1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Чешка: Враќање на духот на популизмот

Кено Верзек
3 октомври 2025

Чешка по парламентарните избори може да се соочи со нестабилност. Деснопопулистичката партија на поранешниот премиер Бабиш јасно води на анкетите, но тоа веројатно нема да биде доволно за мнозинство.

Противник со чешко знаме за време на предизборната кампања на коалицијата „Заедно“ (Spolu) во Брно, Чешка
Противник на владината коалиција за време на предизборен настан во БрноФотографија: Patrik Uhlir/CTK/picture alliance

Чешкиот претседател Петр Павел, поранешен началник на Генералштабот во земјата, е присебен колку што е и човек со силни нерви. Како командант на чехословачка единица на падобранци на ОН, тој во 1993 година, за време на босанската војна, спаси опкружени француски војници од речиси безнадежна ситуација. Но, иако речиси никогаш не покажува емоции на настапите во својство на шеф на државата, подолго време остава впечаток на длабока загриженост за состојбата на демократијата во Чешка.

Во вторникот (30.09), на три дена пред парламентарните избори, тој имаше обраќање до нацијата емитувано во живо на многу чешки медиуми. Петр Павел предупреди од „изјавите на некои политичари дека овогодинешните избори мора да донесат промена на системот“. Тој категорично отфрла такво нешто и посочи дека демократскиот систем е втемелен во чешкиот Устав. По изборите на Чешка ѝ е потребна влада која „ќе го заштити нашиот суверенитет во рамките на заедницата на демократски држави и нема да нè предаде на самоволието на Русија и нејзините напори да ја врати својата сфера на влијание во Централна и Источна Европа“, рече Павел.

Настапот на Павел покажува дека на овогодинешните избори (3/4.10.2025) во прашање не е само изборот на нови пратеници, туку многу повеќе. По четири години на една успешна, но и не многу популарна, либерално-конзервативна коалициска влада под водство на премиерот Петр Фиала, која првенствено се соочуваше со сериозните финансиски последици од пандемијата на коронавирус и војната во Украина, се насетува промена кон десен популизам со сите веќе познати придружни појави како евроскептицизам, проруски и антиукраински ставови, антибегалска пропаганда, контра ЛГБТК и зелени политики за животната средина.

Чешкиот претседател Петр ПавелФотографија: Darko Bandic/AP Photo/picture alliance

Екстремисти во парламентот

Неспорен фаворит е партијата АНО (во превод: „Да“ и акроним за „Акција на незадоволните граѓани“) на деснопопулистичкиот поранешен премиер и милијардер Андреј Бабиш. Додека АНО ужива поддршка од 28 до 30 проценти, либерално-конзервативната владина коалиција СПОЛУ (Заедно) на три партии од десниот центар, ја поддржуваат 20 до 22 проценти од гласачите. За ковладејачката, исто така либерално-конзервативна партија СТАН (Градоначалници и независни), на анкетите се изјаснуваат 10 до 12 проценти од избирачите.

Во парламентот се очекува да влезат и зелено-либералните Пирати (7 до 9 проценти), како и три екстремистички опозициски партии: крајно десничарската „Слобода и директна демократија“ (СПД, 13 до 14 проценти), прорускиот комунистички сојуз „Доста е!“ (Стацило!, 5 проценти) и евроскептичната, десничарско националистичка Партија на Мотористите (или Возачи за себе - 5 проценти).

Широко распространето незадоволство

Чешка, заедно со Полска, е меѓу економски најуспешните земји од Централна Европа и од 1989 година досега не доживеала толку драстични националистичко-популистички владини фази како што имаше во Полска, Словачка или Унгарија - дури ни за време на владата на АНО под Андреј Бабиш од 2017 до 2021 година, кој во тоа време не настапуваше толку популистички како сега.

