Ивановска: Противзаконски е да се гради кај „Треска“
25 август 2022На локацијата на поранешната фабрика „Треска“ не смеат да започнат градежни работи, вели претседателката на антикорупциската комисија, Билјана Ивановска за ДВ, по информациите дека општина Центар започнува со расчистување на објектите од поранешната фабрика, што ги разгоре сомневањата во јавноста дека можеби се подготвува терен за да започне бетонизацијата на една од најатрактивните локации во Скопје. „Како што сме информирани, во Јавното обвинителство се водат два предмети за фабриката „Треска“. Додека тие не завршат не смеат да започнат градежни работи на оваа локација“, децидна е Ивановска.
Станува збор за простор кој последниве години е во фокусот на интересот на јавноста, токму поради битката кој да го добие и што да се гради на оваа атрактивна локација. „Треска“ станува особено актуелна по вчерашната најава (16.09) на градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски дека започнува расчистувањето на објектите и опасниот отпад од поранешната фабрика.Тоа ги оживеа стравувањата дека во игра повторно се враќа изградбата на зградите во јавноста познати како „наполитанки“.
Две истраги за „Треска“
Герасимовски на прес-конференција во кругот на фабриката информираше дека мора итно да се реши прашањето со Треска, која што стана вистинска депонија. Досега тоа не било можно поради истражните дејствија коишто се во тек за пожарот кој избувна на 14 април, но на почетокот на месецов добиле дозвола од обвинителството. Со тоа почнуваат активностите за отстранување на околу 40.000 метри квадратни азбестен кров, кој исто така беше зафатен во пожарот.
Расчистувањето на теренот започнува иако за „Треска“ се уште се активни две постапки во Обвинителството. Едната е истрагата за пожарот, која што не е завршена. Од Обвинителството за ДВ велат дека вештачењето изготвено по наредба на јавен обвинител покажало дека станува збор за човечко невнимание. „Јавниот обвинител работи на утврдување на вредноста на настанатата штета за да утврди дали во конкретниот случај се исполнети елементи на кривичното дело - предизвикување општа опасност. Доколку се утврди дека се исполнети елементите на кривичното дело, постапката продолжува со откривање на сторител“, велат од Јавното обвинителство. Пожарот беше изгаснат за кусо време, но скопската градоначалничка Данела Арсовска тогаш изрази сомнеж дека можеби е подметнат.
Во тек е и предистражна постапка која што ја води тимот на суспендираната обвинителка за борба против организиран криминал, Вилма Русковска за „можни незаконитости при денационализацијата на фабриката“, која што била иницирана од Државното правобранителство. За овој предмет е дадена наредба за градежно архитектонско - урбанистичко вештачење. „По доставување на вештиот наод и мислење од Бирото за судски вештачења, надлежниот обвинител ќе донесе одлука за понатамошниот тек на постапката. Со оглед дека предистражната постапка е тајна во моментов не можеме да споделиме повеќе детали“, велат за ДВ од Обвинителството за борба против организиран криминал.
Обвинителството има отворено предистражна постапка и за локацијата кај „Холидеј Ин“, каде исто така имаше бројни полемики во јавноста дали треба да се гради или не. Предметот го иницираше Државната комисија за спречување на корупција, која побара да се отвори истрага за злоупотреба на службената положба за поранешните градоначалници на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски, но и раководителите на секторите за урбанизам од Општината, Градот Скопје и Министерството за транспорт од 2012 година поради парцелата кај „Холидеј Ин“. И за овој случај вештачењето е во завршна фаза. Откако ќе биде анализирано, ќе се донесе одлука за понатамошните постапки.
Препораки и предупредувања
Се додека Обвинителството не го каже конечниот збор, првата антикорупционерка Билјана Ивановска очекува да се почитуваат нивните препораки дека нови градби не смеат да никнат. Тие повеќепати предупредуваат дека не можат да ја водат сами битката за зачувување на јавниот интерес, кој е сериозно загрозен на сметка на личниот интерес на поединци.
„Сите замижуваат пред проблемот, но никој не дава одговор на клучни прашања: зошто падна мораториумот за градба, зошто градоначалникот на Центар не го објавува конкурсното решение за „Треска“, каде се делата од конкурсот кој беше распишан...?“, прашуваат антикорупционерите.
Проблемите настанаа откако во март 2021 година Уставниот суд го укина мораториумот за градба во Центар, со што се отвори простор за повторна градежна инвазија во градот. Инвеститорите сега бараат да градат според Деталниот урбанистички план (ДУП) донесен во време на ВМРО-ДПМНЕ, кој изминативе години ниту СДСМ не успеа да го промени. Герасимовски вчера тврдеше дека Општината прави напори да се донесе нов ДУП, само за делот на фабриката „Треска“, со цел да се направи подобра урбанизација. Но, досега веќе се поднесени четири барања за градба и 15 барања за дооформување на градежни парцели, според важечкиот закон.
„Во моментов има важечки ДУП, имавме три години мораториум чија цел беше да се изменат ДУП, за жал, не се успеа, но правиме напори преку регулација да се одвои овој дел и да се направиме подобар план. Не зависи од Општината Центар, но сигурен сум дека за брзо време ќе ја направиме измената на ДУП“, рече Герасимовски.
Дали е легитимно да се издаваат одобренија?
Со сегашниот ДУП нема никаква пречка да се издаваат градежни дозволи за една од најатрактивните локации во срцето на градот. Но, првата антикорупционерка Билјана Ивановска не се согласува со тоа.
„Во моментов има важечки, но противзаконски Детален урбанистички план. Поради тоа се поставува прашањето дали е легитимно да се даваат одобренија по еден ваков противзаконски ДУП“, прашува таа.
На 24 јуни минатата година, Општина Центар, на чие чело тогаш беше ексградоначалникот Саша Богдановиќ го објави конкурсот за уредување на просторот кај фабриката „Треска“. Според решението, од целата површина најмалку 37 отсто треба да биде предвидено за содржини од јавен интерес. Во конкурсот стоеше дека треба да бидат предвидени објекти за домување - згради со приземје и четири ката. Но, неговиот наследник Герасимовски не беше сигурен дека конкурсот ќе може да се реализира оти има голем дел приватно земјиште.
Според граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, расчистувањето на „Треска“ е нужно, но подеднакво е важно што ќе следи потоа - „наполитанки“ и со нив само профит за малкумина или уредување на просторот со кој ќе се подигне квалитетот на животот во целото подрачје?
„Конкурсот беше можност за урбанистичкото планирање кон покреативни, компетитивни решенија и размислување преку проекти, а не сурово шпекулантско - инвеститорско планирање и градење“, укажуваат од Шанса за Центар. Според нив, „сегашната општинска власт со сите сили сака да ги оспори, па дури и да ги скрие од јавноста овие наградени конкурсни решенија кои требаше да бидат основа за нов ДУП за Треска.