Избори: Аргентинците го поддржaa реформскиот курс на Милеи
27 октомври 2025
И покрај корупцискиот скандал во неговото опкружување и натаму слабата економија, ултралибералниот претседател на Аргентина, Хавиер Милеи, извојува изненадувачка победа на конгресните меѓуизбори. Неговата партија, Ла Либертад Аванза (Напредок на слободата), освои околу 41 процент од гласовите, објави изборната комисија по пребројувањето на околу 90 проценти од сите гласови.
Опозициската партија од левиот центар, Фуерза Патрија, доби околу 24 отсто од гласовите. Милеи зборуваше за пресвртницата и вети дека ќе ги продолжи реформите кои неговата влада и натаму ги смета за неопходни. Сепак, излезноста на гласачите беше историски ниска: гласањето е задолжително во Аргентина - но гласаа само 66 проценти од гласачите.
Гласањето, на кое беа избрани половина од Претставничкиот дом и една третина од Сенатот, се смета и за тест за расположението на половина од претседателскиот мандат на Милеи. Откако победи на претседателските избори во 2023 година, тој спроведува радикална политика на штедење. Иако успеа да го балансира буџетот и да ја намали инфлацијата, посакуваното економско закрепнување досега недостасува. Исто така, популарноста на Милеи неодамна се намали поради намалувањето на трошоците и корупцискиот скандал.
Милеи досега немаше мнозинство во двата дома
Партијата на Милеи досега беше во малцинство во двата дома и се надеваше дека со освојување на дополнителен број места, ќе може да ја стабилизира својата влада. Милеи не успеа со многу од неговите предлози поради опозицијата во двата дома на парламентот. Неодамна, тој владееше претежно со декрети, а неговите законодавни иницијативи постојано беа блокирани во Конгресот. Така, амбициозната реформа на Милеи беше запрена. Со овој резултат, Милеи, заедно со своите сојузници, можеше да достигне најмалку една третина од мандатот во Конгресот, а со тоа и до потребниот кворум за да го одбрани своето претседателско вето врз одлуките на парламентот.
На регионалните избори во најнаселената покраина околу главниот град Буенос Аирес, партијата на Милеи претрпе тежок пораз во септември. Американскиот претседател Доналд Трамп ја услови натамошната масовна поддршка на неговата земја за финансиски ослабената Аргентина со позитивен исход од парламентарните избори за Милеи.