1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори: Обвинувања за тајни коалиции и лажен патриотизам

ДТЗ
30 септември 2025

Владејaчката ВМРО-ДПМНЕ од Скопје, а опозициската СДСМ од Крушево и Демир Хисар, го започнаа изборниот караван со пораки дека овие локалните избори се одлука за тоа „каква Македонија сакаме да имаме“.

Луѓе мавтаат со македонски знамиња на митинг на ВМРО-ДПМНЕ
Владејaчката ВМРО-ДПМНЕ од Скопје го започна изборниот караванФотографија: Petr Stojanovski/DW

Владејaчката ВМРО-ДПМНЕ од Скопје, а опозициската СДСМ од Крушево и Демир Хисар го започнаа изборниот караван со пораки дека овие локалните избори во октомври не се само обични избори, туку ќе бидат одлука за тоа „каква Македонија сакаме да имаме“. 

Додека премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски очекува излезеност помеѓу 850 и 900 илјади граѓани и се надева дека ќе освојат над 400.000 гласови, со што би оствариле историски најдобар резултат на локални избори, лидерот на опозицијата Венко Филипче вели дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде непријатно изненадена, затоа што „повеќе не можат да излажат толку голем број на граѓани“, како на парламентарните и претседателските избори лани. 

Крај на „длабоката држава“

На митингот во Скопје, со кој започна кампањата за претстојните локални избори, Мицкоски најави дека по изборите ќе има реформи во правосудниот систем со цел конечно во Македонија да може да се испорача правдата и да се стави крај на „длабоката држава“.

Мицкоски најави дека по изборите ќе има реформи во правосудниот системФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Сакам да најавам дека после локалните избори нема да има ниту политичка коректност ниту правна толеранција кон структурите што функционираат како длабока држава во одбрана на криминалот. Следуваат реформи за кои знам дека некои платени мегафони ќе паѓаат во несвест, но овојпат мора да нѐ биде. Не може веќе правдата да чека, ниту да функционираме во две паралелни, нееднакви Македонии. Доаѓа времето на правда“, рече Мицкоски. 

Тајни коалиции

Тој упати порака и до политичките противници дека „нивните тајни коалиции дека ќе бидат поразени“. „Ќе биде поразена и првата спрега на ДУИ и Левица, но и онаа на СДСМ со еден кандидат за градоначалник на скопска општина и оти на овие избори народот ќе им свири крај“, рече Мицкоски. 

Мицкоски се осврна и на резолуцијата предложена од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, која ја нарече „поклон за Бугарите – нов ’бонбона-бизнис’“.  „Кому треба сега овој негов предлог да служи? Јасно е дека ова е некое ново додворување на СДС кон Бугарите, на штета на Македонија. Тоа јас нема да го дозволам и нема да донесам одлука на штета на македонската држава – по ниту една цена. Сè додека јас сум премиер, има само едни црвени линии: тоа се македонските државни и национални интереси“, рече Мицкоски.  

Кандидатот за градоначалник за Скопје на ВМРО-ДПМНЕ, Орце ЃорѓиевскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тој најави „вистински промени“ кои не доаѓаат како молња, туку како изгрејсонце - тивко, но неизбежно. Кандидатот за градоначалник за Скопје, Орце Ѓорѓиевски го претстави како „човек кој не те остава сам, на кој можеш да се потпреш“, поради што „Скопје за првпат ќе добие прво човек, а потоа градоначалник“. 

Ѓоргиевски пред присутните на митингот порача дека неговата работа ќе се темели на седум столбови. Првиот е одржлив урбан развој, вториот столб е здрава животна средина, третиот е целосна комунална и сообраќајна обнова, четвртиот столб е културата, петтиот е дигитална трансформација, шестиот се младите и науката, а седмиот столб - јавната грижа и безбедноста.

„Доста за лагите, неправдата и лажниот патриотизам“

Според лидерот на СДСМ, Венко Филипче на овие избори граѓаните избираат повеќе од партија - „избираат иднина и дом кој ќе им го оставиме на нашите деца“.

„На 19 октомври, имаме можност да кажеме доста на лагите, на неправдата и на лажниот патриотизам. Има можност да избереме чесни луѓе, луѓе со интегритет кои ќе одговараат пред вас, граѓаните. Сите заедно да излеземе и да покажеме дека се бориме за Македонија и за сигурна и просперитетна иднина“, порача Филипче на трибината во Демир Хисар. 

Според лидерот на СДСМ, Венко Филипче на овие избори граѓаните избираат повеќе од партија - „избираат иднина и дом кој ќе им го оставиме на нашите деца“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ ветиле правда, но донеле неправди, нефункционалност на институциите, ниски плати, раст на цените и застој во економијата и правосудните реформи.  

Според лидерот на СДСМ, „ВМРО-ДПМНЕ не само што ја покажа својата неспособност, туку го покажа најгрдото лице за секој еден граѓанин кој живее во државата“.  „Ветија правда, а донесоа неправда. Видовме како ги штителе функционерите пожарот во дискотеката 'Пулс', да не бевме ние со нашите прес-конференции сите ќе останеа заштитени. Со тоа се откри најгрдото лице на оваа власт“, рече Филипче во Крушево.

ВМРО-ДПМНЕ на изборите настапуваат со слоганот „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“, додека СДСМ и коалицијата кампањата ја водат под слоганот „Се бориме за нашиот дом“, кој воедно е слоган за борба за поголема грижата, солидарност, правда, слободата и еднаквост и подобар живот за сите граѓани.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми