1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаАвстрија

Избори во Австрија: Ќе остане ли Карл Нехамер канцелар?

Лусиа Шултен
28 септември 2024

Дали десничарската Слободарска партија на Австрија ќе освои најмногу гласови на австриските избори? Тоа долго време се сметаше за сосема веројатно, но водството се намалува. Можеби поради неодамнешните поплави.

Актуелниот канцелар на Австрија Карл Нехамер
Актуелниот канцелар на Австрија Карл Нехамер одбива влада со КиклФотографија: Michael Indra/SEPA.Media/IMAGO

На изборите оваа недела (29 септември) политичките карти наново ќе се мешаат. А тоа веројатно ќе се однесува на следните пет години, бидејќи толку трае мандатот на власта во Австрија.

Околу 6,3 милиони гласачи во земјата можат да избираат меѓу многу различни партии од политичкиот спектар. Сепак, клучното прашање е дали десничарската Слободарска партија на Австрија повторно ќе биде најсилната политичка сила. На европските избори на почетокот на јуни најмногу гласови освоија десничарските популисти (25,3%), веднаш потоа конзервативната Народна партија на Австрија (24,5%), а потоа Социјалдемократите (23,2%).

Десничарите долго време водат на анкетите

Во анкетите, Слободарската партија на Австрија е на прво место повеќе од една година. Судејќи според последните анкети, таа би можела да освои 26-27 проценти.

Зад неа е конзервативната Народна партија на Австрија со 25 отсто и Социјалдемократите со 21 отсто поддршка.

Зелените, кои моментално се во владата, и Либералната партија НЕОС се борат за четвртото место со околу десет проценти.

Две мали партии, Комунистичката партија на Австрија (КПО) и Пивската партија на кабаре-уметникот Доминик Влазни, сè уште се надеваат дека ќе го надминат прагот од четири проценти и ќе влезат во парламентот.

Дали десничарскиот популист Кикл има шанса да стане канцелар?

Вообичаено за време на изборите се разговара за многу теми, вели во интервју за ДВ Силвија Крицингер, професорка по политички науки на Универзитетот во Виена. Но, на овие избори, миграцијата и безбедноста се особено важни за многу гласачи во Австрија.

„Нека биде вашата волја“, ветува десничарскиот популист Херберт Кикл на предизборните плакати низ целата земја. Тој им порачува на своите гласачи дека сака да стане „народен канцелар“. Тоа е термин што го користел и Адолф Хитлер, иако Кикл негира каква било намерна алузија.

Херберт Кикл и Харалд Вилимски - ликување и славје во Слободарската партија по европските избориФотографија: Helmut Fohringer/APA/dpa/picture alliance

Но, дури и да добие најмногу гласови, на патот на неговиот план стојат уште најмалку две лица - актуелниот канцелар Карл Нехамер и  претседателот Александар ван дер Белен (Зелени).

Ван дер Белен е одговорен за назначување на сојузниот канцелар. Шефот на државата е слободен и независен во одлучувањето кого да назначи, вели Петер Филцмајер. Во Австрија канцеларот не го избира парламентот, објаснува за ДВ професорот по политика на Универзитетот Дунав во Кремс.

Ван дер Белен однапред јасно стави до знаење дека нема да го назначи Кикл за канцелар. Значи, мандатот за формирање влада не мора нужно да оди кај победникот на изборите.

Нехамер не сака да влезе во влада со Кикл

Карл Нехамер во неколку наврати ја отфрли можноста да влезе во коалиција со Кикл или дури да води преговори за формирање влада со него. Во ТВ дуел оваа недела, актуелниот канцелар го опиша својот предизвикувач како „радикализиран“ и го обвини дека шири теории на заговор.

Сепак, овој став важи само за Херберт Кикл, додека Нехамер не ја исклучи целосно соработката со Слободарската партија.

Кои се можните коалиции?

Набљудувачите забележуваат сличности помеѓу Народната партија и Слободарската партија, на пример во областа на економската или  миграциската политика:  двете партии се залагаат  за  рестриктивен курс во миграциската политика.

Во својата изборна програма, Народната партија на Австрија се залага за „строг систем за азил“, сака да ја запре илегалната миграција и да воспостави процедури за добивање азил во странство.

Слободарската партија, од друга страна, продолжува да ја промовира идејата за „Тврдина Австрија“, заговарајќи одвраќање на мигрантите на австриската граница, подигање гранични огради во чувствителните области и суспендирање на правото на азил во случај на преоптоварување. Исто така, партијата се залага за таканаречената „ремиграција“, под која десничарските популисти подразбираат „враќање на сите илегални мигранти врз основа на законски одредби“.

Последната коалиција помеѓу Народната партија и Слободарската партија беше под  тогашниот сојузен канцелар Себастијан Курц.  Ненадејно заврши поради таканаречената афера „Ибица“.

Интерно во Слободарската партија, се смета дека е невозможно партијата, во случај на изборен успех, да го жртвува својот водечки кандидат, Кикл, за да учествува во владата.

Затоа, би било можно Народната партија да се сврти кон Социјалдемократите и друга трета партија, на пример НЕОС. Народната партија е во судир со Зелените, со кои во моментов е во владата, особено во врска со таканаречениот закон за ренатурација. Трипартитна коалиција би била новина во Австрија.

Дали поплавите во Австрија ќе означат пресврт во изборите? Фотографија: Christian Bruna/Getty Images

Народната партија ја намалува разликата во финишот

Сепак, најновите истражувања покажуваат дека разликата помеѓу Слободарската партија и Народната партија е само еден до два проценти. Тоа може да се должи и на  разорната поплава  која погоди големи делови од земјата пред речиси две недели. 

За актуелниот канцелар Нехамер тоа беше можност да се претстави како решителен кризен менаџер. Тоа секако не функционираше во корист на Слободарската партија, според политикологот Филцмајер. До поплавата, во изборната кампања доминираше темата за миграцијата, клучно прашање за Слободарската партија.

Александар Прел води изборна кампања во Виена. Тој сака да влезе во Националниот совет за Народната партија. Заедно со другите поддржувачи на кампањата, тој дели кеси со мали подароци, вклучително и марамчиња. Многу од нив ќе бидат потребни ако Кикл стане канцелар, стои на пакетот. Но, нема да дојде до тоа, вели Прел: „Цврсто сум убеден дека нашиот канцелар ќе продолжи да се вика Карл Нехамер“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми