1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Бугарија: Исходот познат, идната насока- не

Emilia Milcheva
Емилија Милчева
28 октомври 2024

Каква влада ќе се формира во Бугарија по седмите последователни предвремени избори - проевропска и евроатлантска или нешто друго? Тоа е дилемата по затворањето на гласачките места. Пишува Емилија Милчева

Убедлива победа на ГЕРБ на изборите во БугаријаФотографија: Nadezhda Peeva/BGNES

Бугарија повторно ќе има парламент за кој гласаше малцинството избирачи - под 38%, со уште поголема фрагментација на политичкиот систем и зајакнување на популистичкиот глас. Девет политички сили ќе имаат застапеност во 51. Народно собрание - ГЕРБ-СДС (26,15%), ПП-ДБ (15,14%), „Преродба" (13,7%), ДПС-Нов почеток (10,36%), БСП-Обединета левица (7,68%), Алијанса за права и слободи (7,02%), „Има таков народ“ (6,97%), MEЧ (4,65%) и „Величие“ (4,08%). Тоа е исходот на изборите од обработени 88% од гласовите.

Без оглед какви поместувања ќе се случат, тие нема да го сменат местото на првиот и неговото водство од повеќе од 10% во однос на вториот. Без преседан за последните години, но овој пат по завршувањето на изборниот ден, лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, даде изјава за јавно да се изјасни за одговорноста на партијата да формира Влада со секој кој ја поддржува нејзината програма - со исклучок на „Преродба“. Тој не ја отфрли партијата ДПС-Нов почеток на Дељан Пеевски, но предупреди за тешкотиите од преголема расцепканост: „Ако влезат сите овие партии - отсега знам дека нема да имаме влада“.  

Евроскептичен блок во 51. Собрание 

Во идниот парламент ќе има уште повеќе истомисленици на проруската и националистичка „Преродба“. Покрај БСП и ИТН, „Величие" има шанса повторно да влезе во парламентот, како партија која смета дека Бугарија не треба да и помага на Украина. Ќе биде претставен и МЕЧ кој повикува на итен прекин на воената помош за Украина и политика на целосна неутралност. Нејзиниот водач Радостин Василев го дефинира формирањето на оваа партија како „модернизирана верзија на про-Орбан проект во Бугарија“. Тој во политиката влезе преку ИТН, па премина во „Продолжуваме со промената“, во чија влада беше министер за спорт и од каде беше избркан поради дистрибуираната снимка од состанок на раководството.

Овој евроскептичен блок, чиишто конституенти поддржуваат линија на неутралност во руската војна против Украина (како претседателот Румен Радев), освои повеќе од една третина од идниот парламент. Притоа, геополитичката ориентација на Догановата Алијанса за права и слободи (АПС) сè уште не е целосно разјаснета, додека евроатлантизмот на другиот дел од поделениот ДПС - Нов почеток на Дељан Пеевски – е извесен.

Четири од партиите во овој анти-ЕУ блок - Преродба, БСП, Величие и ИТН - сакаат да го спречат усвојувањето на еврото. Некои од нив со формален аргумент дека Бугарија не е подготвена, а други како Ивелин Михаилов - дека еврото ќе го одземе суверенитетот и „ќе не претвори во федерална република“. 

Во кратката изјава на лидерите на ПП и ДСБ, изјавија дека сега топката е кај ГЕРБ, а приоритет ќе им бидат антикорупциските закони. По учеството во заедничката 9-месечна влада со ПП-ДБ, партијата на Бојко Борисов повеќе не е формацијата со која никој не сака да соработува, а притоа не е ни возможна алијанса против ГЕРБ како во 2021-2022 година. „Ќе седнеме и ќе се договориме со вториот кој друг да поканиме“, изјави неодамна Борисов во интервју за Дарик радио. Вторите - ПП-ДБ, не даваат никакви индикации дека сакаат да отстапат од својата формула за поделба на премиерската функција, но претстојат преговори. 

Повторно се бара уставно мнозинство 

Сепак, дури и да се формира владино мнозинство, повторно ќе биде потребно квалификувано двотретинско мнозинство или 160 пратенички гласови за парламентот да избере 11 нови членови на Врховниот судски совет, задача што се одложува повеќе од две години. Тоа значи постигнување компромис меѓу најмалку четири политички сили, а изборот е повеќе од неопходен, бидејќи актуелните кадри во правосудството ја започнаа процедурата за избор на нов јавен обвинител. А единствен кандидат е Борислав Сарафов кој привремено ја извршува оваа функција. 

Истото мнозинство од 160 гласа е потребно за некои од регулаторите на кои им завршиле мандатите. Во претходниот парламент мнозинството го обезбедуваа ГЕРБ-СДС, ПП-ДБ и ДПС, но тоа се распадна по спорот околу изборот на раководството на антикорупциската комисија и други кадровски решенија.

Но, ако сака да го достигне Планот за закрепнување и отпорност, во кој како услов е наведено и антикорупциското законодавство, 51-от парламент ќе треба да донесе некои закони и да го избере раководството на Антикорупциската комисија. Со присуството на антиевропскиот блок во идното Народно собрание, големо прашање е до каде ќе одат идните компромиси за сите овие избори.

Седмите предвремени парламентарни избори повторно не го покажаа излезот, но веќе постои опасност за насоката. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми