Историски референдум во Австралија
14 октомври 2023Треба ли домородното население во Австралија да добие поголеми политички права за соодлучување или не? Тоа е прашањето за кое денеска (14.10) на референдум, кој според многумина е историски, гласаат австралиските граѓани.
Според последните истражувања на јавното мислење, јасно мнозинство од 56% ќе гласаат со „не“ за намерите на владата на премиерот Ентони Албаниз. Јавното мислење во земјата, кое на почетокот одеше во насока на „да“ за повеќе политички права за Абориџините, се промени поради интензивните кампањи на опозицијата
На референдумот конкретно станува збор за тоа дали Абориџините во иднина ќе добијат право на соодлучување кое ќе биде содржано во Уставот. Доколку на референдумот има мнозинство за тоа, тело избрано од Абориџините ќе го советува парламентот по прашања кои директно го допираат автохтоното население. Сепак, на пратениците ќе им биде препуштено дали ќе ги послушаат советите.
„Ова не е радикален предлог. Ова е испружена рака на пријателство од првите Австралијци до секој Австралиец, која моли да биде прифатена во духот на помирување“, изјави денеска Албаниз.
На референдумот право на глас имаат околу 18 милиони луѓе, од кои 530.000 припадници на автохтоното население. Се очекува висок одзив. И покрај тоа што речиси половината гласачи веќе го дадоа својот глас, пред избирачките места има долги редици.
Абориџините се сметаат за најстара сѐ уште постоечка култура на светот. Тие го населуваат континентот повеќе од 65.000 години. По колонизацијата на Австралија, тие првпат добија граѓански права во 1965 година. Денес околу 4% од околу 25 милиони Австралијци се изјаснуваат како припадници на домородното население. Јазот во австралиското општество е голем, а Абориџините до денес се дискриминираат.