Лидерот на АНО, Андреј Бабиш беше премиер на Чешка од 2017 до 2021 годинаФотографија: Petr Sznapka/CTK/picture alliance

Тектонските геополитички промени, особено војната на Русија против Украина и токсичното влијание на Кремљ, во меѓувреме силно се одразуваат и врз Чешка. Како последица од руската војна, Чешка доживеа шок на цената на енергијата и инфлација до 15 проценти во 2022 и 2023 година, што и покрај владините мерки за помош тешко се одрази на многу луѓе, особено врз пензионерите. Дури од крајот на 2024 година економската состојба повторно се консолидира - инфлацијата нагло опаѓа, економијата бележи умерен раст, а и платите исто така. Сепак, незадоволството од владата на Фиала е големо и широко распространето.

Проруски, антиукраински наративи

Проруската и антиукраинската пропаганда на опозициските политичари, вклучувајќи го и лидерот на АНО, Андреј Бабиш, исто така придонесе за таквата ситуација. Чешка е еден од најупадливите поддржувачи на Украина. Петр Фиала беше меѓу првите странски лидери кои отпатуваа во Киев кон средината на март 2022 година- кога поголемиот дел од светот се беше откажал од земјата. Чешка прими рекорден број од околу 660 илјади украински бегалци, од кои околу 400 илјади и натаму живеат во земјата со население од 10,9 милиони.

Андреј Бабиш и други десни популисти и екстремисти го конструираа наративот дека владата на Фиала повеќе се грижи за Украина и Украинците отколку за самите Чеси. Бабиш го обвини Фиала дека „сонува за војна против Русија“. Тој се залага за прекин на воената поддршка за Украина, ограничување на помошта за бегалците и „разумно“ уредување на односите со Русија.

Чешкиот премиер Петр Фиала за време на посетата на Киев во октомври 2022 годинаФотографија: Ruslan Kaniuka/NurPhoto/IMAGO

„Влада на национално предавство“

Во овој контекст чешката надворешна политика и односите со Русија, особено од страна на владата, беа доминантни прашања во изборната кампања. Петр Фиала пред неколку дена изјави дека ако Андреј Бабиш дојде на власт, Чешка ќе се соочи со „влада на национално предавство“.

Некои аналитичари сметаат дека реално постои таква опасност. „Еден од соништата на Путин наскоро би можел да се оствари“, пишува Петр Хонцејк од весникот „Господарске новини“. „Доколку АНО дојде на власт, дали независно или во соработка со СПД, Доста е! или Мотористите, нашата земја ќе ја прекине одбраната од руски дезинформации и хибридни напади“, вели тој.

Други аналитичари го обвинуваат премиерот дека премногу се потпира на „сеење страв“ и дека ги игнорира домашните и економските прашања. Во весникот „Господарске новини“ коментаторот Јан Кубита наведува дека владините политичари требало да ги проучат делата на неодамнешните добитници на Нобеловата награда. „Тогаш можеби би разбрале дека предуслов за долгорочен раст и просперитет на една земја е токму подобрувањето на нејзините институции“, пишува Кубита. Многу Чеси навистина се длабоко незадоволни од јавната инфраструктура и гломазните државни институции, бирократијата и пребавното дигитализирање.

Чешката владина коалиција „Сполу“ води кампања со слоганот: „Чешко, брани се! Против руски колаборационисти“.Фотографија: Libor Sojka/CTK/picture alliance

Претседателот не е „спасител на Чешка“

Андреј Бабиш со години ветува дека ќе ги реши ваквите појави и дека ќе ја направи државата поефикасна. За време на неговиот мандат како премиер, тој сепак не исполни практично ниту едно од овие ветувања. Дополнително, се ветува и намалување на даноците, зголемување на пензиите, поголема помош за граѓаните во нужда и намалување на цените на енергијата и домувањето. Како сето тоа би се финансирало без задолжување, Бабиш не кажува.

Претседателот Петр Павел, кој има важна улога во формирањето влада, пред неколку недели навести дека под одредени услови нема да му го даде на Андреј Бабиш мандатот за премиер. Сепак, во говорот од вторникот, тој предупреди да не го доживуваат како  „спасител на Чешка“. Претседателот „не може да биде последната сламка за спас, која ќе го поништи изборниот резултат за еден или ќе спаси друг“, рече Павел, кој обраќајќи им се на гласачите со смирен и одлучен глас рече: „Вие одлучувате“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми