1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корупциски скандал во Украина: што се знае?

Лилиа Ржеутска
13 ноември 2025

По корупцискиот скандал во Украина, двајца министри си поднесоа оставки. Истражителите тврдат дека откриле шема за перење пари во енергетскиот сектор. Во фокусот е човек близок до Зеленски.

Човек става купче пари во џебот
Украинските истражители открија коруптивни практики во украинскиот енергетски секторФотографија: photothek/Imago

Корупцискиот скандал во Украина се шири - министерот за правда Херман Халушченко и министерката за енергетика Свитлана Гринчук по барање на претседателот  Володимир Зеленски, си поднесоа оставки. Со тоа ја преземаат одговорноста за откритијата на  Националното биро за борба против корупцијата на Украина  (НАБУ) кое обелодени шема за перење пари од големи размери во секторите енергетика и одбрана. И покрај тоа, двајцата ги отфрлаат обвинувањата против нив. НАБУ истрагата ја почна во летото 2024 година, фокусирајќи се особено на државната компанија „Енергоатом“, која управува со четирите нуклеарни централи во Украина. Операцијата беше наречена „Мида“ според истоимениот крал од грчката митологија, кој можел да претвори сè што ќе допре во злато.

Десетици претреси кај службени лица

Утрото на 10 ноември НАБУ спроведе околу 70 претреси во домови на високи службеници, користејќи го за акцијата сиот расположлив персонал, наведува Олександар Абакумов, раководител на истражниот тим, во видео на Јутјуб каналот на НАБУ. Во текот на истрагата биле снимени илјадници часови аудио снимки, кои обезбедуваат докази против високо-рангирана криминална организација во енергетскиот и одбранбениот сектор.

Се тврди дека Херман Халушченко нелегално се збогатил: Украинскиот министер за правда ги отфрла обвинувањата, но сепак поднесе оставкаФотографија: Danylo Antoniuk/Ukrinform/IMAGO

Како што објави НАБУ во вторникот, притоа се уапсени пет осомничени лица, а вкупно седум лица се сомничат дека се дел од криминалната организација. Претреси се  спроведени и во домот на  министерот за правда Херман Халушченко,  како поранешен министер за енергетика во периодот од април 2021 до јули 2025 година, пред Свитлана Гринчук да ја преземе функцијата. Од 2020 до 2021 година, тој беше и потпретседател на Енергоатом. Од Министерството за правда потврдуваат дека Халушченко е под истрага како дел од кривична постапка.

Како функционирала шемата

Според истрагата, членовите на криминалната група барале поткуп од договорните страни на енергетскиот концерн во износ од десет до петнаесет проценти од вредноста на нарачката. Во спротивно, морале да сметаат на тоа дека ќе им бидат задржувани исплатите за извршени услуги или испорачани производи и дека ќе им биде одземен нивниот статус на добавувач. „Фактички е создаден систем во кој стратешка компанија со промет од над 200 милијарди гривни (поколу 4 милијарди евра) не била управувана од топ менаџери, надзорен одбор или државата како сопственик, туку од надворешно лице кое без овластување ја презело улогата на менаџер во сенка“, се вели во соопштението од НАБУ.

„Тенор“, „Ракета“, „Карлсон“ и други

Според истражителот Абакумов, на криминалната банда ѝ припаѓа и поранешен советник на министерот за енергетика, управниот директор за физичка заштита и безбедност во „Енергоатом“, четворица вработени во канцеларијата одговорни за борба против перење пари и еден бизнисмен, кого истражителите го сметаат за раководител на криминалната банда. Во досиејата на НАБУ и протоколите од прислушкувањата, наместо имиња стојат „Тенор“, „Ракета“, „Карлсон“ и други. „Тенор“ е за управниот директор за физичка заштита и безбедност во „Енергоатом“, „Ракета“ за поранешниот заменик-шеф на Фондот за државни средства и советник на тогашниот министер за енергетика Халушченко, и „Карлсон“, наводниот водач на бандата.

Министерката за енергетика Свитлана Гринчук, исто така, поднесе оставка, но тврди дека е невинаФотографија: Murad Sezer/REUTERS

Во видео подкаст со весникот „Украинска правда“, Абакумов изјави дека псевдонимите не биле измислени од истражителите, туку од самите членови на групата и тврди дека групата користела врски во рамките на министерството и „Енергоатом“ за да ги контролира одлуките за персонални прашања, набавки и протокот на пари.

Специјалната улога на „Карлсон“

Според НАБУ, „Карлсон“ ја контролирал т.н. „перална“, преку која парите стекнати со криминални активности биле инкорпорирани во легалниот финансиски оптек и економски систем. Пратеникот Јарослав Железњак од фракцијата „Холос“ (Глас) тврди дека прислушкуваниот „Карлсон“ е бизнисменот Тимур Миндич. Според наводите во украинските медиуми, куќата на Миндич била една од целите на претреси на НАБУ на 10 ноември. Миндич пак, важи за близок соработник и човек од доверба на претседателот Володимир Зеленски. Тој меѓу другото е и ко-сопственик на телевизиската продукциска компанија „Квартал-95“, чиј ко-основач е и Зеленски. Според извор на „Украинска правда“, Миндич ја напуштил Украина само неколку часа пред рацијата.

Милиони американски долари во снопчиња

Абакумов за „Украинска правда“ наведува дека истражителите снимиле четворица поранешни министри во различни ситуации. НАБУ за време на претресите запленила повеќе од четири милиони американски долари во обележани снопови во стандардна амбалажа од Федералната резервна банка на САД. „Ова сугерира дека парите од САД му биле префрлени некому“, наведува главниот истражител и додава дека „тоа може да е банка во Европа или било кое друго место во светот. Потоа пристигнале во Украина во ваква форма“.

Што велат од „Енергоатом“ и неговиот надзорен одбор?

Надзорниот одбор на „Енергоатом“ изјави дека многу сериозно ги сфаќа обвинувањата за корупција против вработените и најави посебен состанок за да утврди соодветни мерки. „Тоа вклучува иницирање независна ревизија на предметните трансакции, како и сеопфатен преглед на внатрешните процедури и контролните системи на компанијата“, се вели во соопштението објавено на Фејсбук.

Државната компанија „Енергоатом“ управува со нуклеарните централи во УкраинаФотографија: Tomas Stevens/ABACA/picture alliance

Од „Енергоатом“ уверуваат дека корупцискиот скандал немал влијание ниту на средствата, ниту на финансиската состојба на компанијата, ниту пак ќе влијае на производствените планови или безбедноста на нејзините нуклеарни централи. „Нашата главна задача останува сигурното, стабилно и безбедно работење на нуклеарните централи на Украина, со што се гарантира енергетската безбедност на земјата“, велат од компанијата.

Реакции на властите 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара скандалот да се истражи и одговорните да бидат казнети. „Енергоатом е најголемиот снабдувач со енергија во Украина. Интегритетот во компанијата има највисок приоритет. Енергетскиот сектор и сите други бранши вклучени во вакви махинации, мора да бидат изведени пред судот. Мора да има пресуди“, рече Зеленски во видео обраќање на 10 ноември. Премиерката Јулија Свириденко за медиумот „Суспилне“ ја потврди подготвеноста да ги поддржи  антикорупциските власти  во нивната работа.  „Борбата против корупцијата  е еден од главните приоритети на владата. Мора да има пресуди и безусловна казна за сите кривични дела“, нагласи таа. Владата ги суспендирала сите овластувања на надзорниот одбор на „Енергоатом“ и наредила итна ревизија на компанијата, особено на нејзините набавки, посочи премиерката.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми