1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата ги „изела“ парите за проекти од интерес на граѓаните

ДТЗ
6 октомври 2023

Се кратело од проекти за здравството, образованието, социјалната заштита, а се покривале дупките предизвикани од енергетската криза

Symbolbild Stromzähler & Strompreis | Klimadebatte
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Woitas

Кризата ги изела парите за проекти од интерес на граѓаните - место да се гради и инвестира во капитални проекти, државата и општините покривале дупки во буџетите. Енергетската криза предизвикала трошоци од 271 милиони евра. Со цел да се покријат дополнитените расходи кои ги наметна енергетската криза во 2022 година, Владата жртвувала проекти од најмалку 170 милиони евра. 

Ова го покажува истражување за последиците од зголемените буџетски трошоци од кризата во 2022 година врз области кои влијаат врз животот на граѓаните, коешто беше презентирано на денешната дебата во Скопје, во организација на Цивика мобилитас, а во рамки на проект поддржан од Владата на Швајцарија. 

Според Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации, станува збор за проекти како реновирање на здравствени установи, купување медицинска опрема, изградба на детски градинки и домови за стари лица, изградба на патишта, реконструкција на студентски домови, како и проекти за унапредување на животната средина. 

„Кога кон овој износ ќе се додат и 50 милиони евра капитални проекти кои требало да се реализираат од локалните власти, произлегува дека граѓаните се условно кажано оштетени за 220 милиони евра кои требало да придонесат кон подобрување на нивниот квалитет на живот“, вели таа. 

Задолженоста на сите институции е зголемена за 30 проценти и изнесува 800 милиони евра. Факиќ смета дека многу е важно да се настојува товарот на зголемените трошоци да не паѓа толку на граѓаните, туку да влијае и на привилегиите кои за себе си ги обезбедуваат функционерите.

Кризата ги „изела“ парите за проекти од интерес на граѓанитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

На што се трошеле парите? 

Истражувањето покажало дека за да се прикрие ударот на енергетската криза врз капиталните инвестиции во 2022 година, дури 28 проценти од капиталните расходи односно 130 милион евра биле потрошени за исплати кои не може да се сведат под категоријата „капитални“. 

Станува збор за дел од исплатите кон АД Електрани за надминување на енергетска криза(97 милиони евра), како и плаќања на гаранции по рати за кредити на државните претпријатија, како што се АД Пошта (2 милиони евра) и АД Водостопанство (1,8 милиони евра) за сервисирање на обврските за електрична енергија.

Вршени се и плаќања на Министерството за финансии – функции на државата за плаќања по гаранции на рати за кредити на АД за државни патишта (24 милиони евра) и Железници на РСМ Транспорт АД Скопје (6,3 милиони евра).

Каде најмногу се кратело?

По одделни сектори, во здравството, во кризната 2022 година најмногу на удар за кратење била реконструкцијата и доградбата на здравствените објекти, за што требало да се потрошат 14 милиони евра, а се потрошиле само 3,5 милиони евра.

Во областа на социјална заштита не почнале да се реализираат 7 градежни проекти во вредност од 4 милиони евра. Станува збор за објекти наменети за стари лица, лица со посебни потреби и деца од градинки.

Во здравството, во кризната 2022 година најмногу на удар за кратење била реконструкцијата и доградбата на здравствените објектиФотографија: Petr Stojanovski

Инвестициите во образованието во 2022 година се речиси преполовени и од првично буџетираните 20 милиони реализирани се само 10 милиони евра.

Програмата за унапредување на животната средина од 30 милиони евра е сведена на реализација од само 13 милиони евра, а во областа на земјоделството, водостопанството и шумарството, за потпрограмите „Хидросистем Злетовица“ и „Модернизација на земјоделството“ биле планирани 4,5 милиони евра, а потрошени само нешто над 1 милион евра.

Инвестициите во патната инфраструктура со Буџетот за 2022 година првично биле проектирани на 96 милиони евра, за потоа целосно да се укинат, а намалување на средствата имало и за проекти за водоснабдување и одведување на отпадни води.

Големо кратење на средствата е евидентирано и во реформите на казнено – поправните установи, па од првично планираните 4,6 милиони евра реализирани се само 127 илјади евра.

Крателе и општините 

Истражувањето на сите буџети на единиците на локална самоуправа покажува дека капиталните проекти на локално ниво, во годината на енергетска криза ги преживеале ребалансите, но на крајот не се реализирале целосно. Тие ги скратиле плановите за инвестирање и финално не се реализирале градежни капитални проекти во вкупна вредност од 51 милион евра.

Општините до крајот на 2022 година имале долгови од 66,4 милиони евра и покрај обидот на државата во 2019 година да им подмири голем дел од заостанатите обврски. На крајот на минатата година, 14 од општините имале блокирани сметки.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми