1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
СпортФранција

Исусе мил, прости им на бранителите твои

1 август 2024

Што ли би рекол Исус Христос, што би сторил при сета врева покрената околу бласфемијата олимписка? Пишува Арсим Зеколи

Сцена од отворањето на Олимписките игри во Париз (настап на Филип Катрин)Фотографија: Capture TV France/Bestimage/IMAGO

Соговорникот беше постуден од лимонадата која спокојно ја сркаше. Ниту хафз ниту имам, единствено искрен верник неоптоварен од моите инсистирања за неговото мислење околу палењето на Куранот и карикатурите за Пророкот. „Нема што јас да објаснувам”, одговори верникот, „кажано е одамна. На тој што пали би му дал чаша вода да се напие, а на тие што протестираат би им дал Куран за да се смират”.

Задоволен од мојот израз на неверување, блазирано додаде: „Куранот е бранет од Господ лично. Таму пишува ‘ние ви го пративме и ние ќе го браниме'. Светите книги, се бранат самите себе. Не зависат од нас. Така преживувале. Овој што пали книги, е за жалење. Оние што демек го спречуваат, не си ја знаат книгата што ја бранат. Не ме задевај додека ја гледам мравката натоварена со лист”.

Што ли би рекол Исус Христос, што би сторил при сета врева покрената околу бласфемијата олимписка? Доколку би суделе според Библијата и неговиот животопис, сетики би пуштил молњи од Ciel Sur Paris и змејови од Сена, акрепи од Бастиља и скелети од Катакомби. Како казна за развратот во трошење пари додека луѓето гладуваат, војуваат и се убиваат. Но повторно, според Библијата и (по)стапките негови, за сцените од отворањето би побарал да истапат „оние кои ќе го фрлат првиот камен“ врз потомците на блудницата, лепрозниот и прогонетиот. Ќе си дозволам, со барање прошка, да претпоставам дека неговиот коментар за „последната вечера“ на Да Винчи би бил: „Човече, кои се луѓево? Ниеден од нив не личи на мене и моите апостоли. Белки продавачи, трубадури, алкоси, просјаци позирале на оној Леонардо од улиците на Милано. Т'зи там, не сме ние.“

Естетиката на грдоста

Всушност, ликовите прикажани на Олимпијадата можеби се поавтентични на историскиот контекст на Последната Вечера отколку ликовите претставени од Да Винчи. Не од естетски, туку од социјален аспект на ликови од периферијата, прогонети, презрени, понижувани, исмејувани и воопшто избегнувани. Тоа се ликови на Последната (световна) Вечера, пред човекот да премине во Пророк и Светец, вино и леб. Колкава е разликата помеѓу Сахредин Судот и обвиненијата против Исуса со оние вперени против визеулно пренагласената, но суштествено по пресудата блиска претстава на Олимписката вечера? Истите зборови ечат со ист интензитет: бласфемија, скарадност, исмејување на верата, перверзија, ѓаволштина. Кајафас некогаш, Вилдерс денес како симболи на религијата лишена од милост и закоравеност во привилегираната инквизиција кон неприлагодените и бунтовните. Историски, знаеме кон кого Кајафас и Вилдерс беа против, но не толку знаеме што всушност бранеле од Исуса или Париската Последна Вечера?

Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Доколку барате директна линија на поврзаност помеѓу Последната Вечера во Ерусалим и онаа во Париз (прескокнувајќи ја интерпретацијата на Да Винчи) тогаш поврзаноста не ја барајте само во историските ликови, туку во естетиката на грдоста на совремието. Да, грдоста, тој унаказен невин збор, е трансверзалата која се протега од деновите на Христа до денешницата. Ојст, море застанете, запрете, смирете си нервите, правосвештени бранители на Христа. Не сум јас тој кој Христа и Апостолите ги нарекува и уште помалку смета за грди. Напротив, ја бранам убавината на нивната вистина – површна и длабинска. Црквата е таа која преку измислување на „синокосата, синоока“ убавина на Исуса и Марија и Јован ги има прогласени за недостојно „грди” за да бидат претставени во вистинскиот медитерански лик и семитска прилика. Црковниот приказ на Исус и Апостолите е првиот историски фотошоп, ретуш и ревизија низ која се краде вистинската хуманост, мудрост, божественост на Пророкот и се префрла во темелите на супремациската расна реинтерпретација на евроцентричното христијанство и самиот аристократизиран Христ.

Но грдото го спасува човештвото, ја ревитализира верата и вербата, ги привлекува отпишаните и враќа разочараните. Има ли посодветен момент на претстава на грдото отколку Олимијадата како карневал на совршени, извајани, венусови и давидови здрави тела во процут на потенцијата? Но има ли, исто така, посоодветно можност токму низ тоа паралелно соочување помеѓу убавото и грдото да се потсетиме дека сите судири и конфликти се воделе во име на совршената убавина – од антиката до уберменштината на Хитлер, Сталин, Мао – но никогаш, никој, никаде не покренал војна и атака во име на грдото. Убавината е агресивна, наметлива, освојувачка. Грдоста е статична, милозлива, повлечена, скромна и пасивна. И перпетуално стоечка низ сите историски премрежија.

Црковната уметност, христијанска или исламска, е одамна веќе закочена, самозаробена, самозадоволна, нарцисистичка, дехуманизирана, отуѓена и обездуховена. Инсистирањето на расниот супремацистички идеал во христијанството или шеичката опседнатост со грандиозен банален материјализам, ја има истиснато внатрешната убавина и длабочина на верата. „Убавото е на извесен начин здодевно”, утврди одамна Умберто Еко. „Нејзиниот концепт се менува низ времето, убавото секогаш мора да се повинува кон некои правила. Но грдото е непредвидливо, со бескрајни можности на претстава. Убавото е ограничено. Грдото е бескрајно, како Господ”.

Сцена од отворањето на Олимписките игри во ПаризФотографија: Ludovic Marin/AP/picture alliance

Бесмртната убавина на христијанството кај Рембранд и Караваџо е во играта на сенките и земската приемчивост на ликовите. Учењето на Сведенборген христијанството е во ре-откривањето на „внатрешниот осет”. Актерите од Олимпијадата не се ексцес, туку современици на Илуминизмот и шпанскиот Alumbrados. Интересот на паствата за космичката бескрајнот на грдото и заситеноста од ботоксираната, фотошопирана, иконокласичната статична, стерилна убавина, денес ја раѓа телесната грдост на Хоакин Феникс во Џокер. Грдото, накарадното е маченик на естетското кое низ перпетуалната одбивност го храни, развива и оплеменува секогаш еволутивниот идеал на убавото. Девојките, момчињата, жените, мажите, тој, таа, тие, вие, под која било современа етикета, се визуелно предизвикувачки. Но нивната одбележаност со грдото е предиспозитив за премислување на она што денес го сметаме за убаво. Поточно, површно убавичко. 

Поразителното во целата претстава

Претставата во Париз е можеби уметнички провокативен акт, но далеку од тоа да е естетски или инспиративен чин. Колку што не е пер се антихристијанска, таа уште помалку е некаква манифестација на љубов, возвишеност. Визуелно, тоа е само плитка, псевдо-дионистичка, подвижна верзија на флаш-еротиката на Њутон и ЛаШапел, лишена од длабочина, топлина и, па да, смисла. Колку и да се обидуваат, сексуалната ориентација никогаш не била, не е, и не може да биде сама по себе еротична, уште помалку некаква нововремска етика или морал, камо ли уметност. Парадоксот, всушност самопобивањето на таквата замисла е во тоа што нејзините пропоненти делуваат од истата монотеистична позиција на религиозно наметнување диктирано од сиромаштијата на духот и пораката. Поразителното во таа претстава не се врескањата на религиозните, туку искреното чувство на навреденост на вистинските верници и нивното интернализирано чувство на атака врз она во што длабоко веруваат и согласно кон вербата однесуваат. Оттаму, некоректно и несовесно е искрените чувства на верниците да се стават на исто рамниште со експлоататорско вревење на религиозните и нивните тенкокножни „чувства”.

Да не се лажеме. Не станува збор за никаква одбрана на Исуса Христа, на христијанството, на исламот, туку се работи за дрска и безочна експропријација на неговото учење од страна на таквите како Доналд Трамп, Герт Вилдерс, Виктор Орбан, како ликови кои не би можеле да примирисаат до историскиот Христ и по сѐ судејќи би биле први во славењето на Барабас и покорноста кон Пилат. Нивните изглумено-гневни фразеологии за „антихристијанство, бласфемија, скарадност, напад на Европа, напад врз христијанската цивилизација, педофилија, сатанизам” не целат кон спас и воздиг на христијанството. Туку целат кон дефокусирање од сопствената грешност, кон измислување на нови фантазмагорични, хистерични категории на „бласфемичност” низ кои ќе се ублажат нивните сопствени вулгарни, приземни и смртнички греси и гревови на разврат, промискуитет, браколомство, алчност, е па да – и хомосексуалност, лажливост, кражливост, омраза и кој било од седумте смртни гревови. Тоа се ликови на Фејсбук и Твитер христијанство кои пред не повеќе од дваесет години беа самите објект на антихристијанството. Изданоци на маркетинг религиозност во кои нема да најдете ниту ден и здив на пожртвуваност, скромност, смерност и љубов за ближниот свој. Ликови кои со своето битие и постоење се демонстрација како религијата на моќта ја губи верата на паствата. За нив, Пилат не би ги измил рацете. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми