1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Истрага за загрозување на животната средина со отпад

ДТЗ
28 октомври 2025

Скопското обвинителство бара притвор за директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Сабахадин Рустеми и управителот за отпад во претпријатието, поради загрозување на животната средина и природата со отпад

Јавното обвинителство во Македонија
Истрага за загрозување на животната средина со отпадФотографија: Petr Stojanovski/DW

Основното јавно обвинителство Скопје наложи истрага за раководни лица од ЈП „Комунална хигиена“ коишто беа приведени во понеделникот (27.10), поради трупањето отпад на улиците на главниот град. Станува збор за директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Сабахадин Рустеми и управителот за отпад во претпријатието, за коишто се бара притвор, откако ноќта ја поминаа во полициска станица. 

Според Обвинителството, постојат сомненија за кривично дело - загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 1 од Кривичниот законик. 

„Двајцата постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на својата основна дејност за редовно собирање и транспортирање безопасен отпад на подрачјето на Град Скопје, како и на обврските предвидени во Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад и на Оперативниот план за одржување на јавната чистота во Градот“, соопштија од скопското обвинителство.

Истрагата за работата во „Комунална хигиена“ започна откако во Градот Скопје подолго време не се собираше сметот, што претставуваше ризик за здравјето на граѓаните. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Во опасност животот и здравјето на граѓаните

Со пропуштање на целосниот надзор над собирањето и транспортирањето на комунален отпад, како и со непрописно управување со отпадот, тие овозможиле во текот на месецот да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини, во близина на контејнерите за собирање комунален отпад.

Со тоа, според Обвинителството, предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата и го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести.

Опасност да се влијае врз сведоци

Ваквите сомненија се утврдени и констатирани со вонредни инспекциски надзори направени по насока на Јавното обвинителство. Добиено и е експертско мислење за влијанието на отпадот врз јавното здравје и можноста за ширење заразни заболувања од Институт за јавно здравје во Македонија. 

Поради опасност од влијание врз сведоци и можност за повторување на делото, до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.

Ќе се шири ли истрагата? 

Засега е неизвесно дали ќе се шири истрагата и на членови на Управниот одбор на претпријатието, со оглед на тоа што според статутот, овој орган има голем број надлежности.

Од Обвнителството посочуваат дека врз основа на прибраниот доказен материјал, постои основано сомнение за кривична одговорност на двете приведнеи лица. „Доколку се утврдат сомненија за кривично дело кај други лица, обвинителството ќе постапи“, велат од ЈОРСМ. 

Истрагата за работата во „Комунална хигиена“ започна откако во Градот Скопје подолго време не се собираше сметот, што претставуваше ризик за здравјето на граѓаните. Поради појава на стаорци, надлежните институции издадоа мерки и препораки за заштита на жителите во главниот град. 

Основното јавно обвинителство Скопје на 21 октомври издаде наредби до МВР и до други надлежни органи за итно постапување и проверки во однос на работењето на Јавното претпријатие (ЈП) „Комунална хигиена“.  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми