/Getty Images
Поројни дождови и поплави во Европа
Досега невидените поплави предизвикани од дводневни обилни врнежи дожд, колку што обично паѓаат во два месеци, во Германија и Белгија однесоа најмалку 209 човечки животи. Реките во средината на јули се претворија во надојдени буици и уништија села и објекти стари со векови. Обновата на куќите, фирмите и инфраструктурата, според проценките, ќе чини повеќе милијарди евра.
Фотографија: Thomas Lohnes/Getty Images
Екстремно поројни дождови
И делови од Индија и од Кина се погодени од рекордни поплави, дојде до излевање на акумулации и одводни канали. Научниците предвидоа дека промената на климата ќе доведе до зачестени и пообилни врнежи од дожд - загреаниот и потопол воздух апсорбира повеќе вода, што води до повеќе дождови.
Фотографија: AFP/Getty Images
Поплави во централна Кина
Повеќедневните непрекинати дождови на крајот на јули предизвикаа катастрофални поплави во централнокинеската провинција Хенан. Повеќе луѓе ги загубија животите, стотици илјади мораа да ги напуштат домовите. Во провинцијата Женгџоу бројни патници останаа заглавени во метрото поплавено од водата. Областите во провинцијата се уште потешко погодени.
Фотографија: Courtesy of Weibo user merakiZz/AFP
Рекордни жештини во САД и во Канада
Неподносливата горештина е сѐ почеста, како на крајот на јули во американските сојузни држави Вашингтон, Орегон и канадската провинција Британска Колумбија. Врелиот воздух „заробен“ под антициклонски фронт доведе до екстремно време и стотици смртни случаи. Во селото Литон беше измерена рекордна температура од 49,6 степени Целзиусови, а во следниот ден селото до темели настрада во пожар.
Фотографија: Ted S. Warren/AP/picture alliance
Шумските пожари доведуваат до невреме
Бранот жештина можеби е на заминување, но сушата поттикнува шумски пожари. Огнената стихија во Орегон е толкава што самата предизвикува невреме, а чадот се разнесува дури до Њујорк. Неодамна објавена студија тврди дека ваквите временски услови би „биле практично невозможни“ да не се климатските промени предизвикани од човекот.
Фотографија: National Wildfire Coordinating Group/Inciweb/ZUMA Wire/picture alliance
Дали Амазонската област е стигната до клучна точка?
Во јужниот дел на централен Бразил владее најтешката суша во последните 100 години. Со неа расте и ризикот од пожари и натамошно уништување на Амазонската прашума. Научниците неодамна соопштија дека голем дел од југоисточните шумски области во Амазон наместо да апсорбираат ЦО2 како порано, поради континуираното уништување сега испуштаат штетни гасови. Наскоро може да дојде до пресвртна точка.
Фотографија: Andre Penner/AP Photo/picture alliance
На работ на изгладнување
Во Мадагаскар, по години безмилосна суша, од глад се загрозени преку 1,4 милиони луѓе. Некои се принудени да јадат сирови кактуси, диви растенија и скакулци. Бидејќи не беа регистрирани природни катастрофи или политички конфликти, гладот таму се смета за прв во поновата историја предизвикан единствено од климатските промени.
Досега незабележаните поплави во северна Европа ја зафатија и Велика Британија: откако во еден единствен ден наврна количина дожд колку за еден месец, делови од Лондон, подземни постојки на метрото и улици се најдоа под вода. Поплавите се доказ дека „опасностите од промената на климата ни се приближуваат и нам“, изјави лондонскиот градоначалник Садик Кан.
Фотографија: Justin Tallis/AFP/Getty Images
Грција се бори со пожари
Додека земјите во северна Европа се под вода, оние на југот, како Грција, се зафатени од повеќе топлотни бранови уште од почетокот на летото. Во првата недела од јули температирите се искачија над 43 степени Целзиусови. Туристичките атракции, како Акропол, преку ден се затворени, додека околу Солун беснееја шумски пожари. Во акција на гаснење на огнот беа и хеликоптери.
Фотографија: Sakis Mitrolidis/AFP/Getty Images
Шумски пожари и на Сардинија
Шумски пожари од досега незабележани размери го опустошија централно-западниот дел од островот, истакна гувернерот Кристијан Салинас: „Досега во прав и пепел се претворени 20.000 хектари шума, кои беа синоним за вековната еколошка историја на нашиот остров“. Околу 1200 луѓе се евакуирани од и натаму загрозениот регион.