1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори: Британците ги загрижува сѐ потенкиот паричник

Артур Саливан
3 јули 2024

Граѓаните на Велика Британија во четврток избираат нов состав на Парламентот, а најверојатно Конзервативците ќе доживеат историско фијаско. Британците се разочарани од поскапувањата и немањето јавни инвестиции.

премиерот Риши Сунак Велика Британија
Партијата на премиерот Риши Сунак според анкетите ќе доживее голем поразФотографија: Leon Neal/AFP/Getty Images

Пред изборите во Велика Британија, анкетите покажуваат дека владејачката Конзервативна партија ќе биде речиси прегазена. Се чини дека по 14 години во опозиција, Лабуристичката партија е подготвена да се врати во владата и тоа со огромно мнозинство.

Анкетите покажуваат дека главната причина за тоа е фрустрацијата од состојбата на економијата. Според истражувањето на Истражувачкиот центар Пју, само 22 отсто од гласачите веруваат дека економијата на Велика Британија е во добра состојба.

Тоа го потврдуваат дури и цврстите поддржувачи на Конзервативната партија. Додека во 2017 година околу 75 отсто од симпатизерите на партијата позитивно ја оценуваа состојбата на економијата, таа бројка сега падна на 27 отсто.

Ова не е добра вест за партија која имаше деценија и пол да ѝ ја наметне својата економска визија на земјата. Сепак, владата укажува на некои умерено позитивни економски податоци од изминатите неколку месеци за да покаже зошто уште еднаш треба да ѝ се укаже доверба да ја води шестата по големина економија во светот.

„По несомнено тешките неколку години за земјата, работите сега почнуваат да се подобруваат“, рече  британскиот премиер Риши Сунак  во мај. „Довербата во економијата и земјата се враќа."

Во првиот квартал од 2024. година, економијата на Велика Британија излезе од рецесија со 0,6 отсто поголем раст од очекуваниот. За прв пат по три години, инфлацијата исто така падна и тоа на прокламираната цел на Банката на Англија од два отсто, со што ги зајакна очекувањата дека централната банка ќе ги намали референтните каматни стапки подоцна ова лето.

Ендрју Гудвин од „Оксфорд економикс“ потврдува дека има знаци на економско закрепнување. „Со оглед на последните неколку години, економијата оди прилично добро“, вели Гудвин за ДВ. „Растот е одржлив, иако не со темпото што обично се гледа во раните фази на закрепнувањето“.

Загриженост на гласачите

Гудвин, сепак, укажува дека ваквите детали од економската политика не се голема тема во  предизборната кампања.

„Економската политика  не им се допаѓа многу на гласачите  и партиите најмногу се фокусираа на други прашања“, вели тој. „Сепак, притисоците на трошоците за живот и недоволното финансирање на јавните услуги се два клучни фактори зад желбата на гласачите за промени."

Протест на Британците поради лошата ситуација на Националната здравствена службаФотографија: Dinendra Haria/AA/picture alliance

Креон Батлер, шеф на одделот за глобалната економија и финансии во „Чатам Хаус", исто така, смета дека економската клима најмногу ги мотивира гласачите, особено прашањето за инфлацијата. И тој потврдува дека финансирањето на јавните услуги е многу важно за гласачите.

„Тие ги гледаат последиците од лошата економија за Националната здравствена служба, но и за цела низа други служби, од полицијата, преку локалните власти, до трошоците за патишта и слично“, вели Батлер за ДВ.

„Значи, она што јавноста го гледа е резултат на лошите економски резултати, што значи дека владата нема доволно пари да троши на клучните јавни услуги."

Главното прашање за идната влада ќе бидат јавните инвестиции. Неодамна објавената анализа на Институтот за фискални студии на Велика Британија предвидува дека инвестициите во јавниот сектор ќе паднат од очекуваните 2,4 отсто од БДП оваа година на само 1,8 отсто од БДП до 2028. година.

„Ми се чини дека јавноста не може од политичките партии да ја слушне комплетната приказна за навистина тешките одлуки што мора да ги донесеме“, вели Батлер.

„Последиците од слабоста на економијата, а особено за растот на продуктивноста, не ѝ се доволно објаснети на јавноста - односно до степен што е потребно да се подготви јавноста за тешките одлуки што ќе треба да ги донесе владата, вели тој.

Со тоа се согласува и Ендрју Гудвин: „Се дебатира за обликот на фискалната политика по изборите, но двете партии во голема мера го игнорираат лошото наследство со кое ќе треба да се соочат ако ја формираат следната влада“, предупредува тој.

Колку се разликуваат партиите во однос на економската политика?

И додека двете страни се расправаат за различни прашања, вклучително и како да се поттикне продуктивноста и растот на БДП, многу коментатори истакнуваат дека нивните економски политики не се разликуваат многу.

По катастрофалниот и  рекордно краток мандат на Лиз Трас,  која помина само 49 дена како премиер, Лабуристичката партија се претставува како стабилна опција за управување со економијата.

Владата на Лиз Трас падна поради нејзината многу нетипична економска политика, што го наруши имиџот на Конзервативците како партија позната по својата економска експертиза. Но, откако Џереми Хант ја презеде функцијата министер на финансии, немаше големо противење од Лабуристите за неговите економски потези.

Владата на Лиз Трас го проигра имиџот на Конзервативците како партија позната по својата економска експертизаФотографија: Hannah McKay/REUTERS

Рејчел Ривис, која ќе стане министерка за финансии ако Лабуристите победат, има генерално слични ставови со Хант за оданочувањето и фискалната политика, што ќе биде од клучно значење кога станува збор за политиката за јавна потрошувачка.

Креон Батлер, сепак, смета дека изгледите за формирање лабуристичка влада по 14 години на Конзервативците значи дека фундаменталните економски промени можеби се на пат.

„Важно е да не се потценува фактот дека целокупниот пристап би бил многу поинаков, бидејќи нивната филозофија е исто така различна“, рече тој.

Батлер оценува дека Лабуристичката партија суштински се разликува од Конзервативците во три области на економската политика: улогата на јавниот сектор, регулативата и  односот кон Европската унија.

Влијанието на лабуристичката влада веројатно најбрзо ќе се почувствува во односите со ЕУ. Иако Кир Стармер, откако стана лидер на Лабуристите, студиозно избегнува да зборува за Брегзит, Конзервативците сепак се обидоа да ја прикажат победата на лабуристите како „лоша за Брегзит“. 

„Брегзит би бил во опасност  под Лабуристите“, изјави неодамна премиерот Сунак.

Батлер вели дека Лабуристите имаат „помалку багаж“ од Конзервативците кога станува збор за ЕУ. Иако можеби нема да сакаат повторно да ги отворат преговорите за, на пример, повторно пристапување во Царинската унија, тие сепак ќе сакаат да развијат посрдечни и попродуктивни односи со ЕУ отколку што беа во последните години.

Тој, сепак, истакна дека кој и да победи на изборите, долгорочните последици од напуштањето на Европската унија ќе продолжат да имаат огромно влијание. Различни студии покажаа дека БДП на Велика Британија денес е меѓу два и три проценти помал отколку што би бил доколку не се случеше Брегзит.

„Со оглед на нашата моментална економска позиција, тоа е апсолутно фундаментално“, заклучува Батлер.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми