1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИталија

Една година Џорџа Мелони: Премиерката веќе не грми против ЕУ

Бернд Ригерт
25 септември 2023

На парламентарните избори во Италија пред една година, партијата под водство на Мелони освои најмногу гласови. Што оттогаш наваму е движечка сила за првата жена - премиер на Италија?

Џорџа Мелони  Италија
Десноекстремната Џорџа Мелони веќе една година го држи кормилото во ИталијаФотографија: Alberto Pizzoli/AFP/Getty Images

„Приватниот живот? Кој приватен живот?" со иронична насмевка одговара Мелони на прашање за слободното време што ѝ го постави познатиот новинар Бруно Веспа во токшоуто „Порта а порта" пред две недели. Откако пред една година победи на изборите и еден месец подоцна (22.10.) стана  прва жена премиер на Италија,  имала време само за оние приватни нешта  кои „нужно мора да бидат завршени", открива Мелони.

Се чини дека функцијата  шефица на една влада составена од три десни партии,  е напорна, но ја нема променето, вели Мелони која е претседател на постфашистичката владејачка партија „Фратели да Италија".

„Не поминува ден, а да не се прашам дали сум уште истиот човек од претходно“, рече Мелони во емисијата на провладината телевизија РАИ и додаде дека „секогаш се плашев дека можеби нема да си останам верна на себе, но си останав."

Радикалните тонови за другите коалициски партнери

Радикалните пароли од предизборната кампања по изборната победа минатата година веќе не ги повтори. Во Италија се обидува општествената политика да ја моделира според строго конзервативната претстава за семејството. Успешната економска политика на претходникот, Марио Драги, повеќе или помалку успешно ја продолжува и таа.

Во Европа настапува речиси умерено. Остра критика за ЕУ веќе  не може да се слушне од Мелони.  Во остатокот од светот бара пријатели и сојузници. Радикалните тонови им ги препушта на другите коалициски партнери – Матео Салвини од деснопопулистичката „Лега“и на демохристијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, кој оди по стапките на починатиот поранешен премиер Силвио Берлускони.

„Јас си имам политичко минато и се адаптирам на променетата реалност“, вели за себе 46-годишната Мелони. Во денешно време начинот на кој се третира вештачката интелигенција, според неа, е и тоа како тема на десницата. Таа вели дека во секојдневната владина работа не ја попречува тоа што предводи партија која во својот симбол го има вечниот пламен од гробот на  фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини.

Џорџа Мелони една година е на чело на коалиција од десни популисти во ИталијаФотографија: Mauro Scrobogna/Zumapress/picture alliance

Мелони во мир со ЕУ

Очигледно и нејзините партнери во ЕУ преоѓаат преку тоа. Дипломати од Брисел велат дека се изненадени колку е веќе „мека“ или „исплакната“ италијанската премиерка при своите настапи. При преземањеро на функцијата таа рече дека во Брисел ќе смени некои работи и дека офанзивно ќе ги застапува италијанските интереси. Мелони очигледно сфатила дека тоа подобро функционира тивко и зад кулисите. По средбата со социјалдемократот и германски канцелар Олаф Шолц во Рим, за новинарите Мелони изјави дека се поклопуваат со ставовите на сите клучни политички полиња и дека бараат прагматична соработка. Шолц не противречеше. Со Урсула фон дер Лајен, шефицата на ЕК, Мелони сега веќе има сосема добри релации.

Мелони склучи мир со Европа веројатно и затоа што парите од Брисел и натаму течат. Италија е еден од најголемите корисници на фондот за обнова по короната и добива околу 190 милијарди евра субвенции и кредити. Кога во јули се појавија потешкотии со исплаќањето на една рата, Фон дер Лајен вети помош.

Италија и ЕУ: клучна точка е миграцијата

Шефицата на ЕК и италијанската премиерка неодамна при посета на Лампедуза демонстрираа дека играат на иста карта во однос на политиката за миграција – со контроли на границите, помал прием на мигранти и поголема соработка со транзитните земји. Фон дер Лајен единствено не се согласува со предлогот на Мелони морнарицата да го блокира крајбрежјето на Северна Африка.

Мелони и шефицата на ЕК два пати заедно патуваа во Тунис за да му понудат на тамошниот претседател договор во однос на бегалците. Мелони тоа го смета за дел од нејзината стратегија повеќе од претходниците да се концентрира на Северна Африка за да ја стопира миграцијата. „Мора сериозно да се зафатиме со таа работа, Западот предолго ја игнорираше Африка", рече Мелони на маргините на Самитот на ООН во Њујорк.

По средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц во Рим, за новинарите Мелони изјави дека се поклопуваат со ставовите на сите клучни политички прашањаФотографија: Roberto Monaldo/LaPresse via AP/picture alliance

Критика на сметка на Мелони има од жителка која сакаше да остане анонимна и која за ДВ изјави дека и Мелони практично само зборува и ништо не постигнува. Бројот на мигранти е двојно поголем сега отколку пред една година. Фрустрираната жена од 2013 година до денес видела четворица премиери на Италија и двајца други претседатели на ЕК кои го посетуваат островот само тогаш кога повторно бројот на бегалците е голем.

Голема поддршка од гласачите

Севкупно Мелони во анкетите е на врвот. 53 проценти од гласачите во Италија во август биле задоволни со работата на премиерката. За споредба – Шолц во Германија добива потврда за својата работа од само 31 процент на гласачите. Дебати и поединечни протести предизвикува само нејзиниот ултраконзервативен курс во однос на семејната политика.

Мелони исто како и нејзиниот „добар пријател", унгарскиот премиер Виктор Орбан, смета дека едно семејство е составено од мајка, татко и деца. Важно според неа е да има што е можно повисока стапка на наталитет за да се спаси нацијата, како што рече таа во говорот на „Демографскиот самит“ на конзервативните партии кон средината на септември во Будимпешта.

Мелони спроведува конзервативна семејна политика

Истополови родители, сурогат мајки и абортуси во таквата престава немаат место. Таа вели дека стои зад нејзиниот лајтмотив дека „јас сум жена, Италијанка, мајка, христијанка“ и пред одушевената публика во Будимпешта додаде дека тие вредности во денешната култура постојано се под напад. „Тоа е опасно за нашиот идентитет како семејство и нација. Без идентитет сме само алати, бројки без свест. Да се брани човештвото значи да се брани идентитетот“, рече таа. Таквата идеологија за семејството во Италија се одразува во поголема социјална поддршка за млади семејства и деца. Родителските права на хомосексуални партнери пак се кратат. Десната влада сака да преземе построги мерки и против младинската деликвенција, бегањето од часови, како и против родителите кои не се грижат за своите деца.

Одеднаш добри пријатели: Џорџа Мелони во посета на Џо Бајден во САДФотографија: Yuri Gripas/ABACAPRESS/IMAGO

Мелодина меѓународната сцена

Шефовите на државите од ЕУ и Г7 беа олеснети што Мелони безрезервно ја поддржува Украина во одбраната од Русија, за разлика од нејзиниот пријател Орбан. Американскиот претседател Џо Бајден го пофали ставот на Мелони, дека во Украина се брани и слободата на Европа.  „Се надевам добро ќе се однесувате со мене", се пошегува Бајден со неа при посетата во Белата куќа. Мелони со насмевка кажа се, затоа што Бајден пред само една година нејзината победа на изборите ја нарече „закана за демократијата". „Сега сме пријатели", изјави Мелони по разговорот во четири очи во Вашингтон. Премиерката која беше сосем неискусна во надворешната политика, си создаде пријатели и на самитот на Г20 во Њу Делхи. Јавните симпатии кои си ги покажаа десноекстремната Мелони и националистичкиот индиски премиер Нарендра Моди, предизвикаа серија коментари во социјалните медиуми. Мелони и Моди се претопија во „Мелоди“. „Тие се вљубени", пишуваа тогаш во коментарите корисници на Фејсбук и Инстаграм.

Една година Мелони: високи трошоци за живот, миграцијата надвор од контрола"

Мелони смета дека добро ја истерала првата година од владеењето. Во книга со интервјуа која неодамна беше издадена, таа вели дека владата прави и грешки, но дека „дава сѐ од себе во добра намера, со љубов и понизност“. Мелони планира да остане уште долго на власт и вели дека за разлика од претходниците, не сака да се повлече заради криза во владата, туку да владее полни пет години. Лидерот на опозицијата од лево-популистичката партија „Пет ѕвезди“ се подбива со таквата изјава и вели дека Мелони „блефира“.

„Мелони? Тоа по една година се експлодирачките цени на бензинот, високи трошоци за живот и миграција излезена од контрола."

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми