1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборен ролеркостер со две изненадувања... или три

3 февруари 2024

Рангирањето на Транспаренси интернешенел за многумина беше големо изненадување. А одбивањето на Атина да попушти за пасошите беше изненадување само за аматерите. Пишува Љупчо Поповски

Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

За почетокот на оваа недела веќе беа подготвени артилериските баражи кои требаше да ја здробат владејачката коалиција. Беа подготвени соопштенијата, веројатно и говорниците, требаше да дојде само денот. За тоа беа на штрек и опозициските партии и повеќе релевантни невладини организации. Но политиката знае да носи изненадувања и кога најмалку се очекувани.

По целогодишната канонада од обвинувања за голема корупција на властите, по постојаните изјави на европските и американските претставници да се подигне нивото на борбата против ова општествено зло, по речиси усвоената вистина дека во Македонија ништо не чини, напредувањето на земјава за девет места на најновата листа на Транспаренси интернешенел многумина ги натера три пати да ги протријат очите. Изненадувањето беше толку големо што изгледаше како неверојатно.

Како да се објасни тоа сега – дека угледната меѓународна организација направила големо промашување во рангирањето или дека некои од обвинувањата се можеби претерани. Транспаренси интернешенел забележува дека имало „мали знаци на напредок“ во борбата против корупцијата, но дека тие биле  поткопани со контроверзните измени во Кривичниот законик. Ништо од тоа не беше непознато за овдешната јавност, таа ги сецираше еднаш, два пати, десет пати, сто пати овие измени...за на крај никој да не разбере што е вистинската суштина за овој потег на коалициската влада. Од тој потег најголема корист извлекоа  вмровски пратеници и функционери обвинети или осомничени  во десетици случаи. Изгледаше нелогично – СДСМ да им овозможи законска милост на вмровски актери и да го подметне грбот за јавните камшици, од кои најсилни беа оние од ВМРО-ДПМНЕ. И уште е нелогично.

Ако не е лоша вест не е вест

По објавувањето на извештајот овдешната јавност се нафати повторно да ги преџвакува овие контроверзни измени затоа што немаше друго чадено ребро. Самиот напредок од девет места и фактот дека Македонија е понапред на скалата и од Србија, и од Бугарија, и од Босна и Херцеговина, и од Косово, беше неважно, никој речиси не сакаше да го споменува, како да не се случил. Штом не е лоша вест не треба ни да се споменува.

За СДСМ тоа беше среќен крај од грчот во кој го исчекуваше годинешното рангирање на Индексот за перцепција на корупцијата. Да здивне и да каже дека политиките што ги води, сепак, се исправни. И покрај општите критики. Државава напредуваше лани, напредуваше и годинава. Доколку најдат адекватен модалитет тие би можеле да го искористат овој напредок во месеците до изборите.

Второто изненадување беше „ѕидот“ со кој се соочи вмровскиот министер во техничката влада, Панче Тошковски, при обидот да издејствува некакви попусти од Атина околу  промената на пасошите. Неговиот пораз беше исто толку голем колку и неговите претходни оптимистички најави дека може да се очекуваат промени во законски преземените обврски на државата.

Адвокатот Тошковски, сега во функција на министер за внатрешни работи, на средбата со грчката амбасадорка Софија Филипиду наеднаш, неочекувано и изненадувачки разбра дека Атина опстојува на почитување на роковите за примена на усвоеното со Преспанскиот договор. Подоцна, во интервју за Сител, Тошковски заобиколно рече дека тој од амбасадорката побарал Грција на некаков начин да омекне и барем да не ги спречува нашите граѓани да одат на викенд или на одмор во Грција по 12 февруари ако го немаат сменето пасошот, но велејќи дека „искрено не се надевам на такво нешто“, адвокатот кажа дека разбрал оти меѓународните договори мора да се почитуваат.

Која земја од Западен Балкан има најмоќен пасош?

01:29

This browser does not support the video element.

Пред некоја недела на ова исто место пишувавме за тоа што мисли сегашниот грчки министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис за Преспанскиот договор. Тој како професор по уставно право и член на Нова демократија беше еден од најжестоките противници на Преспанскиот договор, затоа што бил многу неповолен за Грција. Но тој како професор по уставно право (и тоа еден од најпочитуваните) знаеше дека она што е ратификувано мора да се почитува. Во интервју за грчката телевизија Мега во јануари 2021 година, тогаш како државен министер, Герапетритис беше прецизен:

„Во однос на договорот со Северна Македонија, Нова демократија навремено излезе со став дека овој договор има многу ‘сиви точки’, дека е договор што нема директни корисни придонеси за земјата. Од друга страна, ние мора да го прифатиме континуитетот на државата. Грција не е земја која може во кој било момент да го менува нејзиниот меѓународен став. Самиот устав наметнува дека од моментот кога постои ратификуван меѓународен договор, треба да се почитува и не може да се смени. Па така, ќе го почитуваме договорот, бидејќи Грција е држава на владеењето на правото и држава со континуитет“.

Студен туш

Пред некој ден Герапетритис истото тоа го изјави и во грчкиот парламент одговарајќи на пратеничко прашање. „Континуирано истакнувам дека Договорот од Преспа претставува меѓународен договор. Беше изгласан од грчкиот парламент и како што налага Уставот, овој Договор има сила над секоја друга законска одредба, што значи дека не може еднострано да се смени од која било од страните. Денес сме уставно обврзани да го спроведуваме овој Договор и не е можно еднострано менување. Но, она што мора да го правиме и го прави Грција е да го следи доследното и строго почитување. Постојат јасни одредби и временски рокови кои мора да се почитуваат“, рече Герапетритис.

Тоа беше  студен туш за граѓаните кои уште ги немаат сменето пасошите. И тоа ги става во исклучително непријатна ситуација да можат да се најдат заглавени некаде во странска земја или да не можат да отидат, на пример, до Солун.

Студен туш за граѓаните кои уште ги немаат сменето пасошитеФотографија: Petr Stojanovski

Но, во исто време, тоа е сериозно освестување за приказните на опозицијата дека на овој или оној начин ќе можат да менуваат или прилагодуваат меѓународни договори. Ако на тоа вмровските првенци ги советувале професорите по право тогаш тоа биле аматерски совети. Тоа ја доведува и во прашање целата неискажана но навестена стратегија дека не само Преспанскиот договор, туку и оној со Бугарија, а преговарачката рамка може да се дополнува и надградува и да се исфрлаат некои точки и да се додаваат други.

Нема потреба да објаснуваме како би реагирала Софија на таквиот обид. Ако тогаш се најдеме во ќор-сокак новата евентуална влада ќе бара излезна стратегија за помала штета. Но, штетата не може да биде помала ако се запре чекорењето кон ЕУ. Уште сега се знае дека таа ќе биде голема.

И парадоксот ќе добие огромни размери – бројот на апликациите за бугарски пасоши само ќе се зголеми, додека дома ќе се „браниме“ од „бугарскиот диктат“. Ова не е нелогично, тоа ќе биде логичен резултат, сакале да го признаеме или не.

Кога минатиот декември германскиот канцелар Олаф Шолц на европскиот самит му препорача на унгарскиот премиер Виктор Орбан да излезе од салата да се напие кафе за да можат сите други 26 лидери да донесат едногласна одлука за почетокот на преговори со Украина во значаен круг од јавноста во Македонија се дуваше како балон приказната дека ако ЕУ сакала можела тоа да го направи во случајот со усвојувањето на нашата преговарачка рамка.

Тоа произлегуваше од два моменти: прво, од намерната желба да се оцрни Унијата дека е неправедна спрема Македонија и ако може да се добие уште некој поен во предизборната кампања; а вториот, од намерното или вистинското непознавање како функционира ЕУ, како се испреплетуваат интересите во неа и кога можат да се прават вакви „егзибиции“.

Кога си до ѕидот

Кога во четвртокот Орбан немаше друг избор освен да се согласи со сите други на Украина да ѝ се доделат 50 милијарди евра помош овој „пораз“ на унгарскиот премиер немаше ни 10 отсто одглас во овдешнава јавност како  случајот со „пиењето кафе“. Наеднаш не требаше да се споменува премногу како и зошто Орбан мораше да попушти. И за возврат да добие само безначајни трошки од она што го бараше.

„Бев дотеран во ѕидот“, рече потоа Орбан во радио интервју.

„Ако овој договор не беше постигнат и Унгарија продолжи да го користи правото на вето, тогаш 26 земји-членки ќе се согласат да ги испратат парите во Украина... и ќе ги одземеа средствата наменети за Унгарија и ќе ги испратат во Украина во исто време - зошто тоа би било добро?".

Парите, сѐ е во парите. Во декември по „пиењето кафе“ ЕУ го ослободи пристапот до некои транши од фондовите, но Европската комисија сè уште задржува 20 милијарди евра за Будимпешта поради широко распространетите обвинувања дека Орбан ја оштетил демократијата дома за време на неговите 13 години на власт. И нема знак дека Орбан ќе ги добие овие пари без оглед што гласаше за помошта за Украина.

Интересна е оваа „технологија на кршење“ на навидум нескршливиот Орбан.

Кога полскиот прмиер Доналд Туск утрината доаѓаше на самитот изјави дека на сите им е доста од Виктор Орбан. „Не е во прашање Украина, туку заморот на Орбан“, рече тој, додавајќи дека нема план Б и лидерите треба да го убедат унгарскиот лидер. „Ако неговата позиција доминира во Европа, Украина ќе изгуби... позицијата на Орбан е закана за нашата безбедност“, рече Туск. Тој навести последици за Унгарија во одреден момент во иднината.

Виктор Орбан „притиснат“ на самитот на ЕУФотографија: Ludovic Marin/AFP/Getty Images

Виктор Орбан како исклучително искусен политичар веќе го знаеше она што го зборуваше Туск, затоа што работите веќе беа договорени и дека тој беше притиснат до ѕид. И тоа со елегантен притисок.

Според информациите на медиумите кои ги знаат повеќето тајни од бриселските коридори, ограничена група лидери на ЕУ дадоа неформална поддршка за новиот текст на заклучоците пред официјалниот почеток на самитот.

На една од фотографиите од консултациите беа прикажани претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен како ги анализираат изменетите заклучоци на Советот со шпанскиот, италијанскииот, холандскиот, францускиот, германскиот, белгискиот и полскиот лидер.

Лидерите на балтичките земји - Естонија, Литванија и Летонија, кои се меѓу најсилните поддржувачи на Украина во ЕУ - се приклучија на состанокот подоцна, според друга фотографија објавена од портпаролот на Мишел.

Овие состаноци уследија по претходниот собир меѓу Виктор Орбан, Мишел, Фон дер Лајен и лидерите на Германија, Франција и Италија. Орбан потврди дека ќе го крене своето вето за финансирањето на Украина за време на оваа седница зад затворени врати, според претставник на ЕУ.

Така што, веднаш кога почна самитот претседателот Шарл Мишел објави дека ЕУ донела едногласна одлука на Украина да ѝ се доделат 50 милијарди евра помош.

Само неколку часа по едногласниот договор за помош од 50 милијарди евра за Украина,  унгарскиот премиер Виктор Орбан  се претстави како победник на самитот на домашна сцена.

„Се изборивме! Не можат да им ги дадат парите на Унгарците на Украинците! Ние не учествуваме во војната, не испраќаме никакво оружје, продолжуваме да остануваме на страната на мирот“, напиша Орбан во објава на Фејсбук.

Според повеќемина дипломати италијанската премиерка Џорџа Мелони одиграла „важна улога“ како договарач (заедно со Шолц и Макрон), поради нејзиниот добар однос со Орбан. „Неколку пати се обиде да биде мост и впечатокот е дека овој пат успеа“, рече еден дипломат.

Мелони ја започнала својата „дипломатска работа пред неколку месеци, со разговори и состаноци во кои учествувале и министри и клучни функционери и се интензивирале по Европскиот совет во декември, со посветеност што го достигна својот врв во последната недела“.

Од вторникот, Мелони одржа три разговори со Орбан за парите. По телефонскиот повик во вторникот и едночасовната средба во хотелот „Амиго“, „која беше проследена со долга ноќна работа на делегациите“, Мелони и Орбан повторно се виделе утрината пред самитот и договорот веќе бил стокмен. Или Орбан бил „дотеран до ѕид“, според неговите зборови.

Можеби ова изгледа како преекстензивно пренесување на бриселските „убедувања“, но изгледа важно да се има претстава како се склопува еден политички мозаик кога ЕУ сака да протурка некоја работа исклучително важна за неа.

За македонската опозиција Виктор Орбан е повеќе од херој, тој е модел кој се зема за образец како треба да се „градат“ односите со ЕУ. Но тој добро знае до каде се неговите граници и моќта и ако ги премине штетите ќе бидат за неговата земја. Дали неговите партиски функционери ги советуваат на вакви нешта вмровските претставници во помагањето при изготвувањето на програмата за изборите не јасно. Но јасно е дека „херојот е уморен“ и тоа е извонредна поука за домашниве „херои“ кои, во основа, не се соочиле со вистински притисок. И не знаат да ја измерат штетата за сопствената земја.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми