1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Случај Ива Михајлова: Скопје ја бара, Софија не попушта

15 октомври 2026

Ставот на Софија е дека Ива Михајлова не може да биде екстрадирана без ратификуван меѓународен договор. Во меѓувреме, Северна Македонија ја бара по меѓународна потерница.

Бугарски пасоши
Бугарското државјанство што го поседува 23-годишната Ива Михајлова, како и одредбите од бугарското законодавство и меѓународните конвенции, претставуваат сериозна правна пречка за нејзиното предавање на македонските властиФотографија: BGNES

Ива Михајлова, по која е распишана меѓународна потерница од македонските власти, засега останува во Бугарија. Иако Скопје може официјално да побара нејзина екстрадиција, бугарското државјанство што го поседува 23-годишната Михајлова, како и одредбите од бугарското законодавство и меѓународните конвенции, претставуваат сериозна правна пречка за нејзиното предавање на македонските власти.

Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски порача дека очекува и Михајлова и нејзиниот татко да се соочат со одговорност. „Кога-тогаш и таткото и таа ќе одговараат. Ако мислат дека на овој начин ќе си играат, се лажат“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања во Владата.

Тој категорично ги отфрли тврдењата дека Михајлова и нејзиниот адвокат ја напуштиле државата преку регуларен граничен премин.

„Тоа е лага. Последното што го имаме евидентирано и потврдено е дека адвокатот влегол на 28 септември“, рече Мицкоски.

Според премиерот, постојат сомневања дека Михајлова била пренесена во Бугарија по нелегален пат.

„Истражуваме и ќе дојдеме до сознанија како е пренесена. И родителот, кој треба да одговара пред македонските власти, и Ива, која треба да ја докажува својата невиност, ќе одговараат кога-тогаш“, изјави Мицкоски.

Бугарските закони и реакции околу случајот

Претходно бугарското Министерство за внатрешни работи соопшти дека државјанин на Бугарија не може да биде предаден на друга држава заради кривично гонење, освен доколку тоа е предвидено со меѓународен договор што е ратификуван, објавен и стапил во сила во земјата.

Повод за реакцијата е барањето од Интерпол Скопје за меѓународно пребарување, апсење и екстрадиција на Михајлова, која покрај македонско поседува и бугарско државјанство. Како што пренесуваат бугарските медиуми, известувањето од Интерпол Скопје било примено на 13 октомври и се однесува на судската постапка што против Михајлова се води во Северна Македонија. Судот во Кочани истиот ден издаде потерница и определи мерка притвор во траење од 30 дена.

Воедно, бугарските власти посочуваат дека за Михајлова не е издадена црвена потерница од Интерпол (барање за соработка и лоцирање на лицето) и дека не биле преземени активности за нејзино пронаоѓање на територијата на Бугарија.

Според член 25, став 4 од Уставот на Бугарија, бугарски државјанин може да биде екстрадиран во друга земја или на меѓународен суд за цели на кривично гонење само ако тоа е предвидено во меѓународен договор што е ратификуван, објавен и стапил во сила за земјата. Тамошните власти се повикуваат и на член 6, став 1а од Европската конвенција за екстрадиција, според кој секоја договорна страна има право да одбие екстрадиција на своите државјани.

Случајот произлегува од трагична несреќа кај Кочани

Михајлова се товари во предмет поврзан со тешка сообраќајна несреќа што се случи на 7 октомври 2025 година на патот меѓу Кочани и Штип. Во судирот на две возила загина 33-годишен маж, а повеќе лица беа повредени, меѓу кои и Михајлова.

Според обвинението, таа управувала со возилото и навлегла во спротивната коловозна лента. Нејзината вина сè уште не е утврдена со правосилна судска пресуда. По несреќата, нејзините пасоши се одземени, а судот ѝ изрече забрана за напуштање на Северна Македонија додека трае постапката.

Ива Михајлова, по која е распишана меѓународна потерница од македонските власти, засега останува во БугаријаФотографија: mvr.gov.mk

Спор околу лекувањето во Бугарија

Семејството на Михајлова изминатиот период инсистираше таа да добие можност за лекување во Софија, повикувајќи се на медицинска документација според која потребниот третман не бил достапен во Северна Македонија. Според информации објавени во бугарските медиуми, во медицинските процени било наведено дека соодветен третман може да биде обезбеден во Бугарија, Турција и Израел.

Во меѓувреме, министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека, според него, не постоеле медицински причини поради кои Михајлова би требало да замине на лекување надвор од земјата.

„Верувам дека нејзиното заминување беше поттикнато токму од најавата дека медицински тим од Бугарија ќе дојде во Македонија за да ја процени нејзината здравствена состојба и лекување. Бугарскиот тим само ќе ги потврдеше заклучоците на македонските лекари дека суштински нема медицински случај што бара лекување надвор од државата“, изјави Клековски.

Тој најави посета на Софија, каде што со бугарските власти ќе разговара и за продолжување на третманот на повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Докторот од Универзитетската клиника за неврологија, Иван Барбов, кај кого се лекувала Михајлова, за медиумите изјави дека не знаел оти против неа се води постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици. Тој посочи дека препораката за лекување во Бугарија ја дал поради тоа што таа поседува бугарско државјанство и здравствено осигурување во таа земја.

Михајлова на Клиниката за неврологија во Скопје се јавила околу еден и пол месец по сообраќајната несреќа во која е обвинета и таму била хоспитализирана три дена. Кај неа била констатирана скршеница на пршлен што ѝ предизвикувала проблеми во движењето. 

Дипломатски реакции меѓу Скопје и Софија

Случајот предизвика дипломатски реакции меѓу двете соседни држави. Властите во Скопје го повикаа бугарскиот амбасадор Жељазко Радуков на разговор, при што изразија незадоволство од начинот на кој Михајлова била примена во Бугарија.

Реакцијата следеше откако на 11 октомври Михајлова и нејзиниот бугарски адвокат Николај Димитров за бугарските медиуми изјавија дека во земјата влегле преку официјален граничен премин користејќи лични документи издадени од двете држави. Но, македонската полиција соопшти дека во системот на Граничната полиција нема евиденција за нејзиното напуштање на државата и дека таа не ја преминала границата по законски пат.

Политички реакции во Северна Македонија

Случајот предизвика и реакции на политичката сцена во С. Македонија. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за МРТ1 изнесе критики кон власта во врска со заминувањето на Михајлова во Бугарија, повторувајќи ги сомнежите на партијата дека станува збор за„договор под маса“.

„Нема што друго да е освен договор, затоа што нема објаснување како некој може така да помине граница. И адвокатот и самата Ива кажаа дека ја поминале границата најлегално“, рече Филипче.

Реакција пристигна и од Либерално-демократската партија (ЛДП), од каде велат дека Михајлова веќе е кај својот татко во Бугарија, но дека останува нејасно зошто премиерот Христијан Мицкоски досега не излегол со став за случајот.

Од партијата оценуваат дека случајот укажува на сериозни пропусти во координацијата меѓу судските институции и граничната полиција. „Оваа хаварија покажува очајна несоодветност и целосна несинхронизираност меѓу судските власти и граничната полиција, што веднаш резултира со притисоци од ЕУ за поголеми реформи во клучните поглавја кои ги опфаќаат темелните вредности, владеењето на правото и безбедносниот систем“, наведуваат од ЛДП.

Од партијата додаваат дека одговорност за случајот мора да има и дека јавноста очекува одговори за начинот на кој Михајлова ја напуштила државата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми