1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово: Излез од политичкиот ќорсокак преку избори?

Вјоса Ќеркини | Кено Верзек
27 декември 2025

По парламентарните избори во февруари годинава, во Косово со месеци немаше функционален парламент, а секој обид за формирање влада пропаѓаше. Предвремените избори треба да донесат расплет, но многу гласачи се скептични.

Косово Приштина 2025 | Работници закачуваат изборни постери со Албин Курти
Работници во Приштина закачуваат изборни постери за актуелниот премиер на Косово, Албин Курти, и неговата партија СамоопределувањеФотографија: Valdrin Xhemaj/REUTERS

Булеварот „Захир Пајазити“ во центарот на Приштина е осветлен со празнични божиќни светла. Мали дрвени колиби, украсени со шарени божиќни украси, ги канат минувачите на греано вино или хот-дог. Пешачката зона во Приштина и во зима е многу популарна кај Косовците - тие се собираат на корзо, особено кога празничните светла ги осветлуваат долгите ноќи.

По десет месеци политичка блокада, Косовците повторно гласаат на 28 декември

Просветлување - тоа многу луѓе во Република Косовоси го посакуваат и за политичарите во земјата. На 28 декември, гласачите по вторпат за само 10 месеци ќе треба да излезат на гласачките места за да изберат нов парламент.

Во очите на многу Косовци 10 месеци немаше ништо друго освен политички театар - повеќето од нив се веќе уморни.

28-годишниот студент Лиридон Спахиу, кој се среќава со пријатели во близина на тезгите на божиќниот пазар на булеварот „Захир Пајазити“, вели дека всушност се интересира за политика. „Мора да се интересираме, сакале ние или не“, вели тој и додава дека нештата не може да продолжат како досега. „Во последните месеци, сите сè повеќе се прашувавме што се случува со оваа земја и со оваа политика?“

Лиридон Спахиу, студентФотографија: Vjosa Cerkini/DW

Бесконечна блокада

До тоа дојде откако парламентарните избори на 9 февруари 2025 година, на дотогаш со апсолутно мнозинство владејачката левичарско-национална партија Самоопределување (ВВ), ѝ донесоа само 42 проценти од гласовите.

Од друга страна, коалицијата од десниот центар составена од Демократската партија на Косово (ПДК), Демократската лига на Косово (ЛДК) и Алијансата за иднината на Косово (ААК), освоија само 46 проценти.

Останатите гласови беа распределени меѓу малцинствата во земјата. Ниту ВВ ниту блокот од десниот центар не постигнаа мнозинство од 61 место во 120-члениот парламент на Косово.

Како најсилна пратеничка група, Самоопределување со актуелниот премиер Албин Куртиимаше право да номинира кандидат за претседател на парламентот. Но, беа потребни повеќе од шест месеци, повеќе од педесет гласања и одлука на Уставниот суд за конечно политичарот Димал Баша кон крајот на август да добие и гласови од десниот центар.

Премиерот Албин Курти на отворањето на пешачки мост во Митровица, северно Косово, на 17 декември 2025 годинаФотографија: Valdrin Xhemaj/REUTERS

„Интересите на граѓаните второстепени“

Претседателот на Парламентот е клучна фигура во Косово за започнување на политичкиот процес по изборите, бидејќи само тој може да ја одреди агендата и со тоа да ја иницира работата на парламентот.

Обидите за формирање мнозинска влада почнаа кон крајот на август, но преговорите на Албин Курти со опозицијата беа неуспешни. Не помогнаа ниту повеќето средби кај косовската претседателка Вјоса Османи во тој правец.

На 20 ноември 2025 година не преостана ништо друго освен распуштање на парламентот и распишување предвремени избори за 28 декември.

За косовскиот политиколог Доника Емини јасно се покажало дека „интересите на земјата и на граѓаните се второстепени за политичката елита“. „Важно е партиите да покажат политичка зрелост со тоа што ќе бидат подготвени да формираат владини коалиции“, вели Емини за ДВ. Политикологот сепак препознава зрак надеж за промена во тоа што Курти и ВВ изминатите недели се покажале поотворени кон другите партии, што би можело да укаже на крај на ќор-сокакот по изборите.

Доника Емини, политикологФотографија: Arben Llapashtica

Една од најсиромашните земји во Европа

Годината што се ближи кон крајот де факто е изгубена за Косово поради политичкиот ќор-сокак без преседан и тоа во ситуација кога земјата има очајна потреба од социјални, економски реформи и реформи во владеењето на правото.

Најмладата држава во Европа е меѓу најсиромашните на континентот. Стапката на невработеност, според официјални податоци, изнесува повеќе од 25 проценти, а уште поголема е меѓу младите лица.

Околу една петтина од населението живее под границата на сиромаштија, во земјата нема општо здравствено осигурување, а образовниот систем страда од недостиг на квалификуван персонал и соодветни капацитети. Сето тоа уште во минатите години предизвика масовен егзодус на млади луѓе - и трендот непрекинато продолжува.

Финансискиот прилив од дијаспората, од која Косово зависи во голема мера, е меѓу 12 и 18 проценти од БДП во изминатата деценија; во 2024 година тој сочинуваше околу 13 проценти.

Поради политичкиот ќор-сокак, не можеше да се пристапи до околу 820 милиони евра средства ставени на располагање од страна на ЕУ. Земјата не беше во можност да усвои буџет за 2026 година, ниту пак можеше да спроведе судски реформи или да донесе други закони важни за економоијата.

Легитимна, но несмасна „политика на суверенитет“

Згора на тоа е ситуацијата во конфликтот со Србија. ЕУ со години притиска Косово да постигне „порамнување“ што вклучува услови делумно неприфатливи за Косово, како создавањето колективен статут за српското малцинство. Во очите на многу косовски политичари тоа може да доведе дотаму земјата да биде блокирана на неодредено време од страна на Белград, бидејќи организациите и институциите на српското малцинство се контролирани од српската влада.

Спротивно на тоа, лево-националниот премиер Курти и неговата партија со години водеа „политика на суверенитет“ чија цел првенствено беше елиминирање на паралелната држава во северно Косово. Премиерот Курти во принцип легитимната политика ја водеше на некогаш многу конфронтирачки и несмасен начин. На крајот, тој и неговата влада беа црните овци во конфликтот со Србија. Косово беше санкционирано, што е апсурдно, делумно затоа што ЕУ не сакаше да ризикува конфликт со Србија.

Дури пред неколку дена ЕУ објави дека ќе ги ослободи замрзнатите средства за Косово, а причината е што по локалните избори во октомври 2025 година, градоначалници од партијата „Српска листа“ под контрола на Белград, која ги бојкотираше локалните избори во 2023 година, се најдоа повторно на функција во општините на северот од земјата.

Граѓаните бараат договор, стабилност и реформи наместо политички театар

Меѓу пешаците во пешачката зона во Приштина, ваквите теми играат помала улога.

65-годишниот пензионер Нухи Аслани се жали: „Сите сме незадоволни - како би можеле да не бидеме?!“ Тој не верува дека по парламентарните избори на 28 декември ќе се смени нешто на подобро. „Блокадата сигурно ќе продолжи“, вели тој.

50-годишниот трговец Назми Гаши има еден совет за политичарите по изборите. „Резултатите не се најважни - важно е да настане свест, да се постигне договор“, вели тој.

Лиридон Спахиу се надева дека партиите ја препознале политичката апатија на гласачите. „Луѓето веќе не сакаат да гледаат суети на политичари, туку работа и ангажман за земјата и подобар живот за секој од нас“, вели тој.

Вјоса Ќеркини Се занимава главно со теми од Косово, другите балкански земји и нивните односи со Западот
Кено Верзек Уредник, автор и новинар за Европската програма на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми