1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десет фирми за пет години добиле тендери за 1 милијарда евра

ДТЗ
6 декември 2024

Во последните пет години се склучени договори за јавни набавки во вкупна вредност од 5,8 милијарди евра, а 36 % од нив им припаднале само на 50 фирми, покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации

тендери
Само 10 фирми за пет години добиле државни тендери за една милијарда евраФотографија: Colourbox/M. Chab

Само десет фирми за пет години добиле државни тендери во вредност од една милијарда евра. Во последните пет години во Северна Македонија се склучени договори за јавни набавки во вкупна вредност од 5,8 милијарди евра, а 36 % од нив, односно 2,1 милијарда евра им припаднале само на 50 фирми, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) за 50 фирми кои добиле најмногу пари во јавните набавки во последните пет години (2019-2023 година).

На листата на најголеми добитници на тендери се градежни компании, веледрогерии, дистирибутери на нафтени деривати и слично. На дел од компаниите кои се на листата 50 најголеми добитници на тендери, речиси целиот бизнис им почива на договори за јавни набавки. Во првите 10 фирми се Марковски Компани Битола, Д-р Пановски, Пуцко Петрол, Алкалоид Конс, Енерџи Деливери Солушнс, Макпетрол, Илинден Струга, Гранит, Македонски телеком и Стентон Градба Битола.

Во периодот 2019-2023 година во земјата се склучени договори за јавни набавки во вкупна вредност од 359 милијарди денари, односно 5,8 милијарди евра. Во овој период вкупно се склучени 168.400 договори за јавни набавки со 6.378 фирми. Произлегува дека тендер добиле 9 % од вкупно регистрираните околу 71.300 фирми во земјава, се наведува во истражувањето. 

Според ЦГК, на годишно ниво, тендери добивале помеѓу 3.300 и 3.800 фирми. Анализата на фирмите добитници на тендерите и вредноста на тендерите открива висока концентрација на тендерите кај мал број фирми. 

На листата на најголеми добитници на тендери се градежни компании, веледрогерии, дистирибутери на нафтени дериватиФотографија: DW/A. Dimitriveska

Доминација на скопски и битолски фирми

Според истражувањето, фирмите кои добиле најголема вредност на тендерите во изминатите пет години, во најголем дел се од земјата и ним им припаднале 95 отсто од вредноста на тендерите. Само 5 отсто земале фирми од странство. Притоа, убедливо најголем удел имаат скопските фирми, а по нив битолските.

„Прворангираната фирма, Марковски Компани, за 5 години има склучени вкупно 77 договори за јавни набавки во вредност од 151 милион евра. Дури 66 тендери им се склучени со државното претпријатие АД Електрани, во вредност од 141 милион евра. Второпласираната Д-р Пановски во анализираниот петгодишен период има склучено 1.491 договор во вредност од 144 милиони евра. Трета е Пуцко Петрол од с. Пласница со склучени 1.776 договори во вредност од 137 милиони евра“, посочуваат од Центарот за граѓански комуникации.

Најмногу тендери за градежништво и лекови

Според дејноста, дури 39 отсто од вредноста на договорите отпаѓа на градежништвото каде припаѓаат и договорите на АД Електрани за користење на механизација и работници за ископ на јаглен. На второ место се тендерите за набавка на лекови и медицинска опрема во вредност од 559 милиони евра и удел од 27 отсто. На трето се нафтените деривати со вредност од 297 милиони евра и удел од 14 отсто. Сите други фирми, согласно дејноста, имаат удел под 10 проценти.

Според истражувањето, одредени компании во изминатите пет години имале поголема вредност на добиените тендери отколку вредноста на вкупните приходи што ги оствариле. Ова значи дека договорите се склучени, но побарувањата за нив или сè уште не доспеале или пак не се наплатени. „Но, ова зборува дека бизнисот на овие компании целосно почива на јавните набавки“, укажуваат од Центарот за граѓански комуникации.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми