1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историската величина на Мицковиот кредит

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
26 ноември 2024

Нема евтин кредит, дури и ако е бескаматен, ако нема издржани проекти за трошење на парите и дали тие инвестиции ќе можат да ги вратат долговите, или тоа ќе го платат граѓаните. Пишува Ерол Ризаов

Македонскиот премиер Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Од скопското село Булачани стаса историската вест за најповолниот кредит досега за стопанството на Македонија. Премиерот Христијан Мицкоски соопшти уште една негова голема политичка победа: „Ќе имаме инвестициски бран од 300 милиони евра со историски најниска камата. Добивме потврда за тоа од неколку банки, очекувам најголем дел од банките да застанат зад овој проект, односно овие 250 милиони евра конечно од „утре“(понеделник) да бидат поделени на македонското стопанство.“ Браво за премиерот, стана најдобриот, и со најширока рака, инвеститор во државата без да се бркне во џебот. Премиерот очекува вложениот капитал да му се врати брзо на изборите. Тоа  значи, додека го читате овој текст, парите веќе се делат на ангро, се разбира, ако банките не ги почитуваат правилата кои може, а кој не може да добие кредит без потребните гаранции. 

Премиерот Мицкоски ги потврди и условите за историските кредити. Каматата ќе биде 1.95% со три години грејс период, кога ќе се трошат парите без потреси за враќање, а потоа уште 12 години, рок на отплата. Со 20-те проценти сопствено учество на компаниите се остварува инвестицискиот „бум“ од 300 милиони евра. Банкарите за оваа историска победа на владата, и пред сѐ на премиерот, уште молчат пред јавноста. Резултатите од историската економско-патриотско-партиска финансиска иновација кога стопанството ќе процвета  ќе бидат триумфално соопштени од село Долно Дупени. Лично премиерот Мицкоски, а зад него насмеаните и успешни стопанственици што земале багателни кредити ќе и приопштат на нацијата дека државата е спасена од банкротство. 

Уште поисториски ќе беше кредитот без камати 

Советниците на премиерот Христијан Мицкоски кои ќе бидат кандидирани за Нобелова награда за економија за генијалниот изум можеа лесно да направаат уште поповолен резултат за стопанството, ако ја прифатеа варијантата на премиерот, кредитите да бидат бескаматни, како што тој испрати абер дури од Белград. Требаше само да ги откачат „грамзивите“ лихварски банки и да ги префрлат 250 милиони евра на сметка на Државната развојна банка зголемувајќи го драматично нејзиниот капитал и проблемот ќе беше решен. И банките задоволни и стопанството одушевено.

Со една таква силна капитализација на Развојната банка можеа да ги делат парите како сакаат и кому сакаат, по „преговорите" со владата и Стопанската комора кои ќе ги одредат подобните компании што ќе напрват пресврт во македонското стопанство. Зошто тоа не е така направено, знаат и премиерот Мицкоски и неговите финансиски советници, секако и банкарите и економистите кои имаа храброст да и приопштат на јавноста за каква заблуда и политичка сакпа пропаганда станува збор. Политиката на премиерот и на владата не може да прифати таква одговорност од ризикот кој допрва ќе го видиме, а и скапо ќе го платиме, за ваквите идеолошко волунтаристички потфати на задолжување и кредитирање кои попримија деспотски диктат и притисок. Едно е да се задолжува државата, а друго како ќе се трошат парите и трето како ќе се вратат и кој ќе ги врати. Тоа се многу различни работи. Кажано народски, многу е лесно да се задолжиш и да трошиш, а најлесно друг да ги врати долговите. 

Фотографија: Regierung von Nordmazedonien

Презадолжените општини кои се до гуша во долгови, со 250 милиони евра ќе прават паркинзи, тротоари, покриви, канализации, градинки, игралишта... и пак ќе останат уште повеќе должни. Додека општините се дават во долгови страдаат едни други стопанственици кои останале со празни раце по завршените работи. Така, поделените пари со единствениот критериум политичка и партиска припадност, никогаш нема да ги направи општините самоодржливи. Проблемите на општините и на граѓаните не се решаваат со предизборни коруптивни пари кои треба да ги враќаат граѓаните на Македонија.

Без потребните издржани проекти и без неопходните системски решенија прашање е дали во Македонија постојат две или три општини кои можат да опстанат и самостојно да планираат сопствен развој. Тоа е данокот на централизираната политика, владата да одлучува да им дели по три лажички допинг дневно на тешко „заболените“ сиромашни општини колку за опстанок. Така се одржува во живот таканаречената локална самоуправа која никогаш не стана самоуправа.

За што ќе се потрошат милионите евра? 

Секогаш кога ќе се спомнат зборовите кредит и задолжување ми доаѓа на памет еден настан од пред повеќе од 40 години за кој веќе сум пишувал, но и сега е добра прилика да се потсетиме. Во Охрид на едно советување се запознав со познатиот словенечки економист политичар, општественик Јанез Становник, автор на познатата книга „Релации Исток – Запад“ и во еден период извршен секретар на економската комисија на ОН за Европа. Го молев за интервју, но експресно ме одби, додуша љубезно оставајќи простор за, во некоја друга прилика, кога ќе има што да каже нешто повеќе од она што го зборуваше на советувањето. 

Го начекав попладнето на терасата на хотел „Горица," како ужива сам на зајдисонце. Му пријдов внимателно. Уште не изустив ни збор, ме пресече. Пак ли ти. Не, не барам интервју промрморев, само да ви кажам дека нашиот Запад е таму кај што сега заоѓа сонцето во Албанија, со јасна алузија на неговата книга „Релации Исток – Запад". Се насмеа, седни момче рече, ајде прашај што ќе прашаш. Како од пушка истресов Југославија е должна 20 милијарди долари... не довршив кога силно удри со шаката на маса. Аман бре со ова глупаво прашање, вие новинарите само тоа знаете да прашате, кредитите, па кредитите. Ме исплаши со тие мустаки од половина метар. Види момче вистинското прашање е како ги потрошивме парите, каде отидоа тие силни милиони долари. Потоа уследи едно разјаснување кое секој може да го разбере.

Прво мислев дека се подбива кога рече: кога вие ќе земете кредит од банката, значи ќе си купите пари по одредена цена. Убаво ќе се преслушате и ќе се пресметате што ќе правите со тие пари, како ќе ги трошите, каде ќе ги вложие и со кои пари ќе го вратите кредитот. Ако појдете на одмор, или купите кола, правите свадба, или не дај боже играте комар, тогаш не ќе можете да ги вратите парите. Банката ќе ве казни и ќе ви наплати многу поскапо. Ќе ви го  конфискува имотот, или тоа ќе го платат вашите пријатели кои ви дале гаранција дека ќе го преземат долгот ако вие не можете да го вратите...

Ама јас ве прашав за државата и за 20 милијарди долари направени долгови. Тоа е исто, рече Становник со „мали“  разлики, како на пример, дека долгот ќе го вратат граѓаните и ќе бидат посиромашни. Дали знаете дека уште ги отплаќаме кредите од времето кога Југославија била кралство? Значи пишете дека кога се зема кредит треба да се знае зошто ќе се трошат парите и дали тоа во што ќе се инвестира ќе може да ги отплатува долговите и да создава нови вредности. Ако за тоа немате добра стратегија и издржани проекти, кредитите ќе бидат се понеповолни, а долговите со поголеми, одредени слоеви на населението се посиромашно. Државите можат да пропаднат, да банкротираат, а кредитите мора да се вратат. 

Тоа за жал се потврди многу години подоцна со распадот на Југославија во 1991 година. Првиот зафат на светските банки беше да се расчисти со долговите, која република колку е должна и тие пари уредно да се вратат. Сѐ уште се враќаат со пропишаните камати. Ги враќаат денешните генерации. Ќе прашате каква врска има тоа со денешниот историски најповолен кредит што го добила Македонија, како што вели премиерот Христијан Мицкоски. Има и тоа голема врска. Нема евтин кредит, дури и ако е бескаматен, ако нема издржани проекти на што ќе се потрошат парите и дали тие политички инвестиции ќе можат да ги вратат долговите, или тоа ќе го платат граѓаните.

Овој кредит, како и сите други со кои се задолжила државата, а станале промашени инвестиции, ќе го вратат граѓаните, со таа разлика што овојпат тоа ќе биде многу поскапо бидејќи со овој политички диктат и од дома и од надвор ќе имаме цело крдо на „бели слонови“, синоним на залудно фрлени пари, предвидуваат економистите и стручните луѓе кои ги препознаваат мотивите за едно вакво задолжување со катастрофални последици.

Сето тоа народот ќе го позлати.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми