1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИталија

Италија сврти во десно: нов почеток или слепа улица?

Бернд Ригерт
27 септември 2022

Со Италија во иднина ќе владее десницата. Новата премиерка Џорџа Мелони се претставува како умерена. Како ќе се развива политичката авантура во третата по големина земја во ЕУ?

Кои од ветувањата ќе ги оствари Џорџа Мелони?
Кои од ветувањата ќе ги оствари Џорџа Мелони?Фотографија: Andreas Solaro/AFP/Getty Images

Изборната победа на Џорџа Мелони во Италија не е големо изненадување. Веќе една година десноекстремната политичарка води во анкетите. Таа беше единствената опозиција на владата на национално единство, која ја состави поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, како непартиски премиер, за да ја води Италија низ корона кризата. 

Драги предвремено се откажа. Така  на Мелони ѝ дојде како нарачана шансата со предвремените парламентарни избори  и таа ја искористи. 45-годишната политичарка беше во состојба да се претстави како анти-естаблишмент. Со едноставни популистички пароли како „Први на ред Италијанците” таа ги убеди гласачите на кои им беше смачено од левите и либерални партии. Политикологот Лоренцо Де Сио од Универзитетот Луиз во Рим за ДВ вели дека Италијанците се „уморни од политика” по кризите и три владини коалиции кои се променија во изминатите четири години од последните парламентарни избори. Тоа се покажа и во историски најниската излезност од 65 проценти. Десет проценти помалку од 2018.

Мелони со чист имиџ

Постфашистичкото минато на Мелони и нејзината партија во Италија за разлика од  остатокот на Европа,  игра споредна улога. Категориите десноекстремна или деснорадикална кои се користат во Германија, во Италија не би ја доловиле политичката реалност, смета Луц Клинкхамер, експерт за италијанска современа историја на Германскиот институт во Рим: „Мелони е конзервативен политичар со постфашистичко минато”, вели тој. 

Случајни минувачи кои беа прашани од ДВ по изборите, велат дека не очекуваат десноекстремна револуција во Италија, туку помали, можеби и болни промени во семејната политика, правата за хомосексуалните и абортусите.

Многу потешко ќе биде за мигрантите кои годинава повторно беа побројни на италијанското крајбрежје. Џорџа Мелони и нејзиниот очекуван министер за внатрешни работи Матео Салвини сакаат комплетен стоп на приемот на бегалци. Само „вистински” воени бегалци од Украина ќе имаат шанса за помош. Салвини веројатно повторно ќе ги затвори пристаништата и ќе се замери со ЕУ околу нејзините обиди за заедничка бегалска политика. Тоа го правеше и за време на првиот мандат како министер за внатрешни работи од 2018 до 2019 година.

Џорџа Мелони, Матео Салвини и Силвио Берлускони - десничарската тројка во ИталијаФотографија: GUGLIELMO MANGIAPANE/REUTERS

На Италија ѝ се потребни европски пари

Италијанците, според анкетите, од новата влада очекуваат намалување на високата стапка на инфлација, достижни цени на енергенсите и смалени даноци. Конкретните рецепти за тоа партиите во предизборната кампања само ги навестија. 

Во однос на зголемување на задолжувањето Џорџа Мелони има критички став со оглед на рецесијата која се заканува. Таа веќе сега изнесува 150% од годишниот БДП. Ако трошоците за долговите и натаму растат, Италија би можела да западне во вистинска финансиска криза. Таа би имала  тешки последици за ЕУ,  бидејќи Италија е третата најголема економија во еврозоната и тешко дека би можела да биде „спасена” како Грција пред десет години. 

Десните коалициски партнери се сложни дека додатоците и евтините кредити од Фондот за обнова по короната финансиран од ЕУ треба и понатаму да течат. 200 милијарди евра ѝ следуваат на Италија - пари кои итно ѝ се потребни на Мелони. Според Клинкхамер, новата влада прво заради тоа нема да сака да оди на курс на конфронтација со ЕУ и донаторите.

Италија во прегратка со Унгарија и Полска?

Џорџа Мелони која само пред неколку години ја спореди ЕУ со Советскиот Сојуз, посочувајќи дека сакала да ја пороби Италија, сега зборува со поинаков тон. За време на предизборната кампања таа вети дека секако ќе се придржува до европските регулативи и ќе соработува со Европската Комисија. Но таа во своите предизборни говори вети дека подобро ќе ги брани и спроведува италијанските интереси во Брисел. Што точно тоа значи, е нејасно.

Поддршка за „Браќата на Италија“ пристига од европските браќа по дух – најмногу се радуваат унгарскиот премиер Виктор Орбан и полскиот премиер Матеуш Моравјецки. Со Италија сега конечно имаат силен сојузник со кој може да го туркаат својот концепт на полабав сојуз на илиберални нации во ЕУ.

Германскиот канцелар Олаф Шолц (социјалдемократ) и францускиот претседател Емануел Макрон (либерал) комотно може да ја стават ад-акта подлабоката интеграција, на пример во однос на мнозинските одлуки за надворешнополитички прашања. Претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лајен, претпазиливо посочи дека постојат „инструменти“ со кои може да се дисциплинира Италија доколку скршне од патот усогласен со ЕУ.

„Не знаеме што точно ќе прави Мелони. Таа само рече дека игрите се завршени. Тешко е да се процени,“ вели Андреа Карло, аналитичар во Германскиот историски институт во Рим.

Матео Салвини со Виктор Орбан и Матеуш Моравјецски на средба во БудимпештаФотографија: Bernadett Szabo/REUTERS

Нема промени во политиката кон Русија

Аналитичарите сметаат дека нема да има промена на курсот во однос на моемнтално најважното надворешнополитичко прашање – Џорџа Мелони јавно ја осуди руската војна во Украина и ги поддржа санкциите против Русија, како и помошта за Украина. Губитникот на изборите, социјалдемократот Енрико Лета, смета дека нејзините можни коалициски партнери немаат ваков јасен став по ова прашање. „Ако победи десницата, рускиот претседател Путин ќе биде првиот што ќе слави“, изјави Лета за време на предизборната кампања. „Десницата не е едногласна по ова прашање. Тоа е многу негативно за Италија и ќе ја ослаби и Европа.“

Точно е дека шефот на Лега, Матео Салвини и Силвио Берлускони од Форца Италија во минатото одржуваа добри врски со Владимир Путин, но по почетокот на војната помалку или повеќе тие се дистанцираа од него.

„Добивме мандат и подготвени сме“ – е мотото за составување на новата владина коалиција на чие чело мошне веројатно ќе биде Џорџа Мелони, во тој случај првата жена премиер во Италија. За надворешнополитичкиот курс и многу внатрешно политички и економски прашања секогаш може да се расправа и подоцна, пишуваат коментаторите во италијанските медиуми. А кавга со сигурност ќе има, бидејќи и Салвини и Берлускони секако ќе се пазарат за влез во коалицијата.

Ова нема да биде првата десничарска влада во Италија. Таков сојуз веќе постоеше во 2001 и 2008 предводен од Берлускони. Но, сега ќе биде поекстремен, бидејќи на чело не е „учителот“ Берлускони, туку неговиот ученик Мелони. Берлускони ја донесе Мелони во својот кабинет во 2008 година како најмлада министерка и го величаше нејзиниот политички талент. Тој пак сега е само пратеник во Сенатот и веројатно нема да му биде дозволено да преземе ниту некое министерско место.

Сигурно ќе има следна владина криза

Џорџа Мелони веројатно нема да има многу време за да ја спроведе десно-популистичката програма по урнекот на нејзиниот идол Доналд Трамп. Во просек, мандатот на италијанските влади во доста нестабилниот политички систем на Италија трае меѓу 15 и 18 месеци. Исфрустрираното гласачко тело нема проблем со радикална промена доколку не им се допаѓа претходниот избор. Пред четири години популистите од левицата, „Движењето 5 ѕвезди“ победија на изборите со подобар резултат од сегашниот на Мелони. Денес ова движење е речиси „прегорено“ и без влијание. И десниот популист Салвини со неговата Лега претрпе огромни загуби. Неговиот удел во гласовите е преполовен во однос на 2018 година. На Италија и Европа им претстојат политички интересни, а можеби и турбулентни времиња.

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми