1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кого има и кого нема на митинзите

6 април 2024

Дали кандидатите кои се борат да станат претседател на земјата треба да бидат придружувани или носени на митинзите од партиските лидери? Дали на идниот врховен командант му треба вакво покровителство?

Од првиот изборен митинг на ВМРО-ДПМНЕ пред седиштето на македонската влада во Скопје: во преден план лидерот на партијата Христијан Мицкоски и кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседателка на државата, Гордана Силјановска-ДавковаФотографија: Boris Georgievski/DW

Во реконролот тоа го викаат настап на предгрупа. Некогаш таа предгрупа може да биде брилјантна и да ги засени главните изведувачи, но генерално таа служи за загревање на публиката.

Така тоа изгледаше во четвртокот вечерта на масовниот митинг пред Владата во Скопје со кој требаше да почне кампањата за избор на претседател на Гордана Силјановска-Давкова, а всушност таа послужи како „предгрупа“ за походот на Христијан Мицкоски и походот на ВМРО-ДПМНЕ за освојување што е можно повеќе пратеници на парламентарните избори. Тоа е концептот на ВМРО-ДПМНЕ за овие двојни избори во кои главната цел е бројот на пратениците. Тоа е нивна стратегија и имаат право да се придржуваат кон неа.

Дали тоа ѝ наштетува директно на Силјановска-Давкова граѓаните ќе си донесат свој суд? Дали таа лесно се согласила на таквиот концепт не е којзнае колку важно. Дали  можеби таа барала да се направи таква структура врз тој концепт? И тоа не е којзнае колку важно. Во перцепцијата на граѓанинот е дека таа е на сплавот на Христијан Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ и може тоа ќе ѝ донесе повеќе гласови отколку сама со својата мала екипа да ја крстари Македонија. Не знаеме дали било проверувано од штапските аналитичари дека самостојноста во настапот и нејзината нашироко потенцирана личност како една од „најинспиративните професори“ на Правниот факултет може да донесе поен плус кај граѓаните. Или, пак, тоа не треба да се случи.

Четворица професори, но само една е „професорката“

Меѓу седумтемина кандидати има четворица кои се професори на факултет, но само за Силјановска-Давкова во најавите се употребува посебниот епитет „професорката“. Како да е таа професорка над професорите. Тоа треба да ѝ даде уште посветла аура. За да го оправда тоа постојано апострофирање со „професорката“ таа и така се однесува во преткампањата и во првите денови на кампањата – како да е на стручен собир за некаква уставна материја. И покрај четирите години како пратеник (и поранешните две години во дведесеттите како министер) Гордана Силјановска-Давкова не успеа да се претстави и обучи како политичар, туку во најголем дел поради своите настапи реши да остане во својот округ – „професорката“. Кај многумина тоа може да ѝ донесе дополнителни поени, а други мислат дека таа, ако биде избрана за претседател, треба да носи одлуки, а не да расправа за теоретски прашања. Кој тег ќе превагне, ќе видиме. 

Кандидатката за претседателка на државата на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова на првиот митинг од изборната кампања во СкопјеФотографија: Boris Georgievski/DW

Откако се дозна дека на отворањето на кампањата на Стево Пендаровски во Прилеп не бил и претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во опозициските редови и пропозициските медиуми наголемо почна да се зборува и пишува дека лидерот на социјалдемократите на одреден начин го напуштал шефот на државата (или обратно) затоа што знаел дека ќе загуби. Тоа не е само стратегија да се наметне преовладувачко мислење во јавноста, туку и генерално различно поимање на политиката.

Според објавата на Фејсбук, Ковачевски во тоа време бил на ифтарска вечера во Сарај меѓу поддржувачите на партијата. Колкав грев е тоа – да се направи чест во рамазанските денови?

Стево Пендаровски сѐ уште е актуелен шеф на државата. Тој сѐ уште е и врховен командант. Тој се бори за втор мандат. Дали на еден врховен командант му е потребно да биде носен по митинзите низ Македонија од лидерот на партијата што застана зад него. Тоа би било, на одреден начин, и самопотценување на врховниот командант. Ако тој не може сам да води кампања, тогаш дали ќе може сам да води и држава?

Ова не се реторички прашања, туку повеќе завлегуваат во самостојноста во личноста која треба да има највисок изборен легитимитет во државата. И на претходната кампања кога Гордана Силјановска-Давкова загуби од Стево Пендаровски таа беше секаде придружувана од Христијан Мицкоски. Ако се сеќавате, тоа го правеше и Никола Грувски во кампањите на Ѓорге Иванов. Веројатно тоа е партиска стратегија - лидерството да има некаква контрола во настапите на кандидатот за претседател.

По завршувањето на митингот во четвртокот пред Владата Мицкоски покровителски ја прегрнуваше кревката Силјановска-Давкова. Се разбира, тука нема ништо лошо. Но, прашање која е границата на тоа покровителство. Дали и без да знаете ја поминувате и тоа го става во непријатна ситуација идниот можен врховен командант?

Вчера Пендаровски беше на митинзи во Пробиштип и Штип, а Силјановска-Давкова во Струга и Ресен. Пендаровски самостојно им ги испраќаше пораките до граѓаните, Силјановска-Давкова го имаше нејзиниот „носач на звук“ Мицкоски. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се обиде на тоа да му даде поинаков призвук и рече: „Причината зошто Ковачевски не ги посетува неговите митинзи освен слабиот рејтинг, е и желбата во која Пендаровски верува, а тоа е дека сака повеќе да ја има поддршката од ДУИ отколку од Ковачевски и СДСМ. Нему му е поважно ДУИ да го гласа, отколку СДСМ да го поддржи“.

Прашање е дали и во наредните денови тој ќе ја повторува оваа приказна за Пендаровски и таа да се враќа како бумеранг или ќе ја остави Силјановска-Давкова сама да справува со предизвиците на митинзите. Треба да се верува дека професорката го може тоа. Плус, за петнаесетина дена ќе почне и кампањата за парламентарните избори, што значи дека четириесетина дена секое попладне и вечер Мицкоски треба да се појавува на митинзите. Неговата енергија е неспорна, прашање е дали пораките ќе бидат свежи како на почетокот кога е главен ескорт на Гордана Силјановска-Давкова. А плус е шеф на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ. Три или четири во едно. Но, партијата веројатно и тоа го пресметала.

Претседателскиот кандидат на СДСМ и актуелен шеф на државата, Стево Пендаровски на првиот митинг од изборната кампањаФотографија: Boris Georgievski/DW

Бујар Османи, кој со автобус почна да ја крстари Македонија во кампања со специфичен стил, исто оди сам на средбите со граѓаните и на митинзите. Барем во овие два дена не видовме дека нему му треба покровителството на Али Ахмети. Тој се претставува како Бујар Османи и ги набројува сите успеси кои, како што смета, ги постигнал како министер за надворешни работи. Тој сака да се претстави себеси како личност која се бори за највисоката позиција на државата. Ако за тоа му е неопходна поддршката од Ахмети на митинзите, прашање е колку тоа ќе му помогне.

„Отвори се и биди свој“

А сега една мала поука од Барак Обама до лидерот на британските лабуристи Кир Стармер, чија партија води најмалку 20 проценти во сите анкети изминатава година пред владејачките конзервативци. Изборите ќе се одржат годинава, а за датумот ќе одлучи премиерот Риши Сунак. Водството во анкетите е огромно, но победата не е сигурна, работите во некој момент може да почнат да се вртат.

Обама, кој сите свои кампањи и за сенатор и за претседател на САД ги водеше извонредно, речиси беспрекорно, го советува Стармер да се „отвори и да биде свој“. Како дојде до тоа. Дури и најблиските поддржувачи на Кир Стармер станаа фрустрирани од неговата неспособност да се отвори во јавноста. Но, нешто се промени неодамна. Благодарение на малата помош од Барак Обама главниот фаворит да стане идниот британски премиер почна да споделува со јавноста, дури дозволувајќи си да стане емотивен за неговите покојни родители во телевизиско интервју.

Двајцата беа запознати преку лабуристот Дејвид Лами, министер за надворешни работи во сенка и нивен пријател, кој изјави дека клучната порака на Обама до лидерот на лабуристите е да биде автентичен.

„Пристапот на Обама е секогаш во автентичност“, рече Лами  во поткастот на „Политико“. „Го видовме Кир Стармер како зборува многу повеќе за... неговата мајка - неговата мајка ужасно се бореше со болеста многу, многу години, неговиот татко се грижеше за неа - [и] зборуваше за својата историја, многу полежерно отколку што можеби видовме неколку пред години. Обама имаше цврсти ставови дека Кир треба да го стори тоа“.

Лами, кој исто како и Обама студираше на Правниот факултет на Харвард и се сретна со поранешниот претседател на алумни за црнци, рече дека за време на серија повици преку зум советот бил дека политичарите од 21. век мора да „комуницираат кои се навистина“.

Според „Гардијан“, Стармер почнал да разговара со Обама во 2021 година, кога Лами договорил поранешниот претседател да биде неформален советник.

Таткото на Кир, Родни Стармер, бил изработувач на алати кој бил „целосно посветен“ на грижата за мајката, Џозефина, која живеела со болеста Стил, ретка и исцрпувачка болест. 

Поранешниот американски претседател, Барак Обама (архивска фотографија)Фотографија: Jane Barlow/PA Wire/dpa/picture alliance

Кога Стармер почна да зборува за неговиот татко во разговорите со Обама, „Барак само што оживеа“, вели Лами. Откако го слушна Стармер како зборува за неговата татковска врска, Обама почна „понатамошно да го испрашува Кир“, рече Лами, верувајќи дека приказната може да стане „архитектура за вистинска кампања“ заснована на чувството дека работните луѓе се запоставени од политичките класи.

Пред интервенцијата на Обама, Стармер не сакаше да разговара за неговиот татко, опишувајќи го во едно интерву во 2020 само како „тежок човек, комплициран човек“, кој „се чуваше за себе“. Но, на почетокот на 2022 година, лидерот на лабуристите почна да се отвора, со говор во кој ја изложи својата визија за нов „договор“ со британскиот народ заснован на „безбедност, просперитет и почит“.

Можеби е илузорно да се верува дека македонските политичари ќе се обидат да преземат вакви обрасци во една жестока кампања за кои и нема време. Сепак, овдешната политичка култура е многу поинаква од британската. Ниту пак кој било политичар би се осмелил да каже дека неговиот татко бил „тежок човек, комплициран човек“. Но можеби би успеал да дофати дел од пораката на Обама до Стармер: „Биди автентичен, отвори се, биди свој“. Неверојатно лесно да се каже, но ѓаволски тешко да се направи, особено во кампања со големи влогови. Но треба и да се знае како да се направи тоа, а да не биде на работ на патетичноста.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми